Нова средба со новиот Peugeot Rifter – Нова димензија

04/01/2019

КАКО ПО ОБИЧАЈ РЕГИОНАЛНИОТ ИМПОРТЕР ЗА ВОЗИЛАТА ОД ГАМАТА НА PEUGEOT, КОМПАНИЈАТА „ЕУРОИМПЕКС“ ПОДГОТВИ ДИНАМИЧКА  ПРЕЗЕНТАЦИЈА ЗА СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИТЕ АВТОМОБИЛСКИ НОВИНАРИ СО ЦЕЛ ПОДОБРО ДА ГО ЗАПОЗНАЕМЕ ПОТПОЛНО НОВИОТ RIFTER.

 

На крајот од ноември на покана од увозникот за Македонија а воедно и регионален импортер за возилата од програмата на Peugeot, компанијата „Еуроимпекс“ од Скопје , имавме прилика да присуствуваме на целодневно дружење со цел подобро да го запознаеме моделот Rifter. По краткиот брифинг во просториите на Peugeot се упативме кон паркингот каде што не дочекаа два потполно нови модела на Rifter. Нивната главна задача беше да се престават во што подобро светло на рутата предвидена за динамичката презентација за новинари, од Скопје до Маврово и повторно назад во Скопје. За време на тест возењето секој од новинарите имаше можност на одредени стоп точки да ја промени својата позиција во возилото со цел да ги почувствува перформансите на моделот во улога на возач, совозач, или, пак, на патник на задната клупа.

НЕ Е СУВ, НЕ Е НИ МПВ
Почнувајќи од надворешниот дизајн, новиот Rifter е сосема ново возило. Тој не е СУВ, не е ниту моноволуменец туку нешто помеѓу. Тој е сосема нов предлог даден од Peugeot, па токму и затоа на пазарот стартува со ново име. На дизјанот од новиот Rifter имаат работено 30 дизајнери. Изгледот на овој модел е повеќе агресивен и модерен, сепак ќе кажеме дека секое возило има свој стил, дизајн и своја потенцијална клиентела за која е наменет, а за Rifter може слободно да заклучиме дека цели кон лицата кои од возилото бараат робустност, модуларност и доза на авантура.

Кај елементите кои го истакнуваат надворешниот облик се издвојуваат капакот на моторот кој е значително покус отколку кај сличните конкурентски модели, дизајнот на предната решетка за ладење на агрегатот која користи елементи што се идентификација на сите нови возила на брендот. Тука е препознатливиот светлосен ЛЕД потпис, а во долниот дел од предниот браник е поставен штитникот од кал кој е обложен со алуминиум. Странично до израз доаѓаат интегрираните кровни носачи, накосеното ветробранско стакло, а тука се и елементите позајмени од СУВ возилата во облик на странична заштита од пластика и повисокото растојание од тлото кое изнесува цели 180 мм. Со задната страна на возилото доминираат препознатливите ЛЕД стоп светла во форма на лавовски канџи.

КЛАСИЧНАТА КАБИНА Е МИНАТО
Внатрешноста располага со целосно нов и прочистен дизајн, мерачите пред возачот се поставени во инструмент таблата која е позиционирана повисоко и нуди одлична прегледност на сите примарни информации. Мултимедијалниот систем или како што во Peugeot го нарекуваат i-Cockpit располага со 8 инчен екран осетлив на допир, преку него се извршуваат повеќето секундарни функции и затоа бројот на прекинувачи во кабината се сведени на минимум.

Бидејќи живееме во време кога сè е константно поврзано со интернет мрежата кај овој систем е овозможено поврзување на Android Auto или Аpple Car Play со што вашиот смартфон е целосно достапен на екранот. Несекојдневниот стилски израз за ваков тип на возило и модерен дизајн елегантно се вклопува во целината. Вниманието го привлекува нетрадиционалниот компактен управувач кој има рамни делови. Кабинскиот простор е со извонредни габарити со што на патниците им е овозможено чувство на пространост, а за удобноста на задната клупа се грижи потполно рамниот под кој дозволува комотно да се сместат три лица. Воедно, задната клупа е склоплива и тоа по принципот секое седиште засебно со можност за демонтирање на истите.

Како дополнителен плус се многубројните места за одлагање на предмети во внатрешноста и секако капацитетот на багажниот простор кој во основната конфигурација поседува зафатнина од 775 литри, а доколку се собори задната клупа неговиот капацитет се зголемува на 1.414 литри.

ПРЕФИНЕТИ И ЕКОНОМИЧНИ
Peugeot Rifter се базира на новата EMP2 платформа на концернот, податок кој јасно дава на знаење дека комфорот во возењето е загарантиран. Што се однесува до агрегатската понуда, новиот Rifter располага со најновата генерација на Euro 6.2 мотори кои се веќе спремни за WLTP хомологација. Во игра се две изведби на 1.2 литарскиот бензински PureTech мотор со 110 и 130 КС, послабиот оди во комбинација со 5 степен мануелен менувач, додека помоќната изведба може да се добие со 6 степен мануелен или автоматска 8 степена менувачка кутија. Дизелските верзии се изведени од новиот 1.5 литарски BlueHDi мотор кој може да се добие со три различни степени на моќ. Почетниот со 75 КС и 100 КС се споени на 5 степен мануелен менувач, а пак моделот со 130 КС доаѓа стандардно со 6 степен мануелен или со опциски понудениот автоматски 8 степен менувач.

Најпрво имавме можност да бидеме зад управувачот на 100 КС верзија со дизел агрегат чија што единствена критика оди на сметка на менувачот кој е со 5 степени на пренос, истиот кога би имал уште еден степен повеќе би овозможил многу попријатно возење на отворен пат. Следеше моделот со 130 дизелски коњи кој работи во спрега со 8 степена автоматска трансмисија. Поголемата моќ и одлично пресметаните степени на пренос одат рака под рака и му овозможуваат на возилото без никаков напор да ја движи каросеријата тешка речиси 1.5 тони. Во овој модел производителот ја нуди технологијата Grip Control која работи во неколку режими и му овозможува на возилото да се извлече од покомплексни ситуации на и вон асфалтната подлога.

Мора да напоменеме дека и двете моторни опции се исклучиво економични, a производителот истакнува дека на послабиот агрегат му се потребни 4.1 литри додека на помоќниот модел само 4.3 литри за секој 100 изминати километри.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.