Една несекојдневна и интересна вест пристигна од Порше. Купувачите на моделот 911 серија 992, можат да го следат производството на сопствениот автомобил од нарачката до испораката. Оваа „мерка“ важи за купувачите кои самите си го конфигурирале автомобилот, почнувајќи од бојата, преку материјалите во внатрешноста, дизајнот на алуминиумските тркала и останатите детали.
Одговорните од Порше велат дека сакаат да бидат во постојана врска со своите клиенти, овозможувајќи им ретка, односно единствена можност во светот на автомобилската индистрија да го надгледуваат производтвото на својот автомобил. Набљудувањето се одвива преку две фото камери, засега, но Поршевци ветуваат поставување на уште две други камери.
Си седите дома и на посебно место од интернет страната наменета за клиентите, од време на време гледате фотографии од вашата „деветстоединаесетка“. Фото следењето е убава работа, но најдобро би било тоа да биде преку видео во живо од производството. Не дека не размислувале на таа тема, но штом една ваква сериозна компанија како што е Порше пуштила фото надгледување, бидете сигурни по некое време ќе воведат и видео од производството. Можеби сето тоа ќе одземе време, но „момчињата“ се темелни во работењето и пред сето тоа да биде пуштено, ќе претходат долги тестирања со цел сè да биде како што треба, а не импровизација.
Засега оваа можност која Порше ја нарекува „трак јуар дрим“ („следи го твојот сон“), ја имаат купувачите од следниве држави: Шпанија, Швајцарија, Германија, Англија, Канада, Австралија и САД. Од Порше најавуваат скорашно проширување на списоко со држави, односно секојдневно впишување на нови држави.
Жарко Атанасоски