Претставуваме AUDI R8 COUPE-РОДЕН НА ПАТЕКА, СОЗДАДЕН ЗА ПАТ

22/05/2019

НАЈНОВОТО ИЗДАНИЕ НА СУПЕРСПОРТСКИОТ МОДЕЛ НА AUDI ЗА 2019 ГОДИНА ОПФАЌА СЕРИОЗНА МОДЕРНИЗАЦИЈА КОЈА НОСИ ПОГОЛЕМ БРОЈ ОД ЕЛЕМЕНТИТЕ КОИ ГИ СОЧИНУВААТ ТРКАЧКИТЕ R8 LMS GT3 И R8 LMS GT4, И È НАЈМОЌНОТО ИЗДАНИЕ НА R8 ДОСЕГА.

 

Mотивот со кого Audi го најавува најновото издание на втората генерација на R8 не е без основ. Причината зошто R8 е модел кој е роден на тркачка патека, но е создаден за на пат се сокрива во блиската соработка на инженерскиот тим со одделот за мотоспорт кој ги создава тркачките изведби што настапуваат во Леман серијата на трки на издржливост во класите GT3 и GT4. Од Audi се децидни дека новиот R8 Coupe за 2019 година дели добри 50% од деловите со Audi R8 LMS GT3 и дури 60% од деловите со Audi R8 LMS GT4. Така новиот R8 може да се пофали дека е стокмен во својата најмоќна и најбрза изведба досега, и дека како ниту еден друг сериски автомобил досега е најблиску до мотоспортот. Тоа значи дека модернизираниот R8 вози како вистински спортист, но на пат и личи подеднакво моќно и впечатливо како што и вози.

ПООСТАР И ПОСТЕГНАТ

Остриот карактер на Audi R8 станува уште поостар со оваа нова инкарнација на моделот кој го претставува врвот во понудата на марката со четири круга. Прво што паѓа во очи е пошироката и порамна решетка на ладилникот обрабена со широки рамки кои се изведени како сечива од нож. Тие имаат улога на делбеници одделувајќи ја решетката од ладилникот со страничните решетките кои црпат и свеж воздух за сопирачките, и како жилет острите предни светла сочинети од светлечки диоди. На оваа лута муцка која личи на отворена челуст на предатор совршено и прилегаат тенките отвори меѓу хаубата и решетката кои се заштитен знак на Audi Sport Quattro и ги красат сите модели што доаѓаат потпишани од спортскиот оддел на марката од Инголштад. Дека потеклото води од светот на мотоспортот откриваат новиот поширок преден сплитер и масивниот заден дифузор кој штрчи значително. Предниот сплитер има улога да го притиска носот кон подлогата обезбедувајќи подобра тракција и подобра контрола при повисоки брзини посебно кога се вози низ свијок. Задниот дифузор е поставен за да го залепи задникот за асфалт овозможувајќи тркалата да остварат подобар контакт со подлогата директно влијаејќи да се постигне висока стабилност при големи брзини. Двете издувни цевки и решетката за одвод на врелиот воздух генериран од моторот и сопирачките го нагласуваат мускулестиот настап на R8.

ДОТЕРУВАЊЕ ПО СОПСТВЕН ВКУС

Audi оставил многу можности за кастомизација на рестилизираниот R8 кој им дозволува на купувачите да го скројат според свој вкус. Се мислело на детали кои се забележуваат дури и под стаклениот капак на моторот како на пример капакот од куќиштето на филтерот за воздух кој може да биде од карбон-фибер заедно со остатокот од моторниот простор. На купувачот му е оставен избор за еден од трите пакети за дотерување на екстериерот кои дозволуваат раз- лични акценти на сплитерот, дифузорот и страничните украси. Во опција е и задно крило од карбон-фибер и круговите на Audi обоени во црна боја со висок сјај. Внатре уредувањето нуди уште поголем број на можности кои дотерувањето на Audi R8 по свој вкус го подигнуваат на ниво на уникатен примерок.

НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО V10

Паралелно со претставувањето на новиот R8, Audi оддава почит на успешната приказна на легендата меѓу моторите 5.2 литарскиот V10 кој за првпат се најде под хауба на спортистот во 2009 година. Тогаш овој атмосферски моќник со директно вшприцување остваруваше 525 КС и 560 КС во изведбата GT. Но, во Audi не застанаа тука. Комплетно го реновираа за втората генерација на R8 значително подигнувајќи го неговиот потенцијал пред сè во поглед на одзивот и способноста за побрзо ловење на високи вртежи. Во последното издание овој мускул V10 остварува 570 во послабата и 620 коњски сили во помоќната изведба. Токму таа е делот кој не интересира бидејќи истата верзија ја носат и тркачите R8 LMS од GT3 и GT4 класата. Овој високовртежен агрегат е навиен да досега 8700 min-1. При оваа брзина на вртење клиповите во просек минуваат 26,9 m/sec. што ги надминува денешните мотори во Формула 1. Најголемата моќност од 620 КС ја остварува на 8000 min-1, додека максималниот вртежен момент од 580 Nm полни при 6600 min-1. Подмачкувањето е со сув картер, принцип кој доаѓа од тркачките мотори и дозволува рамномерна распределба на маслото во сите услови на експлоатација. Дури и при странично забрзување од околу 1,5 G кое е остварливо во R8. Изведбата со сув картер овозможува моторот да биде поставен ниско во шасијата со што значително се снижува и тежиштето на автомобилот и се подобруваат неговата стабилност и возна динамика.

ПРЕЦИЗЕН И ОСТАР КАКО ЖИЛЕТ

Модификациите направени на суспензијата како директна врска со спортистите GT3 и GT4 му овозможуваат на новиот R8 да биде уште попрецизен при водењето и уште постабилен во сите услови на возење. Дури и при максимални 331 km/h. Благодарение на погонот на четири тркала кај R8 нема загуба на енергија при брз старт. Затоа спринтот од ме- сто до 100 km/h се случува во 3,1 сек. Динамичкото управување со електромеханичко серво е дотерано за да нуди брз одзив на секое свртување на волан. Затоа R8 свртува како мисла, возачот добива многу повратни информации за тоа што се случува со предните тркала буквално како да ги допира со рака. Благодарение на подобрената контрола на стабилност ESC и предниот стабилизатор изработен од полимер засилен со карбон-фибер CFRP кој е за околу 2 kg полесен од класичниот направен од челик новиот R8 успева да сопре од 100 km/h до 0 за 1,5 m, а о д 200 km/h д о 0 за 5m покусо од претходникот. За оваа операција се задолжени карбон-керамички дискови кои буквално ја голтаат брзината и нудат голема отпорност на прегревање кога се вози на патека. Audi R8 е комплетен тркачки продукт спремен да вози на пат. Неговата природа дозволува нормално користење во секојдневието со луксузно скроена кабина се додека возачот не одлучи да отиде на патека и да го искористи неговиот полн потенцијал. Секако сета оваа техника и луксуз имаат и содветно одредена цена која стартува од 166.000 европски банкноти

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ