ПОРШЕ ВО УЛОГА НА ДИЗАЈНЕР, НИШТО ЧУДНО. НО АКО ЈА СПОМЕНЕМЕ НЕГОВАТА ПОВРЗАНОСТ СО ДИЗАЈНИРАЊЕТО ПЛОВИЛА, ТОГАШ ЌЕ СЕ ПРАШАМЕ ДА НЕ СМЕ ПОГРЕШИЛЕ ИЛИ СМЕ НА ВИСТИНСКИОТ ПАТ.
Независно од големината и од обликот, пловилата отсекогаш предизвикувале големо внимание уште од дамнешни времиња. Посебно восхитувала нивната намена и умешноста да се справат со големите водни површини. Таа нивна привлечност останала и до денешен ден. Во некој момент од патувањата сите сме виделе најразновидни пловила и секогаш нашите очи се вперувале во нив. Најобично дрвено пловило, односно чамец, гумен или метален, едреник, рибарски мал или голем, трговски или патнички, луксузен или можеби екстра луксузен, сите се дел од човековото секојдневје. Затоа и денес конструирањето пловила е предизвик за секој градител и тоа е некој вид вечна тема, кој ќе направи поубаво, понеобично, побрзо, со помалку или повеќе современа технологија или со погон на сончева енергија. Пред неколку години еден таков примерок, користејќи ги сонцето и ветровите, ја обиколи планетава. Овој текст му го посветуваме на супер пловилото обликувано од австриската дизајнерска куќа Студио Ф. А. Порше, фирма што е во дел од светски познатата компанија Порше, производител на спортски купе автомобили, а во поново време и на СУВ и купе лимузина.
Компанијата Ројал Фалкон Флит со седиште во Сингапур, која меѓу другото се занимава и со најмување пловила и нивно производство, добила нарачка од клиент да направи супер јахта. Нејзината визија, а сигурно и визијата на нарачателот, била пловилото да не биде исто или слично на другите, туку да биде посебно, да се издвојува. Компанијата од Сингапур ја поврзала таа необичност со Студио Ф. А. Порше и почнале преговорите. Целата работа била прецизирана пред точно 10 години кога биле обелоденети првите нацрти од супер луксузното пловило.
Долниот дел од јахтата и двете пловни површини се произведени во сингапурската компанија, а потоа се избрани две компании, Кокумс АБ и Навал архитектс Инкат Краутер, да го завршат започнатото. Сето тоа се реализирало на шведското крајбрежје во малото место Нинешам. Севкупната работа траела една деценија и, како што велат, „крајот го краси делото“ – јахтата е повеќе од посебна и се издвојува од другите по обликот и деталите. Најзаслужни за тоа се дизајнерите од Студио Ф. А. Порше. Според М. А. Заман, главниот од компанијата Ројал Фалкон Флит, насекаде може да се видат слични или исти пловила, Сент Тропе или Форт Лаудердеил, мега јахтите како да личат една на друга сè додека не го прочитате нејзиното име, не можете да ја видите и да ја забележите различноста. Затоа М. А. Заман одлучил да создаде нешто навистина посебно, да конструира пловило што ќе се разликува од другите. Така се случило. Денес мега јахтата „ројал фалкон 1“ е една и единствена, со катамаран труп, со три посебни палуби, повеќе од 15 соби, џакузи бар на отворено на врвот на јахтата и сето тоа сместено во должина од 41,3 метри. Творците велат дека на неа може кралски да уживаат 10 лица, се разбира под постојан надзор од 10-члениот персонал. Вкупно 20 лица на вкупен простор од околу 650 квадратни метри.
Мега јахтата ја придвижуваат две погонски V16 турбо дизел единици што вкупно имаат 9.230 КС или секоја по 4.615 од марката „мту“ и двоен млазен погон на вода од марката „ролс ројс камева“. Вториот пар мотори се користи доколку патниците сакаат да уживаат во тишината на морската шир или при влегувањето и излегувањето од пристаништата. Тоа е тивок погон што го користат подморниците. Оптималната брзина на пловење со најголема заштеда на гориво е 15 јазли, а со сите впрегнати коњи пловилото може да плови со најмногу 35 јазли на час. Радиусот на пловење изнесува 3.200 километри што ја класифицира јахтата во групата на средно крстосувачки и затоа овие јахти не се наменети за пловидба по светот. Не би се согласиле со ова групирање затоа што со мали корекции во тежината на пловилото, радиусот на движење може да се зголеми на двојно повеќе километри, дури и над тоа. Сè што треба да се направи е да се употребат лесни материјали и пловилото веднаш ќе биде сместено во категоријата на светски патници, обиколувачи на планетава.
Има едно непишано правило кога се прават мега супер јахтите, а тоа е употреба на сè и сешто кога се во прашање раскошот и луксузот. Токму тука, јахтите добиваат тежина и потоа немаат доволно гориво да поминат повеќе километри. Всушност претераната употреба на најразновидните скапи, а нерационални и над сè тешки материјали, прави мега јахтите да добијат многу повеќе килограми. Ако тие материјали се заменат со лесни, јахтата ќе може полесно да „дише“. Лесните легури врз основа на магнезиум, карбонските влакна и другите од тоа семејство, се тие што треба да преовладуваат.
Внатрешноста на јахтата претставува елеганција, сè е во бела, сива, сина и во природни нијанси на кафеава боја. Нема нешто драстично поинакво од останатиот дизајн, сè е усогласено, речиси исто како кај легендарниот поршеов модел „911“. Сè е заоблено, преовладуваат чисти линии проткаени со едноставност, со така-наречениот минимализам. Таа чистина содејствува со природната ширина на водната и небесната површина и се преточува во смиреност што се пренесува кај патниците. Мноштво фактори се преплетуваат еден во друг, така што дизајнот не е само идеја туку сплет од повеќе битни нешта што се важни во нашето секојдневје, но несвесно сме ги заборавиле и изгубиле.
Внатрешниот дизајн не е сувопарен и слепо не ги следи тековните светски случувања, туку е претерано добро обмислен, односно оди во друга насока, насока во духот на заедништвото со ергономијата.
Цена? Цената ја соопштуваат при правењето нарачка – тоа се моменти кога вие ги избирате материјалите и од сето тоа произлегува колку чини пловилото. Ова не е првпат марката Порше да биде поврзана со дизајнирање јахти. Не така одамна беше дизајнирано пловилото „кинео“, кое во тоа време беше значително понапредно од другите во секој поглед. Тоа важи и за „ројал фалкон 1“.