ВЕЌЕ Е ВООБИЧАЕНА ПРАКСАТА КОГА ЕУРОИМПЕКС, ГЕНЕРАЛНИОТ УВОЗНИК ЗА ВОЗИЛАТА ОД ГАМАТА НА PEUGEOT ЗА НАШАТА ЗЕМЈА ИМА НОВ МОДЕЛ ТОЈ ДА БИДЕ ПРЕСТАВЕН НА ДИНАМИЧКА ПРЕЗЕНТАЦИЈА. ОД ТАА ПРИЧИНА, ДОМАЌИНИТЕ НА СРЕДИНАТА ОД МЕСЕЦ МАРТ ГИ СОБРАА СИТЕ РЕЛЕВАНТНИ АВТОМОБИЛСКИ НОВИНАРИ ОД НАШАТА ЗЕМЈА ДА ГО ИСПРОБААТ НАЈНОВИОТ ФРАНЦУСКИ ЛАВ, МОДЕЛОТ PEUGEOT 508.
По краткиот брифинг и основната презентација на моделите од салата за состаноци се упативме кон паркинг просторот каде што подготвено не чекаа 4 примероци од гамата во 4 различни верзии со 4 различни мотори и различни нивоа на опременост. Во ергелата имаше 2 дизелски изведби во облик на Peugeot 508 Allure 2.0 BlueHDI со 160 КС и Peugeot 508 GT-line 2.0 BlueHDI со 180 КС, додека, пак, бензинците беа застапени преку Peugeot 508 Allure 1.6 PureTech со 180 КС и најмоќниот засега Peugeot 508 GT 1.6 PureTech со 225 КС. Вредно е да се напомене дека сите моторни изведби беа опремени со новоразвиената автоматска 8 брзинска менувачка кутија. Одбраната рута на движење започна во Скопје, а крајната, целна точка беше поставена на „Широк Сокак“ најфреквентната пешачка улица во градот на конзулите, Битола. Се разбира, возењето е со однапред предвидени станици каде што новинарите ги менуваат возилата со цел секој да ги испроба сите понудени опции.
ЛИМУЗИНА ВО КУПЕ ФОРМА
Од самиот почеток може да потврдиме дека новиот Peugeot 508 се покажа како одличен домаќин и ги потврди нашите очекувања. Најпрво, тука спаѓа ниската каросерија и прецизно извајаните линии и вратите без рамки кои пленат на прв поглед. Невозможно е да го одминете 508 а да не го забележите неговиот облик кој се издвојува од секојдневноста што се почесто ја сретнуваме во автомобилската индустрија. Како надополнување на екстериерот доаѓа кабинскиот простор низ кој се протегаат несекојдневни линии својствени за француската школа на градење. Малиот управувач со неконвенционален облик веќе станува заштитен знак за речиси сите возила на Peugeot, а тука е вкомпониран во својот можеби најспортски облик. Просторот на предните седишта е повеќе од доволен, но спортскиот изглед и намалената висина на каросеријата влијаат врз внатрешноста, а тоа се забележува во пределот на задната клупа каде што данокот го плаќа ограничениот простор, сепак удобноста за двата патника на задниот дел не е суштински воопшто нарушена.
СООДВЕТНА МОТОРНА КОНФИГУРАЦИЈА ЗА СЕЧИЈ ВКУС
Со сигурност ќе кажеме дека без разлика на одбраната моторизација, францускиот преставник се покажа во одлично светло за време на краткото дружење. Агрегатите од најновата генерација подготвени по најстрогите еколошки стандарди одлично се носат со големата лимузина, повлекуваат одлично од самиот старт, а резервата на моќ која несебично ја чуваат може да ја испорачаат моментално кога од нив ќе се побара. Управувањето и агилноста на каросеријата биле високо на листата на приоритети при конструирањето, а во одличната стабилност имавме можност да се увериме при високи брзини на автопат, но и на регионални патишта каде што справувањето со свиоците се одвива без никаков проблем. Цените за новиот Peugeot 508 се движат во распон од над 33.500 евра за основниот модел со дизелски агрегат и мануелен менувач, а за моделот со највисоко ниво на опрема и бензински агрегат од 225 КС потребно е да се издвојат речиси 50.000 евра. Секако сумата не е мала, но во предвид треба да се земат сите нови технолошки достигнувања кои доаѓаат сериски, големиот број безбедносни системи и многу други дополнителни елементи во опремата со кои ова возило сака да му покаже на автомобилскиот свет дека преставува предвесник на една нова ера, ера на нова технологија, на автономност и на современ дизајн. Подетални информации за новиот Peugeot 508 очекувајте во блиска иднина кога овој автомобил ќе го имама на неколкудневно тест возење.
НОВ ПРОДАЖНО СЕРВИСЕН ОБЈЕКТ
Во склоп на патувањето, од Еуроимпекс покрај новиот Peugeot 508 имаа уште една новост, официјално претставување на новиот продажно-сервисен салон со кој стопанисува компанијата „365 Ауто“ и се наоѓа во Битола. Објектот е со површина од 100 м2, а од него се очекува значително зголемување на бројот на продадени возила во југозападниот дел од земјава.