Пининфарина повторно е во некакво движење со кое ги вознемирува производителите на автомобили откако изјави дека иднината ја гледа и во правец на создавање моторни возила, а не само во правец на обликување, дизајнирање. Пининфарина отсекогаш правел автомобили и никогаш не престанал да ги прави, само што сега најавува голем продор во сериското производство. За досегашните автомобили на познатата дизајнерска куќа говорат многуте концепти прикажувани со децении на најголемите светски изложби. Неодамна по повод 90. годишнината од основањето на компанијата, вработените создадоа супер автомобил наречен „батиста“ по името на основачот на работилницата, Батиста Фарина наречен Пинин затоа што бил најмлад, најмал од деветте деца во семејството Фарина.
Компанијата планира да произведува луксузни лимузини, но откако светот покажа глад кон „сув“ возилата, Пининфарина пројави интерес за тој вид возила и наскоро ќе видиме концепт, најверојатно го подготвуваат за претставување во септември за кога е закажан Салонот за автомобили во Франкфурт.
Сериозноста на Пининфарина и производството автомобили е поткрепена со претставувањето на концептот „теорема“ на 14 овој месец. Тоа е лимузина во облик на спортски караван, а во светот на автомобилите најчесто овој облик го именуваат како „шутинг брејк“. Со должина од 5,4 метри и 1,4 метри висина, концептот „теорема“ овозможува патниците да се чувствуваат како да се во дневна соба во која удобно можат да се сместат петмина возрасни. Четири седишта, по две на едната и другата страна, а малку понапред од нив во средина е возачкото. Луксузната лимузина е всушност електромобил со врвна технологија која овозможува самоуправување, а возачот за тоа време може да го заврти седиштето за 180 степени и да се види лице во лице со останатите четири патници.
Концептот е развиван со помош на посебен компјутерски систем наречен виртуелна реалност преку која во ист миг може да се менува обликот без многу напор со што се отвораат вратите кон побрзо создавање линии кои потоа можат во кус временски интервал да претрпат повеќе исправки. Ваквиот начин на создавање облици воопшто не бил присутен претходно, така што сега работата на дизајнерите е олеснета речиси до крајни граници. Платформата на која е правен концептот „теорема“ е во сопственост на компанијата Бентелер, истата која ќе ги создава платформите за сериските возила на Пининфарина. Оваа компанија ја направи и платформата за јубилејниот автомобил „батиста“.
Дизајнерската куќа Пининфарина во моментов подготвува најмалку четири возила за сериско производство вклучувајќи и „сув“. Инаку да напоменеме, индискиот производител на автомобили Тата ја купи компанијата Пининфарина и сега со заеднички сили ќе влезат во светот на луксузот на четири тркала. Тоа значи наскоро ќе имаме убаво обликувани електромобили затоа што „пицата“ ја подготвува Пининфарина.