БРЕГОТ НА ТИРЕНСКОТО МОРЕ КАКО ДЕЛ ОД СРЕДОЗЕМНОТО ИЛИ МЕДИТЕРАНОТ АМАЛФИ, ШТО УЖИВА ГОЛЕМИ СИМПАТИИ НЕ САМО КАЈ ЖИТЕЛИТЕ НА ИТАЛИЈА ТУКУ И НА СВЕТОТ ГЕНЕРАЛНО, КОИ СЕ ПРИВРЗАНИЦИ НА Т.Н. СЛАДОК ЖИВОТ (ИТАЛ. ДОЛЧЕ ВИТА), НЕСОМНЕНО ВАЖИ ЗА ЕДНА ОД НАЈБАРАНИТЕ ЛЕТНИ ТУРИСТИЧКИ ДЕСТИНАЦИИ ЧИИ ГОЛЕМИ, НО И МАЛИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА ВООДУШЕВУВААТ СО НИВНАТА КОЛОРИТНОСТ, НЕОСКВЕРНЕТОСТ…, ВО ПОЛНА СОГЛАСНОСТ, ХАРМОНИЈА СО ПРИРОДАТА НАОКОЛУ. МЕЃУ НИВ СЕ ВБРОЈУВА И ПОЗИТАНО
Има една пословица што вели: „Убавината пазар собира…“, чија вистинитост е илјадапати докажана, потврдена. Широките погледи, сеопфатноста која се одликува со богата метафорика, во голема мера и поради повеќезначноста, вклучувајќи ја и нејзината природност, без никакво сквернавење, како да е измислена за брегот на Тиренското Море кое му „припаѓа“ на Средоземното (Медитеранот) Амалфи, неговите и поголеми, но и помали населени места, кон кои се приопштува и атрактивното Позитано. За привлечноста на селото е пишувано многупати, всушност и патописците се најзаслужни за толку големата популарност кај поширокиот круг луѓе што го преферираат „слаткиот живот“ за кој Италијанците ја имаат најубавата експресија – долче вита. Откако се објавила репортажата на Џон Стајнбек во „Харперс базар“ (1953-та), посетеноста на Позитано нагло пораснала. Оттогаш е прво на листата за препораки кога се работи за летните туристички дестинации во Италија, заедно со истоимената комуна и другите места на брегот, во јужниот дел. Секако, истовремено е инспирација за пишување книги чии дејства, настани се одвиваат токму таму. Дотогаш било сиромашно рибарско село. Неговата историја се менувала низ вековите, имало и подеми и падови.
НЕПРЕСУШЕН ИЗВОР НА ВДАХНОВЕНИЕ СО ДЕЦЕНИИ, ТОЧНО СЕДУМ
Во 19 век населението масовно се иселувало во Америка, поради долговремената криза, финансиска. Претходно било поприлично развиено, посебно во 16 и 17 век со именувањето како главно пристаниште во Амалфи, кој во тоа време бил република. Прогресот започнал во 15 век и покрај тоа што за природните ресурси, атракциите кои и ден-денес се причина за посета доаѓале и во најраниот период од камената доба, палеолитот. Една од нив е и пештерата „Грото Ла Порта“. Ископувањата за потребите на историската наука, т.е. археологијата и во самото место и во неговата близина, сведочат за постоењето на убави, раскошни куќи уште пред новата ера, кога се верувало дека таму, во морските води живееле сирени. Наводно со своето волшебно пеење ги заведувале поморците. Истражувањата се темелат и на големиот интерес за градбите, нивните локации на стрмнините од кои се воодушевувале многумина, меѓу нив и Карл Јакоб Вебер, познатиот швајцарски архитект, инженер кој во 1758-ма ги надгледувал истовремено и археолошките ископувања во Помпеја и Херкуланум од причина што Римското Царство постојано му го свртувало вниманието. Испитувањата во научни цели се користат и за маркетингот, да се привлечат што повеќе посетители. Целата регија Кампанија во чиј состав е Позитано има природни, духовни богатства во изобилство, секако и културно и фолклорно наследство каде што спаѓа и керамиката. Нејзините шари се присутни наголемо и во колекциите на модните куќи, креатори како Доменико Долче и Стефано Габана.
И неколкуте филмови каде што се прикажува малото населено место во сиот сјај, како на пример „Only You“ (1994-та), „Under the Tuscan Sun“ (2003-та), „Kath & Kimderella“ (2012-та), се сметаат за добри „поткови“ на желбата да се отиде на летен одмор во Позитано, да се почувствува со сите сетила. Опеано во многу песни, меѓу кои и „Cinema Italiano“ во филмот „Nine“ (2009-та), селото плени и со начинот, стилот на живеење што го претпочитаат.
ПЛАЖИ ЗА СЕЧИЈ ВКУС, ПА И ЏЕБ
Летниот одмор некако сам по себе се поврзува со времето поминато на плажа, во пливање, сончање… Разновидноста на плажите во Позитано ги задоволува буквално сите желби на посетителите, согласно нивните потреби, но и вкусови. Без разлика дали преферирате гужви, мир и тишина во која ќе можете да ги слушате ритмичните звуци на брановите, сигурно ќе ја најдете вистинската, правата за вас, пријателите, роднините…, вашите сопатници. Во популарните се вбројуваат „Форнило бич“, „Спјаџа Гранде“, „Ла Сколјера“ и „Ариенцо Бич Клуб“. Првата е помирна во споредба со втората, скриена – невидлива за случајните минувачи. Располага со два ресторана (еден од нив е „Пупето“ каде што се наплаќа 20 € по лице). До „Марина Гранде“ се стигнува за 10-тина минути, пеш. „Спјаџа Гранде“ всушност е најголемата, поделена на две – бесплатна и клупска, на која се најмат и лежалки за 30 евра. Се наоѓа близу пристаништето за фериботи. Ја има речиси на сите разгледници, снимки направени одозгора. Како што кажува и самото име, третата е карпеста и важи за ВИП. Дневниот престој чини од 100 до 500 €. А четвртата, пак, е именувана по кафе-ресторанот во кој се послужува и морска храна. Цените на изнајмувањето лежалки се движат меѓу 90 и 200 евра. Пијалаците секако дека се вклучени во нив, често и шампањ. Сите поседуваат и тушеви, а имајќи го предвид фактот дека во Позитано се весла многу и кајак, може да се најмат и чамци во неколкуте клубови, па дури и глисери, јахти со сите салтанати.
Малото населено место на надалеку прочуениот брег – Амалфи побудува интерес меѓу другото и со колоритот и со стрмните улички на кои се сместени кафулињата, бутиците во голем број. Самата прошетка по нив ќе ве опушти максимално, широката глетка на околината што се открива оттаму делува смирувачки. Но, внимавајте да не ве заслепи сјајот, блесокот на вилите. Сонцето најверојатно, додека седите на некоја тераса од кафе-рестораните на „Пјаца деи Мулини“, центарот на сите или барем на повеќето случувања во Позитано. Таму се и дуќаните со сандали од кожа, што се изработуваат по нарачка. Месното население ги смета како своевидни сувенири за кои вреди да се почека и неколку дена. Дизајнерската облека, исто така, е дел од понудата. И аксесоарите. Во паузата од шопингот, пешачењето…, можете и да обедувате. Секој мештанин ќе ви препорача или ризото со лимон или ризото со морски плодови, без исклучок на „обичното“, со шафран, путер и пармезан, или шпагети со школки. Десертот им е фаворитски, прелиен со лимонов сируп.
ПАТЕКАТА НА БОГОВИТЕ И НЕЈЗИНАТА УБАВИНА, БОЖЕСТВЕНA
Белегот на Позитано несомнено е црквата „Санта Марија Асунта“, во која сигурно ќе влезете неколкупати. Ќе ве воодушеви не само со архитектурата туку и со византиската икона на Мајката Божја, донесена уште во 10 век. Оттогаш се слави – секако, истакнувајќи ја нејзината вредност. Иако бил повеќепати оштетен, посебно во средновековјето, денес христијанскиот храм е завештание од минатото чие богатство е непроценливо – комплетно обновен. Неговата купола е вистинска мајсторија. Има двократно работно време, од 8:00 до 12:00 и од 16:00 до 20:00. По посетата на црквата, месното население ќе ви препорача да се упатите кон патеката на боговите. Не случајно е наречена така, убавината на панорамата навистина е божествена. Долга е 6,5 километри, полна со угорници, удолници. Минува покрај селата Ночеле, Бомерано. Мирисот на Медитеранот дефинитивно ќе ве опои. Дури и за време на возењето по патот на морското крајбрежје – Амалфи, во насока на истоименото гратче или пак во спротивен правец накај Соренто. Целата должина изнесува 50-тина километри.
Позитано е меѓу нив, двете. По секоја кривина следува изненадување, и визуелно и звучно, глетката се преплетува со ритмичните звуци на брановите кои наместа удираат по карпите. За комплетен впечаток се препорачува и најмување шофер, за концентрација на вниманието. Попатно или во некоја друга пригода, зависно од агендата, можете да ја посетите и „Грота дело Смералдо“, пештерата од која зрачи светлина во боја на смарагд, поради мешањето на сончевата и таа од сијалиците. Ремек-дело на природата се и сталактитите. Напати ќе ви го пресечат и патот додека се возите со чамец, 20-тина минути. Водата инаку е азурна. За да добиете комплетен впечатокот, препуштете им се на возбудливите доживувања, не само во Позитано туку и во неговата близина. Качете се на Монте Фаито, планината која се издига над градот Неапол, и тоа со жичница до врвот. Погледот на Капри, Везув и заливот е восхитувачки. Дотаму се стигнува со железница за еден и пол час, евентуално два. И секако, не пропуштајте да ја посетите кантината „Мариза Куомо“. Се работи за винарница каде што се врши и дегустација, а можете да научите и нешто повеќе за производството, чувањето на виното. Оддалечена е околу 25 км. Работи само во делници, од 9:00 до 13:00 и од 15:00 до 18:00. Саботите и неделите се резервирани за друго, заокружувајќи ја приказната за „слаткиот живот“. Најпосле, сите тајни не се откриени. Жителите на Позитано чуваат нешто и само за себе.