CHEVROLET CORVETTE STINGRAY – ЛЕГЕНДАТА ПИШУВА НОВА ИСТОРИЈА

22/10/2019

АМЕРИКАНСКАТА ИКОНА МЕЃУ СПОРТСКИТЕ АВТОМОБИЛИ CORVETTE STINGRAY СЕ МЕНУВА ОД КОРЕН. ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА ОВОЈ ОСНОВОПОЛОЖНИК НА ИДЕЈАТА ЗА „MUSCLE CAR” ГО ПРЕФРЛА МОТОРОТ ЦЕНТРАЛНО ВО ШАСИЈАТА.

 

Kога ќе се спомене името Corvette веднаш пред очи паѓа слика на луто настроен американски „Muscle Car” со долга хауба под која се сокрива моќен V8, кон назад повлечена кабина, кус задник и задолжително цврст кров кој има можност да се отстрани со цел потполно уживање во патувањето. Меѓутоа Chevrolet со новата генерација на Corvette Stingray претставата за чистокрвен „Muscle Car” ја менува од корен. Моторот од под долгата хауба сега е преместен централно во шасијата. Конструкторски потег кого вистинските љубители на „Vette” никако не можат да го прифатат велејќи дека тоа е богохулење и сквернавење на една икона. Но, без оглед на негодувањата јасно е дека во Chevrolet знаат што прават. Свесни дека концептот со мотор напред и погон назад ги достигнал своите лимити во поглед на перформансите одговорните одлучиле да го преместат моторот централно и на светот да му ја поклонат, најмоќната, најбрзата, најдинамичната, најкомфорната, најлуксузната и најзабавната Corvette Stingray во историјата на моделот.

ДИЗАЈН ИНСПИРИРАН ОД F22 И F1

Верна на своето наследство од светот на аеронаутиката и од светот на мотоспортот новата Corvette Stingray со кабината поместена кон напред влече инспирација од модерните борбените авиони како што е F22, но и од болидите на Формула 1. Но, иако радикално го менува концептот не отксокнува од класичните детаљи по кои се препознава како што е лутата муцка со делтоидни светла, и аглестиот задник со препознатливата светлосна група. Тука се и аглестите отвори за довод и одвод на воздух, напред, од страна и одзади, и неизбежните квадратни издувни цевки кои повторно потсетуваат на претходните генерации на Stingray и што е најважно ја прават препознатлива во морето тркачи со централно поставен мотор кои, сакале или не, концепциски наликуваат еден на друг.

Дури и внатре Stingray носи модерно обликувани елементи од своите претходници. Екран од 12 инчи место инструменти чиј приказ на параметри може комплетно да се реконфигурира како што милува возачот. До него е уште еден централно поставен информациски екран. Кокпитот е насочен кон возачот, а на централниот гребен се поставени командите од менувачот, вртливото копче од мултимедијалниот систем, функции за поткревање на носот, вклучување камера напред и можност за исклучување на ESP. Останатите копчиња се распоредени по должина на тесниот гребен кој физички ги одвојува возачот и совозачот.

СУПЕР АВТОМОБИЛ ЗА СЕКОЈ ДЕН

Corvette Stingray е создадена за да биде возена секој ден. Цврстата структура на шасијата дозволува фино тјунирање на потпирањето кое е доволно комфорно за да не заморува на долг пат и во град, а воедно е подготвено за ултимативни перформанси на патека со неверојатно високо странично држење кое лесно надминува 1G во свијок. Новата генерација на Magnetic Ride Control 4.0 го чита патот многу подобро и реагира побрзо на секоја нерамнина обезбедувајќи подобар контакт на тркалата со подлогата. Системот „Launch Control” му овозможува на новиот Stingray да стартува побрзо од било која Corvette досега. Воедно, диференцијалот со контролирано пролизгување рамномерно го распределува вртежниот момент меѓу погонските тркала со што се постигнува неверојатна стабилност во свијоци дури и кога подлогата не е сува. Stingray за првпат добива и менувач со две спојки и осум степени на пренос. Менувањето оди комплетно автоматски за опуштено возење во секојдневието, или преку палки зад волан во мануелниот модус на работа за на писта. Префрлањата се молскавично брзи без задршка. Менувачот дури нуди и можност за комплетно деактивирање на спојката со повлекување на двете палки одеднаш кога е потребно како при спортско возење така и при лоши временски услови кога возилото треба да се скроти.

ДИЈАМАНТ ПОСТАВЕН ВО СРЕДИНА

Срцето на Corvette Stingray е новата генерација на моторот LT2. Станува збор за атмосферски 6.2 литарски V8 со мал блок кој е способен да испорача сериозни 495 КС при 6450 min-1 и максимален вртежен момент од 637 Nm при високи 5150 min-1. Без оглед на желбата за вртежи моторот испорачува доволно вртежен момент при ниски вртежи за нормално функционирање во редовниот сообраќај. Од друга страна лесно се врти и дозволува брз одзив на педалот за гас во цел дијапазон на работното подрачје што е пресудно за на патека. За првпат моторот во Stingray користи сув картер кој му овозможува да биде уште пониско поставен во шасијата. Така се спушта тежиштето на автомобилот и се подобрува возната динамика.

Од друга страна трите пумпи за масло обезбедуваат подмачкување за подобрени перформанси на патека без оглед на страничното забрзување кое надминува 1G во сите правци. Покрај тоа што обезбедува високи перформанси и има неверојатен звук кој распорува уши, моторот ѐ и еден вид изложбен експонат сокриен под стакло дебело 3,2 mm врамено со отвори за одвод на топол воздух. Моторот е покриен со капак чиј дизајн наликува на парчиња брусен дијамант и традиционално носи црвени капаци на вентилите. Секој дел вклучувајќи ги издувните гранки, делови од издувот, цевки, црева за ладење, водилки, па дури и завртките на водилките е создаден да привлекува со својот дизајн и да мамат воздишки кога се гледа преку стаклото на хаубата. Какви перформанси е способно да испорача ова чудо на модерната техника во Chevrolet сè уште не откриваат. Затоа, пак, истакнуваат дека Stingray e значително економичен за ваков тип на автомобил и дека моторот при мали напрегања дозволува да се деактивираат четири цилиндри со што се намалува потрошувачката.

ВОЗЕЊЕ СО ВЕТАР ВО КОСИ

Традиционално Corvette доаѓа како купе со можност за отстранување на тврдиот капак на кровот со што се претвора во тарга. Исклучок не е ниту новиот Stingray. Кај него демонтажата на кровот е уште побрза, а капакот може да се понесе на за него предвидено место во задниот багажник. Ова е практична досетка за кога времето ќе изненади. Покрај заден Stingray има и преден багажник, и двата со вкупна зафатнина од 356 литри што не е за потценување. Посебно ако се знае дека и напред и одзади има доволно место да се одложи цела торба за голф, или, пак, багаж за на подолг пат.

Stingray отсекогаш претставувал икона на Американскиот начин на живот со својот препознатлив дизајн, врвните перформанси и техничката досетливост. И, што е најважно сето тоа по прифатлива цена која стартува малку под 60.000 долари. Не е малку, но ќе се согласите дека оваа сума што се бара за Stingray е далеку пониска од она што се бара за било кој европски суперспортист. Токму затоа продажните бројки ќе бидат високи како и за секој Stingray во историјата на моделот. И токму затоа Stingray ќе продолжи да биде Американска легенда.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.