Претставуваме Aston Martin Vantage Roadster-НАЈБРЗИОТ КРОВ НА СВЕТОТ

07/06/2025

ВАКА ВО БРОЈКИ НАСТАПУВА НАЈБРЗИОТ КРОВ НА СВЕТОТ: 6,8 СЕКУНДИ ОТВОРЕН ИЛИ ЗАТВОРЕН КРОВ. 665 КС И 800 NM. 3,6 СЕКУНДИ ОД МЕСТО ДО 100 KM/H. МАКСИМАЛНА БРЗИНА 325 KM/H. ЦЕНАТА ЈА ОСТАВАМЕ ЗА КРАЈ.

 

Замислете! Се возите низ некој живописен крај, времето се разубавува и одеднаш посакувате да го дополните доживувањето со ветар в коси, за да се чувствувате едно со природата. Притискате копче, и… Оп! Во само 6,8 секунди над вас имате чисто небо, а сетилата ви се исполнети со магијата на природата. Исполнувањето на вашата желба никогаш не било побрзо. Сето ова е долг на магионичарите од Aston Martin, кои преку Vantage Roadster, како наново да го измислија поимот кабриолет. Чичка новата отворена изведба на ултимативниот, возачки скроен Vantage, е слава на чисти перформанси и врвна возна динамика. Но, кога станува збор за префинетата одгледувачница на расни грла од Гајдон, нивната способност да ги исполнуваат желбите на возачот се само дел од приказната. Ним, подеднакво им е важен стилот, и неприкосновеноста на емоциите. Токму тоа го носи Vantage Roadster. Визуелна возбуда и ниво на емоции измешани со динамичка сензација на врвни перформанси, и сето тоа под чувството на слобода при движење кое го нуди отворениот кров.

НИКУЛЕЦ НА МОДЕРНИОТ ASTON MARTIN

Името Vantage во 112 годишната историја на Aston Martin се провлекува од 1950 година. Точно 75 години. Меѓутоа модерниот Vantage со мотор V8 под хауба, оној каков што денес го познаваме, се појави во 2005 година. Тоа е првиот современ Aston Martin создаден самостојно од инженерите и дизајнерите во Гајдон. Од него, после години премрежија, како никулец почна модерната приказна на легендарната марка. Воедно, 2005 година, Aston Martin за првпат се одлучи да го искористи името за модел, сам за себе, место, како што беше пракса во минатото, да го додава на модели кои имаат подобрени перформанси во однос на оригиналот. Така Vantage во 2005 година стана модел сам за себе, и на плеќи го понесе воздигнувањето на Aston Martin. Денешниот Aston Martin Vantage Roadster е претставен токму за да ја прослави 20 годишнината од возобновувањето на марката.

ИДЕНТИЧЕН СО КУПЕТО, СО ЕДНА МАЛА РАЗЛИКА

Идејата при создавањето на Vantage Roadster била да се задржат перформансите и возната динамика на ниво на Vantage Coupe, модел за кого стана збор во овие редови по претставувањето минатата година. Затоа во Aston Martin одлучиле двата модели да ги развиваат паралелно, не еден подруг. Оваа одлука им дала одврзани раце на инженерите, структурата на шасијата да ја формираат без да прават компромиси во однос на перформансите и возната динамика и секако да не додадат премногу тежина заради структурните зајакнување кои се неопходни кај кабриолетите. Успеале Vantage Roadster на вага да покаже само 60 килограми повеќе од купето. Резултат кој досега е незапаметен во индустријата. Затоа без оглед дали се возите во затворениот, или пак, отворениот Vantage, перформансите остануваат идентични.

Разликата е во кровот. Мекиот кров се преклопува според конфигурација „Z”, наместо традиционалната конфигурација „K”. Ова решение вклучува помалку компоненти и нема потреба од капак за покривање кога кровот е отворен, бидејќи горниот дел од кровот ја презема улогата на капак. Воедно помалку компоненти значат помала тежина и побрза манипулација. Оттука доаѓа и времето од 6,8 секунди за спуштање/кревање, а со него и епитетот: најбрзиот кров на светот. Спуштањето и кревањето може да оди и во движење при брзини до 50 km/h. Мекиот кров има изолација од осум слоја кои обезбедуваат нивото на бучава во кабината да биде сведено како во купето.

ПОИМ ЗА ЕЛЕГАНЦИЈА

Vantage Roadster треба да служи како поим за елеганција меѓу кабриолетите. Без оглед дали кровот е подигнат или спуштен меките линии течно се прелеваат низ каросеријата, не оставајќи простор да се добие впечаток дека некој елемент е вишок. На прв поглед станува јасно дека Vantage Roadster е создаден како модел сам за себе. Едноставно дизајниран е така за да не може да биде ништо друго освен кабриолет. Неговиот визуелен настап кој ја нагласува претставата за предатор совршено се вклопува во сликата за чистокрвен спортски автомобил.

Кабриолетот добива и проширена палета на бои како: сафирно опалесцентна, сатенско сафирна опалесцентна и блескаво бронзена. Кровот може да се добие во црна, црвена, сина или црно-сребрена боја. Посебно за него се дизајнирани четири стила на бандажи од лесен метал со дијаметар од 21 инч, а сопирачките шепи можат да се добијат во седум различни бои.

Внатрешноста плени со префинетост својствена за еден благородник. За рачно изработениот ентериер, како и во купето, се користи кожа импрегнирана со ароматичен мирис кој нуди смирувачки комфор. Кожата е дело на престижниот шкотски производител Bridge of Weir, кој годинава слави 120 години постоење.

 

ЗВУК ЗА БУДЕЊЕ НА ВОЗАЧОТ

Резонантниот рик кој доаѓа од солидно навиениот би-турбо V8, посебно кога кровот е отворен, е момент на будење за возачот. Тогаш звукот кој наежува ја разгорува желбата за истражување на границите. Покрај беснотијата од 4.0 литри навиена да ослободува 665 КС при 6000 min-1 и 800 Nm меѓу 2000 и 5000 min-1, на возачот му помага и останатата техника составена од: Карбонско карданско вратило кое го спојува моторот со менувачот на ZF, поставен на задната оска по принцип трансаксл. Осум тесно распоредени преносни односи кои вртежниот момент до тркалата го испраќаат преку електронски управуван диференцијал, кој пак, од целосно отворен се заклучува во 135 милисекунди и реагира при промена на динамиката во 60 милисекунди. Тука се и амортизерите на Bilstein, DTX, кои имаат пет пати побрза реакција при промена на оптоварување. И, сопирачките од карбон-керамика од 410х38 mm напред и 360х38 mm назад.

Прецизното управување нуди исклучително директна врска меѓу возачот и предните тркала и реагира на миг. Тоа е постигнато со исклучување на изолирачките елементи од управувањето, а дополнително, поставен е варијабилен пренос кој постојано е во корелација со брзината. Со само 2,27 свртувања на волан, открај-докрај, Vantage Roadster, се води прецизното како мисла.

Така, уживањето при крстосување со отворен кров, е надополнето со задоволство при возење на лимит. Спојувањето на две спротивности, кои се тешко споиви, е умешност која ја можат само одбрани. Секако, само одбрани и ќе можат да уживаат во ова врвно парче автомобилска техника под отворен кров. Цената, нето, без опции и давачки, изнесува 175.000 британски фунти.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.