NISSAN QASHQAI-ОБНОВУВАЊЕ НА ОБЛИКОТ ОД „КАШКАИ“

25/04/2024

Не само што е мода да се има електрично возило, да се има некој вид сув, туку модата „забега“ и во делот на обновувањето на облиците – рестилизацијата. На прагот од третата година од постоење, „нисан кашкаи III“ доби речиси темелно обновување, како однадвор, така и во одделот за патниците. Нешто слично (или исто), одвреме-навреме, прави и Хјундаи, сличен рецепт примени и БМВ, а на ваквиот начин на работа не се имуни ни останатите производители. Купувате нов автомобил и уште не поминале две до три години, а моделот веќе добива наследник.

„Кашкаи“ е еден од најпродаваните модели на Нисан. Однадвор забележива е новата маска со светлосната групација, а истото е и одзади. Има три нови бои, внатрешност која е поинаква од таа во моделот што заминува, алкантара детали во најопремената изведба, 18 до 20 инчни тркала, екрани со поголеми дијагонали, подобра резолуција и побрзи процесори.

Има три погонски агрегати и сите се електрифицирани. Основниот е со 1,3 л турбо бензинец со обичен менувач со шест брзини и 140 КС со умерена хибридна технологија, потоа на ред е истиот мотор, но автоматски менувач и 158 КС, со погон на предна или на двете оски. Најснажната изведба е именувана како „е – паувр“ со 190 КС. За цената обратете се кај увозникот, но не сега, туку некаде во втората половина од летото.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ