Подморница Мигалу м 5-ПОИНАКОВ ВИД „ЈАХТА“

03/07/2024

ПЛОВИЛО ШТО ИСКЛУЧИТЕЛНО Е НАМЕНЕТО ЗА НАЈБОГАТИТЕ НА ПЛАНЕТАВА ЗАТОА ШТО НЕГОВАТА ЦЕНА Е ДВЕ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ. СВЕТОТ ДОСЕГА НЕ ПАМЕТИ НЕШТО ТОЛКУ ЛУКСУЗНО, ГРАНДИОЗНО ПО ДИМЕНЗИИ, ПРАВЕНО ПО НАЈСОВРЕМЕНИ СТАНДАРДИ, СО НАЈНОВА ТЕХНОЛОГИЈА ШТО ПОСТОИ ДЕНЕС

 

Јахти, супер брзи чамци, катамарани, тримарани… Пловењето по морската широчина е неповторливо задоволство острови, рибарски села, фјордови, изгрејсонца и зајдисонца, можност да се гледа или да се биде дел од силна бура. Велат Јадранското Море е едно од најубавите за крстосување поради неговата големата разгранетост, особено источното крајбрежје  голем број заливи, острови и полуострови, што го прави пловењето мошне интересно. А кога ќе здодеат пејзажите со островите и полуостровите, може да се посети подводниот свет. Друг амбиент, друга глетка, длабочини исполнети со мигови на мистериозност. Јахта, брз чамец, катамаран, тримаран или подморница? Последново на списокот е нешто како две во едно. Може да плови на вода и под вода. Тоа што може да се доживее со подморница не може со обично пловило. Не мора да се навлегува во длабоките и мрачни води, има прекрасни корални гребени каде што растителниот и животинскиот свет го покажуваат својот раскош. За Црвеното Море велат дека е врв на подводната убавина, а нуркачите се главни сведоци за тоа. Ги има од цел свет, цела година се таму со единствена цел да уживаат. Јахтите се мошне скапи играчки, а луксузните се уште поскапи. Ултра луксузна подморница чини две милијарди долари и оваа „играчка“ е за ултра богатите.

Компанијата Мигалу нуди проект за супер луксузна подморница долга неверојатни 165,8 м, со базен, со помошна подморница со која може да се прават излети низ коралните гребени, има место за слетување на хеликоптер, киносала, просторија со прескапа аудиофилска опрема и што уште не. На располагање е и обично пловило за разгледување на копнените убавини. Нарачувачот може да избира што сака да има во подморницата, секако, доколку тоа е технички изводливо.

Подморницата наречена „мигалу м 5“ може да помине околу 15.000 км, да оди под вода до длабочина од 250 м. Сето тоа може да го прави со брзина од 12 јазли (околу 24 км/ч), а ако плови на вода, брзината е двојно поголема, 20 јазли (околу 37 км/ч).

Засега светот не познава полуксузно и поголемо пловило од „мигалу м 5“. Во него е вградена сета постојна ултра нова технологија што ја нема ни во најлуксузните јахти. „Мигалу м 5“ е вистинска лабораторија на највисока префинета технологија, опрема што досега не е вградена во ниту една друга механичко електронска направа. Велат цената од две милијарди долари е сосема оправдана затоа што јахтата нуди буквално сè. За ова чудо потребни се високо квалификувани лица што ќе ја опслужуваат, а производителот вели дека се потребни од 15 до 20 лица и заедно со сопственикот и гостите во подморницата удобно може да се сместат околу 42 патници. Сите заедно можат да останат под вода четири недели во луксуз што го нема никаде на планетава.

Ултра луксузната и прескапа подморница мора да има и ултра безбедност за патниците. Кога е во прашање личната безбедност од компанијата велат дека безбедноста во подморницата исполнува повисоко ниво од воените критериуми. Ова значи дека „мигалу м 5“ нуди врвна заштита за сите. Тоа е постигнато во соработка со компанијата Сејф.

Инаку, мигалу е името на најголемиот кит што некогаш бил забележан во океаните, поточно во јужната хемисфера на Пацификот. Оттаму доаѓа и името на компанијата и на подморницата.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ