И официјално е потврдено враќањето и вградувањето на обичниот менувач во новата „деветстотини и единаесет“, односно во моделот за 2020 година. Зошто Порше се одлучи на ваков чекор, не прецизира, но може да се насети.
Како што технологијата напредуваше, така и производителите на автомобилите се повеќе ги вградуваа најсовремените автоматски менувачи. Северноамериканскиот пазар со децении наназад е поклоник на автоматските менувачи, но за сите пазари на континентов важеше правилото обичен менувач – ретко кој посакуваше автоматски менувач. Го помниме времето кога Порше преку својата служба за односи со јавноста најави целосно повлекување на обичниот менувач, давајќи им предност на автоматските, „типтроник“ и најновиот „пдк“.
Тежината на „порше 911 с“ со обичен менувач изнесува 1496 кг, односно е полесен за цели 45 кг од истиот модел со „пдк“ менувач. Вообичаено менувачите со двојна спојка се многу потешки од обичните менувачи, но затоа брзините се менуваат многу побрзо. На пример, „порше 911 с“ со обичен менувач постигнува брзина од 100 км/ч за, 4,2 секунди, а со „пдк“ менувачот времето е скусено за 0,5 секунди.
Сепак почетоците на Порше, заедно со неговите најголеми успеси, се направени врз основа на обичниот менувач, а големите љубители на класиката умеат тоа да го почитуваат и затоа ни на сон не помислуваат да возат спортски автомобил со автоматски менувач.
Продажбата на најновата 911 ќе си продолжи и со „пдк“ менувачот кој е создаден на тркачките патеки пред повеќе од три децении, односно купувачите повторно ќе имаат право на избор.