ПРЕКУ БЕСКОМПРОМИСНИТЕ ПЕРФОРМАНСИ НА И НАДВОР ОД ПАТ, ВИСОКО-ТЕХНОЛОШКАТА ШАСИЈА, АДАПТИБИЛНАТА ВОЗДУШНА СУСПЕНЗИЈА, ПОГОНОТ НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА И ИНОВАТИВНИТЕ ПРАКТИЧНИ ДОСЕТКИ TAYCAN CROSS TURISMO ДОКАЖУВА ДЕКА ИДНИНАТА ИМ ПРИПАЃА НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИТЕ.
Porsche ја најави иднината пред две години кога го претстави својот прв спортист на електричен погон Taycan, кој го вчудоневиди светот со својата појава и со перформансите, фрлајќи ракавица в лице на Tesla Motors. Иако на почеток земен со резерва се покажа дека спортското педигре на Porsche има солидна основа и Taycan го заслужи епитетот електричен спортист. Меѓутоа кај купето со четири врати се појави потреба од поголема практичност, па и способност за куси екскурзии надвор од асфалт.
Воден од потребите на современиот купувач Porsche создадe мултиталентирана варијанта на Taycan наречена Cross Turismo. Новакот профитира од постоечката високoтехнолошка шасија со погон на четири тркала, на која и е додадена адаптибилна воздушна суспензија и систем што дополнително обезбедува врвна возна динамика надвор од пат. Секако тука се и иновативните практични решенија.
ЧЕТИРИ ВАРИЈАНТИ И ПРЕКУ 600 КС ЗА МЕГДАН
Наследената платформа од Taycan му дозволува на Cross Turismo да стави на располагање електричен систем со напон од 800 V, што е два пати повеќе од напонот кој вообичаено се користи кај електромобилите. Пакетот батерии составен од 33 модули секој со по 12 ќелии има капацитет од 93,4 kWh кои дозволуваат автономија од 388 до 456 km зависно од моќноста на двата електромотори, по еден на секоја оска, и оптоварувањето. Во игра се четири изведби:
– Taycan 4 Cross Turismo со 380 КС кои со вклучен Launch-control растат на 476 КС доволно за спринт 0-100 km/h за 5,1 секунди и максимални 200 km/h со просечна потрошувачка од 28,1 kWh/100 km и авто- номија од 389-456 km.
– Taycan 4S Cross Turismo со 490 КС кои со вклучен Launch-control растат на 571 доволно за спринт 0-100 km/h за 4,1 секун- ди и максимални 240 km/h со просечна потрошувачка од 28,1 kWh/100 km и авто- номија од 388-452 km.
– Taycan Turbo Cross Turismo со 625 КС кои со вклучен Launch-control растат на 680 КС доволно за спринт 0-100 km/h за 3,3 секунди и максимални 250 km/h со про- сечна потрошувачка од 28,7 kWh/100 km и автономија од 395-452 km.
– Taycan Turbo S Cross Turismo со 625 КС кои со вклучен Launch-control растат на 761 КС доволно за спринт 0-100 km/h за 2,9 секунди и максимални 250 km/h со про- сечна потрошувачка од 29,4 kWh/100 km и автономија од 388-419 km.
АДАПТИБИЛНА ВОЗДУШНА СУСПЕНЗИЈА
Taycan Cross Turismo користи централно управувана интегрирана контрола на шасијата која ги анализира и синхронизира сите системи во реално време и управува со воздушната суспензија со трикоморна технологија. Така во реално време суспензијата се прилагодува спрема условите на патот, а во програмата за возење на лесен терен го подигнува автомобилот за 30 mm. Тогаш Cross Turismo лесно се справува на земјени и калливи патеки, како и оние покриени со чакал. Програмата за на терен влијае врз низа системи наменети за подобрување на контролата како и врз преносот на задната оска со што се обезбедува максимална тракција кога е лизгаво. Со одбирање на оваа програма се менува и одзивот на педалот за гас и управувањето. Карактеристики кои се посебно создадени за возење на терен, во смисол на испораката на моќност и прецизноста при водење. Од друга страна, пак, воздушната суспензија ја подобрува аеродинамиката на пат при високи брзини кога го спушта автомобилот во две фази зависно од брзината. Така се намалува отпорот на воздух што е важно за заштеда на енергија.
ПРАКТИЧНОСТА МУ Е ПОСИЛНА СТРАНА
Како мулти-талент Taycan Cross Turismo нуди практичност која повеќе може да се сретне кај еден вистински SUV. Всушност тој е првиот електричен CUV-Cross Utility Vehicle. Продолжувањето на кровот кој завршува со петта врата ослободило многу повеќе место за глава на патниците на задната клупа, или 47 mm повеќе од Taycan. Варијабилниот багажник од основни 446 расте до максимални 1.212 литри. Плус тука се мрежата со која багажникот може да се подели, куките за кеси и еластичните јажиња за врзување. Така багажот останува фиксиран дури и кога се форсира низ свијоци.
Уште една досетка е и ролетната на багажникот: извадена, цела се сокрива зад седиштата бидејќи на неа нема странични држачи. Тие се поставени во страниците и се преклопуваат, па така може да се користат и како дополнителни куки. Багажник има и под хаубата со волумен од 84 литри доволно за нужниот прибор. Во опција е и новоразвиена кутија за на кров која се поставува на постоечките шини, и е дизајнирана за високи брзини.
Taycan Cross Turismo може да се порача со посебно скроен носач за велосипеди. Развиен само за него може да носи до три велосипеди, а притоа вратата од багажникот да се отвора дури и кога е натоварен. Спакуван легнува совршено на дното од багажникот. Активните ќе им се радуваат на двата нови велосипеди eBike Sport и eBike Cross кои Porsche ги лансира паралелно бидејќи совршено одговараат на имиџот на Taycan Cross Turismo.
ДНК НА PORSCHE ЗРАЧИ ОД СЕКОЈ ПОРА
Визуелниот настап на Taycan Cross Turismo во голема мера се потпира на концептот Mission E Cross Turismo кого Porsche го претстави во 2018 година. Впечатлива е силуетата на Corss Turismo дефинирана од спортската линија на кровот која благо паѓа кон назад, а дизајнерите на Porsche ја нарекуваат летечка линија. Жар на настапот на Cross Turismo му даваат дизајнерските елементи на теренец како пластичните рамки на арките кои преоѓаат во масивна пластична заштита на браниците напред и назад накитени со неизбежните дифузори. Како заштита од прскање на камчиња Cross Turismo има специјални закрилца на краевите од браниците и на краевите од праговите спрема арките од тркалата. Покрај практичната намена закрилцата дополнително ја нагласуваат агресивната нота на Taycan Cross Turismo. Внатре доминира арматура со едноставни контури и лебдечка централна конзола оплеменети со екрани осетливи на допир преку кои се управува со сите функции на автомобилот. Погледот на возачот паѓа врз закривен екран од 16,8 инчи кој е замена за инструментите. Сепак, приказот на мерачите евоцира на типичните тркалезни инструменти на Porsche, а хоризонталниот распоред потсетува на класичниот 911. На врвот од арматурата е поставен компас кој се врти и со аналоген приказ дава информации за правецот, висината и времето. Остатокот е олицетворение на луксуз со спортска нота која одговара на реномето на Porsche.
Porsche не се сомнева во успехот на Cross Turismo. Мразот на електричната ера веќе го проби Taycan со преку 20.000 примероци испорачани во 2020 година. Колку за куриозитет, дури 70 проценти од сите модели на Porsche продадени во Норвешка минатата година отпаѓаат на Taycan. Затоа од продажбите на Cross Turismo кои стартуваат на лето со оглед на неговиот шик настап се очекува многу повеќе.