КОЛОСАЛЕН ПИКАП СО ПЕРФОРМАНСИ НА СУПЕРСПОРТИСТ ДОАЃА ОД ОДГЛЕДУВАЧНИЦАТА НА ЗМЕЕВИ НА BRABUS И НУДИ УЛТИМАТИВНИ ТЕРЕНСКИ СПОСОБНОСТИ СПРЕМНИ ДА ГИ ПРЕДИЗВИКААТ И НАЈСМЕЛИТЕ АВАНТУРИСТИ.
Кога доаѓа од Brabus тогаш мора да е ексклузива. Правило од кое не се бега. Но, за волја на вистината, оваа ексклузива не е само уште една обична доработка на дрските уметници од Ботроп со истенчен вкус за тјунинг, туку нешто сосема поинакво. Колосален пикап со перформанси на суперспортски автомобил, секако поставен на основата на бездруго бесниот сериски теренец Mercedes-AMG G 63. Дека станува збор за нешто сосема поинакво, покрај масивната моќност од 800 КС, говорат и максималните теренски способности добиени од порталните оски, огромната артикулација на оските, класичните заклучувачки диференцијали и благородно дотераниот ентериер изработен до перфекција. Едноставно ниту најмалите детали не останале превидени при создавањето на ултимативниот пикап подготвен за најголеми предизвици. На овие страници веќе пишувавме за Brabus 700 Widestar, но оваа нова играчка која доаѓа од Ботроп го подига скалилото на уште повисоко ниво предизвикувајќи ги и најсмелите авантуристи да се запатат во непознатото.
СУПЕРТЕРЕНЕЦ ПРЕТВОРЕН ВО ПИКАП
Дизајнерите и инженерите на Brabus го претвориле теренецот на Mercedes-AMG во пикап со високи перформанси и со извонредни теренски способности. Благодарение на новоконструираното подвозје со портални оски добиен е клиренс од 49 cm што е доволно да се надминат и најтешките препреки на непристапен терен. Подигнат високо над земја пикапот делува како колос спремен да прегази. Задржана е патничката кабина која изобилува со комфор, а зад неа поставен е товарен простор. Задниот модул на кого стои товарниот простор е скроен од челик додека страниците се изработени од карбон. Челичната рамка која е продолжение на шасијата ја задржува торзиската цврстина и е солидна потпора за потпирањето на задната оска.
За да се сочува кабината, а за да се добие издашен товарен простор зголемено е меѓуоскиното растојание за 50 cm. Така вкупната должина на Brabus 800 Adventure XLR нараснала на 5,31 m што е 68,9 cm повеќе од серискиот Mercedes- AMG G 63. Кога на должината ќе се додадат, и поголемата ширина за 11,6 cm заради преадаптираните додатоци од верзијата Widestar, и поголемата висина за триесетина сантиметри тогаш не е чудо што 800 Adventure XLR делува како вистински колос расположен да гази.
ГРУБА УБАВИНА
За исполнување на робусниот настап 800 Adventure XLR добил соодветна дизајнерска поткрепа. Хаубата ја краси нагласена купола од карбон со отвор за довод на воздух. Со неа колосалниот пикап делува уште позастрашувачки. Масивниот браник делува агресивно заради огромните отвори за воздух во чии рамки се вкомпонирани светлечки диоди. Цврстата конструкција носи електрична макара способна да влече 4.500 kg. Браникот продолжува во силно испапчени арки над тркалата. Тие се преадаптирани од изведбата Widestar и на задната страна завршуваат со огромни отвори за одвод на врелиот воздух од сопирачките. Праговите се подеднакво широки за да го олеснат пристапот до кабината и се осветлени од светлечки диоди поставени во подножјето на арките. Под нив се сокриваат масивните издувни цевки кои испуштат застрашувачки татнеж. По должина на кровот е поставен багажник чиј дефлектор носи четири рефлектори, а има осветлување и одзади. Товарниот простор е украсен со двоен ролбар кој го олеснува прицврстувањето на товарот.
НЕЗАПИРЛИВ НА ТЕРЕН
За да добијат спектакуларен лик на тврдокорен теренец, но и максимална способност за совладување на терен инженерите на Brabus од бел лист конструирале сосема нови портални оски. Тие го зголемуваат клиренсот и дозволуваат максимална артикулација на оските. Софистицираната геометрија на оските е добиена од комплетно изменетите водилки и стабилизатори во различни должини изработени на машини CNC само за 800 Adventure XLR. Секој агол носи опружна нога контролирана од системот Dynamic Select кој овозможува менување на параметрите на потпирањето, на моторот, и на управувањето. А преку него се контролира и висината на возилото. На овој начин без оглед на сложеноста на теренот гумите на Pirelli, Scorpion ATR со димензии 325/55 R22 секогаш се во контакт со подлогата што дозволува извлекување и во навидум безизлезни ситуации. Кога и тоа не е доволно на сцена стапуваат трите заклучувачки диференцијали. Тогаш 800 Adventure XLR е навистина незапирлив и способен да ползи по карпи.
БИКОВСКИ МОЌЕН V8
Под хауба е сокриен биковски моќниот 4.0 литарски V8 би-турбо од G 63 AMG чиј вртежен момент кон тркалата се испраќа преку деветстепениот автоматик со можност за рачно менување на степените преку палки зад волан. За потребите на масивниот 800 Adventure XLR во Brabus направиле опсежни модификации на моторот. Сериските турбо полначи се заменети со нови високоперформансни турбини кои го зголемуваат притисокот на 1,6 бари. Направено е и ремапирање на вшприцувањето, сменето е палењето и поставена е нова контролна единица за моторот. Така се извлечени масивни 800 КС при 6600 min-1 и мрсен вртежен момент од 1000 Nm при 3600 min-1. Овие вредности се доволни за Brabus 800 Adventure XLR да катапултира од 0 до 100 km/h за 4,8 секунди и да достигне максимални електронски ограничени 210 km/h. Ограничувањето на брзината е направено за да се сочуваат гумите од прекумерно трошење.
Дека во Brabus многу внимание се посветува на внатрешноста докажува и 800 Adventure XLR со својот благороден ентериер. Луксузот и индивидуализмот се неодвоиви сметаат од Ботроп. Кожниот ентериер на првичната лимитирана серија на 800 Adventure XLR наречена „First Edition” e изработен во кафена боја со нијанса на подгорен даб, а останатите детали се машински обработени од полн алуминиум. Секое парче се изработува индивидуално според барањето на клиентот во фабричката работилница на Brabus. Затоа и цената е адекватна на желбите. Основната изведба Brabus 700 Adventure XLR чини 389.831 евра. Цената за 800 Adventure XLR од оваа прва серија почнува од 542.000 евра, додека моделот на фотографиите се продава за почетна цена од 588.960 европски банкноти.