(ПРЕТ)ПРАЗНИЧНИТЕ ДЕНОВИ ВО ГРАЦ И ВЕСЕЛАТА АТМОСФЕРА, ДОБРОТО РАСПОЛОЖЕНИЕ ПОРАДИ БОЖИЌНИТЕ ПАНАЃУРИ СЕ САМО ЕДНА ОД МНОГУТЕ ПРИЧИНИ ЗА ВТОРИОТ ПО ГОЛЕМИНА ГРАД ВО АВСТРИЈА ДА ГО ПОСЕТИТЕ ВО ДЕКЕМВРИ И ПОКРАЈ ТОА ШТО БРОЈНИТЕ ЗНАМЕНИТОСТИ, СЛУЧУВАЊА ГО ПРАВАТ ИНТЕРЕСЕН ВО КОЈ БИЛО МЕСЕЦ ОД ГОДИНАТА. НЕГОВИТЕ ЖИТЕЛИ ВЕЛАТ ДЕКА Е МНОГУ ПОИНТЕРЕСЕН ОД ВИЕНА „ПОКУЛ“, СО ШТО СЕ СОГЛАСУВААТ И МНОЗИНА ТУРИСТИ
Нема сомневање, главниот град на Штаерска за време на адвентот, исто како и другите населени места, и големи и мали, не само во Австрија туку и во останатите земји со мнозинско католичко население, па дури и православно, кое го слави Рождеството Христово по грегоријанскиот календар, изгледа како во класичните бајки, филмовите инспирирани од нив, доследно. Покрај веселата атмосфера, доброто расположение, силен впечаток секако дека оставаат и богато осветлените излози, улиците чии светилки се палат точно во 16:30, без исклучок. Годинава маркетите се отворија на 18 ноември, а ќе траат како и обично, до 24 декември. Централниот, сместен пред Градското собрание, можеби е најпосетен, ама сепак и другите, како на пример во срцето на стариот град, веднаш до црквата на францисканците, кој важи за најстар во Грац, на Färberplatz, на Glockenspielplatz и на Mariahilferplatz, вклучително и ледените јасли во ренесансниот двор, привлекуваат и со големата понуда и со веселото, добро настроение. Студот не го спречува населението да уживаат во нив, затоплувајќи се со чаша Feuerzangenbowle, пунч, Glühwein. Во комбинација на печени костени, не изоставајќи ги ни чоколадите Zotter, нивниот трејдмарк. А туристите, пак, им се придружуваат на жителите во задоволството, често надополнето и со танцување на инструментална, класична музика во духот на празниците.
Шетањето низ градот кој плени со својата автентичност ќе ве воодушеви и со големото присуство на млади луѓе. Од вкупно 300.000 граѓани, 40.000 се студенти. Оттаму и младешкиот изглед на Грац и занесот, без оглед на тоа што речиси сè потсетува на 19 век, на неговата смиреност, убави чувства…, чии епохални вредности, благодарејќи на молскавичната брзина со која се развивала науката, остануваат во сеќавањата. Младоста е присутна секаде, не само во буквална смисла туку и метафорично, па дури и во стариот дел, центарот на градот и покрај тоа што во западниот се подразбира бидејќи таму е и универзитетот. Скоро и да нема студент кој не знае дека во околината е роден и познатиот Арнолд Шварценегер алиас Терминатор, а мнозина го посетиле и неговиот музеј. Во слободно време му се предаваат на хедонизмот, како што често знаат да кажат. Освен кафулињата, полни се и гостилниците, рестораните…, уживајќи во мераклиските работи виното и кулинарските специјалитети по кои е познат Грац. Но и Штаерска воопшто.
Јавниот градски сообраќај функционира беспрекорно, трамвајот ги поврзува буквално сите локации, места. И пешачките зони што го олеснуваат дополнително движењето.
РЕНЕСАНСНИОТ, ДОМИНАНТЕН СТИЛ ВО ГРАДОТ СО МЛАДЕШКИ ЗАНЕС
Генерацискиот јаз во Грац е сосема непознат. Младите и старите се почитуваат меѓусебно, си укажуваат внимание. Оттаму и различноста на самите туристи, и во однос на возраста и во врска со сфаќањата. Впрочем, секој граѓанец ќе ви даде на знаење дека такви се и можностите кои ги нуди Грац – согласно интересите. Дотаму се стигнува поприлично лесно. Тур-операторите секако дека ќе ви ја препорачаат железницата како сообраќајно средство за превоз, чија линија од Виена и обратно е под заштита на УНЕСКО, поради 12-те тунели и 16-те вијадукти.
Знаменитостите на градот во исто време се спој на историјата (минатото) и културата (и духовната и материјалната), со посебен акцент врз архитектурата, но и на природата во неговата околина. Можности за пешачење, возење со велосипед има во изобилство. Стилот на градбата е препознатлив. Објектите во голем степен ја преживеале и Втората светска војна. Без филување, одново ја раскажуваат својата приказна, секој ден. Ограниченото времетраење на престојот често знае да ја диктира и туристичката маршрута. Сепак, бедекерите ќе ве упатат на правите адреси. Незаобиколна секако е посетата на Schlossberg чија важност е особена и за името на Грац, кое потекнува од „градец“ (слов.). Имено, пред 1.000 години, па дури и повеќе, на ридот се наоѓало мало кале чие проширување започнало во средината на 1500-тите, по нацрт-планот на ренесансниот италијански архитект Domenico dell’Allio. Денес тврдината ја има во Гинисовата книга на рекорди, забележана како најјака фортификација на сите времиња, која не успеала да ја урне и Наполеоновата војска. Буквално сите други калиња ги разорила, со исклучок на ова, секако заедно со камбаната и саат-кулата. И двете ги откупиле граѓаните. Утврдувањето е на висина од 473 м, каде што можете да се качите со жичарница, застаклен лифт, а и пеш. Саат-кулата се наоѓа подолу, само неколку метри. Датира од 13 век, реставрирана во 1560-тите. Надворешниот изглед е зачуван и ден-денес. Интерес побудуваат и грбовите (3 на број), исто толкуте ѕвона (огненото, ѕвоното кое ги отчукува часовите и ѕвоното на сиромашните) и „побрканите“ стрелки. Во близина е скулптурата на куче од камен, во сеќавање на домашниот миленик што во 1841-ва ја спасил ќерката на Kunigunde од киднапирање за брак од тогашниот унгарски крал.
Палатата Eggenberg всушност е алегорија на универзумот, архитектонски – прикажувајќи ја егзактноста на вселената, светот… Нивната прецизност до ситница, какво што е и окружувањето во кое се наоѓа, прекрасно уредениот парк. Ја нарачал Hans Ulrich von Eggenberg во 1625-та, за да му се спротивстави на хаосот во изминатиот период. Неговата љубов кон хармоничната архитектура ја отелотворил во неа. И алузиите за времето и просторот, се разбира – претставени во собите, прозорците, вратите…, заедно со сликите во Planetelsaal, чија симболика секако е астрономска, врзана со небесните тела. И фазонирањето на градината било во согласност со т.н. планетарна сала. Денес палатата ја раководи Joanneum, провинцијалниот музеј на Штаерска. Лапидариумите, збирките монети се дел од нејзините поставки.
Иако ренесансниот двор е и парламентски, асоцира на раскошна забава. Постои веќе 466 години, од 1557-ма. Го опишуваат како ремек-дело на Domenico dell’Allio, чии аркади предизвикуваат восхит. Неизоставно и фонтаната од бронза, изработка на маниристите, и бакарните украси (анимални), вклучувајќи го и барокниот мебел. За време на адвентот, пред него се поставуваат јаслите од мраз, кои го симболизираат Раѓањето Христово. Дворот служи во исто време и за прикажување филмови, концертирање, банкети… Капелата од 1630-тите, нејзиниот езуитски олтар, сликата на Богородичното возвишување и двата кипа, на Света Барбара и на Света Катарина, имаат симболично значење – ја симболизираат обновата на католицизмот.
ВО ДОСЛУХ СО МИНАТОТО, АМА И СО ПРИЈАТЕЛСКИ НАСТРОЕНИОТ ВОНЗЕМЈАНИН
И седиштето на штаерската влада се смета за чист, скапоцен бисер на архитектурата, кое импресионира со скалите во вид на спирала, нивната оптичка илузорност. Ги нарекуваат и скали вањето. Необични се поради краткото стопување, раздвојување и повторно соединување на секој етаж. Влезот е слободен, од 7:30 до 20:00, сите 7 денови во неделата.
Вечното почивалиште на царот Фердинанд – мавзолејот ќе го препознаете веднаш, по неговите куполи со синозелена (тиркизна) боја, како дел од целината, заедно со црквата Света Катарина и катедралата. Потсетува на Фиренца. Впрочем, таа е идеја на дворскиот сликар, Италијанецот Giovanni Pietro de Pomis. Безмалку 410 години го краси центарот на градот, од 1614-та. Надворешноста на црквата изобилува со детали, меѓу нив и скулптурниот приказ на светителката заштитницата на универзитетот, свртена кон местото каде што е основан, во 1585-та, покажувајќи го и вкусот на тогашното време, прагот на ренесансата и барокот. Фасадата на катедралата можеби ќе ве збуни со нејзината едноставност, ама не и готскиот фрескоживопис во внатрешноста. Изградбата почнала во 1438-ма, по нарачка на Фридрих Трети, прво како парохиска црква. Главна станала во 1786-та. И реликвиите на влезот во седиштето на бискупот се сметаат за бесценето богатство, не само духовно. Посетата на катедралата не се плаќа.
Историјата на градот, неговото минато е присутно буквално секаде, на секој чекор. Се разбира, музеите се најголемите репрезенти со изложените поставки, меѓу кои и оружарницата под раководство на Joanneum. Оружјето само по себе ја раскажува витешката приказна за страста. Можете одблизу да ги видите оклопите (метални облеки) што ги штителе средновековните воини во борбите, сите средства за напад или одбрана -вкупно 32.000 експонати распоредени на 4 ката. Децата воопшто не ја кријат воодушевеноста од нив, обидувајќи се внимателно да ги слушаат преданијата, сагите за подвизите на коњаниците итн. Влезниците чинат 11€ за возрасни, 4,5€ плаќаат младите луѓе, од 19 до 26 години, другите не.
Исти се цените на билетите за влез и во Музејот на современата уметност, кој воодушевува и со својата надворешност. Го нарекуваат пријателски настроен вонземјанин, симнат од некоја друга планета. Неговиот модернистички стил знае и да збуни, особено поради визуелниот ефект, изгледа како да лебди над зградите.
Дури 1.066 елементи од акрилно стакло ја покриваат биоморфната конструкција, дело на британските архитекти Peter Cook и Colin Fournier. Изложбениот простор на два спрата е погоден за различни манифестации, а има и ресторан. Се наоѓа на десната страна од реката Мура во чие корито е уметничката изработка, своевидната перформанса на њујорчанецот Vito Acconci од 2003-та, кога Грац беше прогласен за европска престолнина на културата. Железната конструкција се одликува со екстраваганција. Бродот или островот (се користат и двата термина) е идеален за пиење кафе, коктел…, по прошетката низ градот, посетата на историските, културните знаменитости, шопингот… Можно е и девојката и момчето во традиционална народна облека на Glockenspielplatz, како дел од механизмот на градскиот часовник, да ве потсетат дека е време за тоа, чии пируети во ритамот на музиката (3 вида) од 24-те ѕвона се штелувани да покажуваат кога е точно 11:00, 15:00 и 18:00. Или пак за обедување, вечера во некоја од многуте гостилници, ресторани. Почнете со Brettljause, даска на која има сирење, месо и варена риба. Продолжете со Backhendl, панирано пилешко. Завршете со Kaiserschmarrn, сечкани палачинки со пекмез од кајсии. Во меѓувреме, напијте се се домашна ракија, вино… И наздравете.