Надалеку познатата дизајнерска куќа Пининфарина со децении произведувала автомобили за други, но никако да произведе за себе со свој заштитен знак. Овој сон им се оствари со хипер купето „батиста“, претставено за време на јубилејот 90 години од постоењето, а сето тоа беше посветено на основачот Батиста Фарина. За остварување на сонот компанијата при конструирањето на автомобилот побара помош од хрватскиот генијалец Мате Римац. Веќе знаете кој е тој, конструктор на најбрзиот електричен автомобил „римац невера“ и сопственик на компанијата Римац која прeдизвика бура од реакции во светот на автомобилската индустрија. Пининфарина ја доби помошта од М. Римац и проектот наречен Батиста почна да се остварува.
Во семејството Фарина има уште едно светско име, но како да е подзаборавено. Лицето за кое збориме е Нино Фарина, внук од брат на Батиста Фарина. Некаде во втората половина од 20-тите години од минатиот век, Б. Фарина учествувал на трка од град до град и заедно со себе го земал 16 годишниот внук Нино. На радоста и немало крај, а детето заљубено во автомобилите и трките, подоцна ќе стане вистински национален и светски ас. Нино Фарина е првиот човек во историјата на современата Формула 1 кој се закитил со титула, а возел со болидот на Алфа Ромео. Сето тоа се случило во 1950 год.
Ќе бидат произведени само пет примероци од „пининфарина батиста едиционе нино фарина“, а за цената не прашувајте, таа воопшто не е битна. Автомобилот од 0 до 200 км/ч забрзува за 4,75 сек. а од 100 км/ч до 0 км/ч изминува само 30 метри, додека показалката од брзинометарот застанува на бројката 345 и не оди натаму. Сето ова му го овозможуваат четирите електромотори, на секое тркало по еден, со вкупна силина од 1.900 КС. Бројките доволно кажуваат каков автомобил ќе биде посветен на легендарниот возач Нино Фарина, прв носител на титула од современата Формула 1. За „чудово“ на четири тркала барале 4.125 милиони долари.