ВИСОКОПЕРФОРМАНСНИОТ ХИБРИД НА MERCEDES-AMG НАРЕЧЕН PROJECT ONE СОКРИВА 1000 КС И Е ПРВИОТ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ КОЈ УСПЕВА НАЈНОВАТА ТЕХНОЛОГИЈА ОД ФОРМУЛА 1 ДА ЈА ДОНЕСЕ ДИРЕКТНО НА УЛИЦА.
Да се донесе технологијата развиена во мотоспортот директно во автомобилите кои се возат на улица е сон на развојните инженери од самите почетоци на автомобилизмот како глобален феномен.
Секако овој сон не секогаш успевал да се оствари, но ретки среќници сепак го доживеале ова највозвишено инженерско задоволство. Меѓу ретките се и врвните инженери од Афалтербах, малото гратче кое е колевка на спортскиот оддел на најстариот производител на автомобили на светот. Погодувате? Станува збор за одгледувачницата на змееви AMG. Таму врвните инженерски умови успеаја да го доживеат блаженството носејќи ја технологијата од Формула 1 директно на улица преку врвното автомобилско ремек дело, хибридниот хипер автомобил наречен едноставно Project ONE.
Овој беснотилак на четири тркала е создаден со цел да се одбележи 50-от роденден на AMG и неговата врска со Mercedes која денес функционира како посебна марка крунисана со името Mercedes-AMG.
ПРЕКУ 1000 КС И 350 KM/H
Mercedes-AMG Project ONE е првиот болид од Формула 1 хомологиран за да вози на улица. Располага со фасцинатна избалансираност на хипер перформанси со висока ефикасност. Благодарение на хибридниот погон остварува моќност од преку 1000 КС кои му овозможуваат да оствари максимална брзина од преку 350 km/h. Про Од AMG наведуваат и дека е способен од место да улови 200 km/h за помалку од 6 секунди. Спринтот, или повистинито, катапултирањето од место до 100 km/h воопшто и не се споменува. Односно се води како безпредметно за споменување. Покрај стравичните забрзувања и крајна брзина, убавината на Project ONE е неговата возна динамика. Во AMG се перчат дека Project ONE вози подеднакво исто како што личи. На кусо, го одзема здивот. Тоа не треба да чуди бидејќи Project ONE ја подигнува границата на она што е технолошки изводливо и претставува репер по прашање на перформанси и ефикасност.
ТУРБО И ЧЕТИРИ ЕЛЕКТРОМОТОРИ
Под маркантната каросерија која со својата појава ветува високи перформанси Project ONE сокрива plugin хибриден погон составен од високовртежен турбо бензинец и четири електрични мотори. Бензинецот V6 има зафатнина од 1.6 литри и е земен директно од Формула 1 болидот на тимот Mercedes-AMG Petronas. Бидејќи е наменет за секојдневна употреба има ограничување на бројот на вртежи на максимални 11.000 min-1 што во моментот е единствено меѓу сериските автомобили. Способноста за високи вртежи условила вообичаените пружини на вентилите да се заменети со пневматски, а четирите брегасти вратила, по две во глава, се погонети со запченици место запчест ремен или синџир. Вака скроен моторот сам по себе остварува моќност од преку 680 КС кои директно на задната оска се испраќаат преку автоматизиран мануелен менувач со осум степени на пренос. За вкупната моќност од преку 1000 КС во игра влегуваат два електромотори поставени на предните тркала секој способен да генерира 160 КС, или вкупно 320 КС. Овие електромотори се способни да достигнат 50.000 min-1 – досегашните врвни остварувања одат до 20.000 min-1. Третиот електромотор е врзан директно на коленестото вратило и со своите 120 КС му помага на моторот при нагли забрзувања. Четвртиот електромотор го задвижува електричниот турбо полнач чија турбина се врти до 100.000 min- 1 и е главен виновник за енормната моќност на бензинецот и брзиот одзив на секое притискање на педалот за гас.
ДЕРИВАТ НА ТРКАЧКА СУСПЕНЗИЈА
За врвната возна динамика задолжен е врвниот систем за потпирање кому би му позавиделе дури и некои тркачки автомобили. Project ONE и напред и назад носи мултилинк водилки кои се спарени со опружна нога која работи по принцип на пушрод систем и е поставена скоро хоризонтално во шасијата. Вака дотераното подвозје го ограничува навалувањето држејќи го автомобилот рамно дури и во најостро одвозени свијоци заради што Project ONE достигнува високи вредности на страничните забрзувања. Од друга страна, пак, вака скроеното подвозје дозволува висока доза на комфор која е потребна при секојдневната употреба. Воедно сетапот на подвозјето може да се менува зависно од афинитетите на возачот.
ВОЗИ И НА БАТЕРИИ
Хибридниот систем на Project ONE му дозволува да вози само на батерии. При умерено возење низ градските улици овој високо перформансен хипермобил може во тишина да измине 25 km. Бројка која воопшто не е за потценување. Хибридниот систем покрај енормното зголемување на моќноста и способноста за спортски перформанси му помага на Project ONE да се претвори во најефикасниот хипермобил на светот. Изворот на енергијата доаѓа од литиумонски батерии кои заради заштедата на простор, пониското тежиште и воопшто подобриот баланс на автомобилот се сокриени во подот. Иновативниот хибриден систем наместо вообичаените 400 волти работи на напон од 800 V кој дозволува побрзо полнење на батериите, но и поголема моќност.
УБАВИЦАТА И ЅВЕРОТ
Дизајнот на Project ONE влече корени директно од мотоспортот што е и за очекување. Едноставно овој хипермобил личи како да бришка дури и кога стои. Во Mercedes-AMG ја врзале формата со функцијата. Исклучително мускулестите форми со огромни отвори за довод на свеж, и одвод на врел воздух, огромните арки кои ги обвиткуваат тркалата, тесната половина и кон напред поместената кабина јасно даваат на знаење дека Project ONE е тркач во цивилна носија. Како дополнителен украс доаѓаат уникатните ковани бандажи од лесен метал со иновативен полукапак од карбон-фибер кој значително го намалува струењето на воздухот околу автомобилот и со тоа ја подобрува аеродинамиката. Бандажите се со димензии 10.0 Ј х 19 напред и 12.0 Ј х 20 назад, а обуени се во гуми Michelin Pilot Sport Cup 2. Под бандажите се сокриваат карбон-керамички диск сопирачки кои значително ги скусуваат должините на с опирање. Отпорни се на прегревање што е пресудно за на патека. Место каде Mercedes-AMG Project ONE најчесто ќе орбитира. Како и да, е експертите од Афалтербах успешно донесоа една визија на пат.