Пежоовата двеста осумка за првпат се појави во 2012 година на Салонот за автомобили во Женева. На крајот од минатиот месец Пежо ги објави првите фотографии од обновениот модел. Најдобро е да кажеме дека сè на него е ново, а единствено што е старо, тоа е бројката 208. Значи нов модел, не е рестилизација. Нов приод во дизајнот, платформата „емп 2“ на која е правен новиот модел е за 30 кг полесна во однос на претходната ф1, поголема безбедност за патниците и истовремено поголема удобност и ергономија.
Покрај бензинските и дизел моторите, конструкторите вградиле и електричен погон, така што купувачите ќе имаат проблем повеќе со каков мотор да одберат 208-ка. Сето претходно спомнато е спакувано во следниве димензии, должина 4055 мм, ширина 1765 мм (1970 мм со ретровизори) и висина 1430 мм, додека растојанието меѓу предната и задната оска изнесува 2450 мм. И еве нè сега повторно во Женева и повторно на светска премиера. Нештата во сегментот „б“ отсекогаш биле густи, но сега гужвата наскоро ќе биде уште понеподнослива кога новата „двеста осумка“ ќе влезе во продажните салони.