PAGANI UTOPIA-УТОПИЈА НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА

23/08/2024

Мајсторот над мајсторите Хорацио Пагани е еден од последните мохиканци кои сѐ уште прават автомобили на стариот добар начин, сѐ рачно…

Неговиот модел „утипија“ отсега натаму ќе го има и во отворена изведба, односно роудстер. Моторот е класика над класиките, 6,0 л V12 позајмен (нарачан) од Мерцедес иако самиот производител веќе не го вградува овој мотор, сепак сѐ уште го произведува рачно и строго по порачка. Хорацио Пагани за своите автомобили болиди така прави, нарачува мотори од Мерцедес, а таму има човек кој сам ги изработува. Во него нема ништо друго сем сурова класика нема хибриден или умерено хибриден „додаток“. 864 КС добиени со помош на двоен  турбо полнач и 1.100 Нм максимален вртежен момент.

При изработката посебно внимание е посветено на тежината. Колку што тежи купето, толку тежи и роудстерот, благодарение на новиот начин на градење монокок конструкција, употребата на јаглеродните влакна и тоа во 40 различни комбинации. Тие заедно со титаниумот ја прават конструкцијата да биде многу цврста и истовремено лесна. Да разјасниме. Јаглеродните влакна се како вселената затоа што со нивното мешање се добиваат огромен (бесконечен) број композитни материјали и колку тој материјал е поегзотичен (содржи повеќе видови јаглеродни влакна) толку е поскап. Тој што умее да работи со јаглеродните влакна и има добро познавање колку, како и кое со кое се меша, толку подобар материјал ќе направи. За воља на вистината Хорацио Пагани е таткото на композитните материјали, така што можат да му позавидат и најголемите научници. Само 1.280 кг распределени на 864 КС. Затоа тие успешно го носат роудстерот до електронски ограничената крајна брзина од 350 км/ч.

Тие 864 КС се пренесуваат на задната оска преку менувачка кутија со седум преносни степени, не со двојна, туку со тројна спојка. Ако некој има желба да менува брзини преку крилца од пеперутка сместени на задната страна од управувачот, Пагани вградува токму таков менувач со ист број преноси, само што е автоматски.

И за крај една куса приказна од работилницата Пагани. Управувачот е изработен од алуминиум и тежи само 1,3 кг, а се прави од парче алуминиум тешко 43 кг. Компјутерската обработка на управувачот оди преку машина глодалка на која и се потребни 28 часа работа за управувачот да биде подготвен за вградување. И сега не прашувајте зошто автомобилите Пагани се скапи. Таму нема модел за 300.000, 500.000 или 800.000 евра. Ако некој сака да нарача „утопија роудстер“ ќе треба да издвои 3,1 милион евра.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ