Пежо наврши 215 години-ВО ЧЕКОР СО ИДНИНАТА

20/01/2025

МНОГУ МОДЕЛИ, МНОГУ ОСВОЕНИ ПРВИ МЕСТА НА ТРКИТЕ ВО РАЗНИ КАТЕГОРИИ, ОСВОЈУВАЧ НА ТИТУЛИ ВО ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ, ПОБЕДИ НА РЕЛИТО ДАКАР, 24 ЧАСА ЛЕМАН И ИНДИ 500. НАЈСТАР ПРОИЗВОДИТЕЛ НА МОТОЦИКЛИ… ТАКА СЕ ПОТПИШУВА ПЕЖО ВО ИЗМИНАТИВЕ 215 ГОДИНИ

 

Компанија стара повеќе од два века, во која е вложено многу труд, време, нерви, пари и што уште не. Зборуваме за Пежо, компанија основана во 1810 година, од браќата Жан-Пјер II и Жан-Фредерик Пежо. Прво била леарница за челик, а потоа изработувале куп мали метални производи, алатки, пружини, пили со врвен квалитет, рачната мелница за кафе, часовници…

Во 1882 година започнало производството на велосипеди, зад што стоел Арман Пежо со рачно направениот велосипед наречен „ле гранд би“. Потоа следувале други и посовршени велосипеди. Досега велосипедите на Пежо имаат 10 победи на легендарната трка Тур де Франс, а првпат победил во 1905 година.

Во 1889 година Арман Пежо заедно со конструкторот Леон Серполе вградиле мотор на пареа во трицикл („пежо тип 1“). Биле произведени само четири примероци бидејќи парниот мотор бил претежок и голем, па овој концепт бил напуштен и малку подоцна во 1890 година Пежо вградил мотор со внатрешно согорување по лиценца издадена од Дајмлер, но бил вграден во основа со четири тркала („пежо тип 2“). Ако првите автомобили на Пежо биле кочии со вграден мотор, од 1896 година Пежо го произведувал својот прв мотор и веќе не зависел од тој на Дајмлер. Кормилото со кое биле управувани кочиите било заменето со управувачко тркало, а моторот бил сместен во предниот дел на автомобилот. Со тоа се изгубил обликот на кочија и постепено автомобилите добиле друга димензија во изгледот. Тој дизајн бил предводник на денешните облици. Откако Пежо станало име во автомобилската индустрија, се обидувал да влезе и на трките. На 13 јуни 1895 година Пежо победил на првата трка во светот возена на релација Париз-Бордо-Париз. Победничкиот автомобил „пежо тип 7“ (1,3 л со 3,7 КС го возел Пол Кочлин. Пет автомобили Пежо се квалификувале за трката и сите пристигнале на целта.

Во 1896 година Арман Пежо ја основал компанијата „Сосиете де Ауто мобиле Пежо“ и ја изградил првата фабрика со намера целосно да им се посвети на автомобилите. Успеал во својата намера и постигнувал добри продажни резултати. Другиот дел од семејството се занимавал со велосипеди и почнале да вградуваат мотори во нив. Првиот мотоцикл со името Пежо бил претставен на Салонот за моторни возила во Париз во 1898 година под името „мотобисиклет“. По неколкумесечни подготовки за производство на мотоциклот сонот се остварил во 1901 година. Ова кажува дека Пежо е најстар производител на мотоцикли во светот.

Во 1907 година Пежо го конструирал првиот мотор со шест цилиндри, а успехот му се припишува на инженерот конструктор Тони Ибер. Во 1910 година компанијата на Арман Пежо се соединила со семејната компанија што произведувала велосипеди и мотоцикли. И ексцентричниот Еторе Бугати работел за Пежо. Негов е четирицилиндричниот мотор со зафатнина од 850 ссм што се вградувал во моделот „бебе“ во 1912 година. Вистинско масовно производство имало по 1912 година кога Арман Пежо решил да изгради фабрика во родното место Сошо. Тоа било своевидно чудо во тогашната индустрија на француска територија.

Пежо постигнувал многубројни победи на тркачките и рели натпреварите, но се случила Првата светска војна, период во кој Пежо произведувал за армиските потреби. Покрај разни возила произведувал и авионски мотор, „пежо 8 аа“, вградуван во два типа авиони, едниот бомбардер, а другиот опремен со лесни топови. Произведувал уште еден мотор, „хиспано суиза модел 8“, со дозвола од Хиспано Суиза, вградуван во повеќе домашни и странски авиони од типот ловци. Веднаш по Првата светска војна Пежо учествувал на познатата трка Тарга Флорио и во 1919 година освоил прво место со автомобил со мотор од 2,5 л, посебно конструиран за трки. Пилотот Андре Боило успеал со фантастично возење да стигне прв на целта за да не удри во групата гледачи, направил неколку нагли движења со управувачот, автомобилот се извртел, ги избегнал присутните и на целта влегол со задниот дел.

Работата со автомобилите и со велосипедите одела многу добро, а така било и со трките. Победите се нижеле и овој период може да се нарече златен за Пежо.

Во 1929 година Пежо го претставил моделот „201“, најевтин на домашниот пазар, модел што во 1931 година добил независно обесени тркала на предната оска. Оттогаш со овој модел започнува именувањето со три бројки и нула во средина. Пежо го патентирал тоа и затоа кога Порше го претставил својот нов модел „901“ морал да го смени бројот. Тогаш името на моделот „901“ било преименувано во „911“. Веднаш по претставувањето на најевтиниот модел, светот бил погоден од големата економска криза во која засекогаш исчезнале многу компании. И веднаш по таа криза Пежо како да сакал да прослави со претставување на моделот „402 бл еклипс декапотабле“. Тоа е првиот кабриолет со подвижен тврд покрив.

Во триесеттите години на минатиот век светот малку повеќе се интересирал за аеродинамиката и речиси сите производители тежнееле нивните автомобили да бидат заоблени, да имаат подобра аеродинамика. Тоа го направил и Пежо со моделите „202“, „302“ и „402“.

По војната производството било обновено со моделот „202“ испорачувајќи 14.000 примероци, а набрзо потоа го претставил моделот „203“ што останал во производство до 1960 година и била постигната рекорда продажба. Слично било и со поголемиот „403“ претставен во 1955 година, чие производство достигнало еден милион примероци до крајот на 1962 година кога моделот бил укинат. Во 1958 година Пежо тргнал во освојување на американскиот пазар и во 1960 година се појавил легендарниот „404“, класична лимузина што оставила трага и во Африка, четирипати победувајќи на Источноафриканското рели сафари.

Првиот автомобил на Пежо што постигнал врвни продажни резултати е малата лимузина „204“, страв и трепет за конкуренцијата во 1969, 1970 и 1971 година. Историјата ги памети 70-тите години по влегувањето на Пежо во Цитроен и европскиот дел од Крајслер, а во еден краток период ја имал и елитната марка Масерати. Од сето тоа во кругот на Пежо остана само Цитроен. Моделите „403“, „404“ и „504“ биле дизајнирани во студиото Пининфарина, а во 1983 година на сцена стапил најлегендарниот модел што некогаш е произведен од Пежо. Мал, но со многу простор, кој царувал сè до 1999 година. Се произведувал 16 години, со голем број изведби, од таа со три врати и мотор од 950 ссм до таа со дизел-мотор и пет врати со 1,9 л мотор или 1,9 л „гти“ со 130 КС. Автомобил „205“ речиси за сечиј џеб. И рели возачите од светски глас го обожавале овој автомобил. Осум години по „205“ се појавил уште еден мал автомобил што предизвикал бранување во својата класа. Помалиот модел, припадник на сегментот „а“, бил посебен по чистиот дизајн, чистите линии наследени од моделот „205“, но малку поиспеглани и подотерани. И се појавила изведбата „рели“ (1,3 л со 100 КС). Во 1987 година се појавил моделот „405“ дизајниран од Пининфарина. Рамни површини, без многу рабови – повторно чисти линии. Средната класа добила автомобил на кој конкурентите гледале со завидливост. Биле направени пустински подвизи („405 турбо 16“), со возачот Ари Ватанен на релито Париз – Дакар и двете титули во 1989 и 1990 година. За оние со спортски дух Пежо подготвил изведба „405 ми 16“ – атмосферски мотор 1,9 со 16 вентили и 160 КС. Во 1993 година се појавил моделот „306“, наследник на „309“ претставник на ниско високата класа, односно сегмент „ц“ – класика од комби лимузина со испеглан дизајн, семеен автомобил со многу внатрешен простор. Кабриолетот (дизајн на Пининфарина) бил претставен во 1994 година на Салонот за автомобили во Женева и ја освоил наградата за најубав кабриолет на саемот.

Следен модел со кој Пежо предизвикал бура од возбуди била „206“ и тука ги немало чистите линии, но изгледал убаво. Нејзините спортско тркачки и рели способности биле докажани насекаде низ светот. Во таборот на средната класа местото на моделот „405“ го зазел „406“. Во оваа класа Пежо отсекогаш имал стандардно добар семеен автомобил, како и со караванот. Класиката продолжила со моделите „407“ и „408“.

Моделот „307“ бил најавуван како автомобил што ќе му се спротивстави на популарниот „фолксваген голф“. Пежо произвел 3,677 милиони од моделот „307“, а „фолксваген голф V“ бил произведен во 3,4 милиони примероци. Слична била состојбата и со „308“ што е во трета генерација.

Посебна приказна за Пежо е 24-часовната трка Леман. Моделот „905“ е светски шампион во трките на издржливост. Во 1992 година победил на пет трки, вклучително и 24 часа Леман (1993 година и 2009 повторно победил на 24 часа Леман). Тука се и титулите во класата на конструктори во Светскиот шампионат во рели, 1985, 1986, 2000, 2001 и 2002. Пежо победил на многу трки и тоа во различни категории, само му недостасува во Формула 1 и слично натпреварување. Има освоено седум први места на релито Дакар (некогашен Париз – Дакар) во 1987, 1988, 1989, 1990, 2016, 2017 и 2018 година. Покрај овие титули, има и шест континентални титули Автомобил на годината, во 1969 со моделот „504“, во 1988 со „405“, во 2002 со „307“, во 2014 со „308“, во 2017 со „3008“ и во 2020 со „208“. Денес Пежо електрифицира автомобили и ќе се види колку добро ќе му оди со електромобилите.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ