ФРАНЦУСКАТА КОМПАНИЈАТА ГО КОМБИНИРА МИНАТОТО СО СЕГАШНОСТА ВО МОДЕЛОТ Е-208, A КАКО РЕЗУЛТАТ СЕ ДОБИВА НАДВОРЕШЕН СТАЈЛИНГ КОЈ ГО ПРАВИ ЕСТЕТСКИ ЛИДЕР ВО КЛАСАТА, ВНАТРЕШНОСТ КОЈА Е УНИКАТНА НА ПОСЕБЕН, ФРАНЦУСКИ НАЧИН, А ПОД ПОКЛОПЕЦОТ СМЕСТУВА ЕЛЕКТРИЧЕН МОТОР.
ФУТУРИЗАМ ИНСПИРИРАН ОД МИНАТОТО
Дизајнерите при обликувањето на екстериерот кај 208- та користеле елементи кои асоцираат на неговиот далечен предок, моделот 205, а во исто време совршено го имплементирале дизајнерскиот јазик применет кај големиот 508 сега во компактна средина. Темната лента над задната врата и ознаката потекнува од познатата 205-ка, што покажува дека во предниот дел Peugeot го комбинираше минатото со сегашноста. Нумеричката ознака е поставена на предниот поклопец а логото на лавот во решетката датира од седумдесеттите години на минатиот век, додека, пак, „забите“ што навлегуваат во браникот се детали од новото време. Јасно влечените линии и речиси совршените пропорции со одлично одмерен карактер го прават 208 посебен, речиси да нема конкурент во оваа класа што може да го победи кога стајлингот е во прашање, едноставно моделот 208 е естетски лидер во оваа класа. Одлуката електричните изведби да не се разликуваат од остатокот на моделите е правецот по кој реши да се движи Peugeot. Буквално сè се сведува на неколку детали, сјајните обраби над отворите на тркалата, „е“ значките поставени во С столбовите, предната решетка во бојата на каросеријата, а препознатливото лого „лавот“ ја менува бојата во зависност од светлината што паѓа на него.
ВОНСТАНДАРДНО ЧУВСТВО
Како и на надворешноста, Peugeot нема потреба да ги менува работите и во внатрешниот простор, впрочем тука дигитализацијата е присутна во сите моделски изведби, останува да кажеме дека кабината на е-208, е како и кај неговите браќа кои користат фосилни горива и е нешто сосема различно од она што сме навикнати да го сретнеме во овој сегмент. Распоредот и амбиентот создаваат чувство кое е на врвот на класата, ова е навистина квалитетно место каде што времето поминато зад управувачот носи насмевка на лицето. Сето тоа се должи на најновата генерација на i-Cockpit системот во 3D изведба со што сите најважни информаци се прикажани во прв план како холограм и невообичаено малиот управувач, идејата е да ги следите информациите од него преку воланот, а не како што е вообичаено низ него. Целиот процес бара мало привикнување, но штом ја пронајдете позицијата претставува вистинско задоволство. Во склоп со новото време имплементиран е и инфозабавен систем, кој лесно се поврзува со системите од типот на Android Auto и Apple Car Play. Управувањето со функциите е изведено преку клавирските типки кои се логички поставени и имаат предодредена улога за брз пристап до една од функциите. Лицата кои се сместени на предните седишта уживаат максимален комфор, додека оние што се наоѓаат во задниот дел имаат релативно ограничен простор, особено во делот на колената. Сепак, соодветно големите задни прозорци на 208 не го прават тој дел клаустрофобичен и темен, така што лицата сместени на задната клупа ќе немаат многу поплаки. Просторот кој е на располагање во транспортниот дел е со габарити од 311 литри што е еднаков како и кај не електрифицираните 208-ци.
КАРАКТЕРИСТИКИ ЗА ПОЧИТ
Моделот 208 уште од самиот почеток е дизајниран да биде електрифициран, па така како резултат се добива целосно пакување сместено на платформа која е внимателно осмислена како во себе би можела да имплементира електричен мотор и голем сет од батерии без да има потреба од дополнителни инженерски интервенции. Пакетот со литиум јонски акумулатори се сместени во подот на автомобилот во „H“ распоред, поставени под предните и задните седишта и нудат бруто капацитет на складирање од 50kWh. За погонот на предните тркала кај Peugeot е-208 е задолжен синхрон електричен мотор со постојан магнет од 100 kW (136 КС), што го прави овој модел засега најмоќен од сите верзии на 208, со вртежен момент од 260 Nm достапен од нула вртежи. Aвтомобилот има три режими на работа Eco, Normal, Sport, а целиот погон може да биде префрлен и во „B“ мод на работа преку кој штом се отпушти педалот за гас веднаш го менува поларитетот на моторот и започнува регенеративен ефект, a енергијата која се ослободува во овој процес ги дополнува батериските ќелии, овој начин на работа воедно овозможува и возење со една педала.
Во град се истакнува стартноста која ја поседува и брзината на реакција, подвозјето е исклучително способно да се фати во коштец и со поспортските аспирации на возачите, тоа најдобро го осетивме на локалните патишта каде што свијоците ги нижевме како да седиме зад воланот на картинг со одлична управливост и подвозје спремно да реагира на брзите промени на правец. На отворен пат се откриваат вториот дел од приказната, е-208 го покажува комфорот што е на ниво над очекувањата, леснотијата со која се движи и стабилноста при повисоки брзини нема да ве остави рамнодушни. Кога станува збор за електричен погон секогаш се наметнува прашањето за неговото полнење. Кај моделот е-208 тоа може да се изведе преку брз полнач со моќ од 100 kWh, (во моментов недостапно во МК) што ja полни батеријата од 0 до 80% за 30 минути. Полнењето преку 22 kWh јавни полначи кои се присутни кај нас се одвива во период од околу 3 часа. Додека за полнење во домашни услови со проток од 1,8 kWh се потребни „цели“ 29 часа, a како имате можност и се приклучите на 3,2 kWh тогаш времето на полнење се сведува на 12 часа. Постојат и опции за поставување на посебни полначи во домот кои овозможуваат полнење со 7,4 kWh и 11 kWh, на кои им е потребно 7 односно 5 часа да ја наполнат батеријата во целост. Секако, дека покрај времето на полнење сама по себе доаѓа и цената на потрошената електрична енергија, па затоа ако малку се внимава и се полни преку ноќ на евтина тарифа, целосната автономија од 340 километри се добива по цена на чинење на 3 литри 95 октански бензин!
За крај ќе додадеме дека е-208 нема движечки делови, масло и филтри за гориво кои треба да се менуваат на одредено време со што ветува дека трошоците за одржување се сведени на минимум за време на неговата долгорочна експлоатација, а производителот дополнително дава гаранција на батеријата од 8 години или изминати 160.000km, по чие изминување истата ќе има капацитет не помал од 70%.
ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО
МОТОР: | ЕЛЕКТРО МОТОР |
ЗАФАТНИНА: | 50 KWH |
МОЌНОСТ: | 100 kW – 136 КС |
МЕНУВАЧ: | ДИРЕКТЕН МЕНУВАЧ |
ПОГОН: | НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: MCPHERSON НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 195/55 R16, ПОЗАДИ 195/55 R16 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
1.430 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: |
4.055X1.745 X1.430 ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
8.1 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
5.1 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
150 КМ/Ч |
АВТОНОМИЈА НА ДВИЖЕЊЕ |
340 КМ (WLTP) |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ |
36.060 EU |