PIËCH GT-СЕ СНИМА ВТОР ДЕЛ ОД „ПИХ ГТ“

18/06/2024

Компанијата беше формирана во 2017 година и уште на почетокот беше претставен моделот „гт“, електрично возило во облик на класично купе. Зборуваме за Пих, швајцарски производител на автомобили во сопственост на основачот Тони Пих и на уште едно лице. Овој Т. Пих е син на довчерашниот „диригент“ во Фолксваген, Фердинанд Пих. Тој е дел од семејството Порше (две семејства се главни во Порше и Фолксваген, едното од страна на ќерката, а другото од страната на синот на основачот на Порше – Фердинанд Порше).

За жал, работите не тргнаа како што треба и компанијата доживеа колапс. За обновување на сонот наречен производител на спортски автомобили, Тони Пих овој пат тргнува сам, но составува тим од прекалени борци во овој занает. За главен водач на компанијата Пих е именуван Тобијас Моерс некогашен главен во Астон Мартин и Мерцедес АМГ и дизајнерот Дејвид Сисинг одговорен за обликот на „твр грифин“.

Велат новото купе „гт“ ќе биде произведено во ограничен број примероци, сѐ на сѐ околу 2.000, а потоа вработените ќе преминат на друга задача, односно најверојатно купе линијата ќе биде задржана, но автомобилот ќе има пет (четири) врати. Тоа ќе се случи дури во 2028, а моделот со многу врати кој беше официјално најавен во 2019, ќе добие зелено светло за развој дури во 2029. Не на стариот континент, туку некаде на новиот во Канада во фабриката на компанијата Мултиматик, каде се произведува „форд гт“, а наскоро и „форд мустанг гтд“.

„Првата“ генерација од моделот „гт“ не го доживеа светлото на денот и сега сѐ почнува одново. „Пих гт“ сѐ уште е во развојното одделение. Ќе има погон на задните тркала каде се сместени двата електромотори со вкупна силина од 1.000 КС. Со нив купето постигнува 100 км/ч за 2,6 сек. додека крајната брзина е означена со бројката 300. Со едно полнење на батеријата „пих гт“ ќе изминува од 400 до 500 км. Цена е околу 200.000 евра.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ