NISSAN PATHFINDER&ARIZON-НИСАНОВИТЕ КОНЦЕПТИ ВО ШАНГАЈ

30/05/2023

На неодамна одржаниот Салон за автомобили во Шангај, Нисан меѓу другите претстави неколку концепти од кои два беа во „сув“ издание. Легендарниот „патфајндер“ продефилира како концепт. Од неговото појавување во 1985 год. моделот „патфајндер“ стана единица мерка за теренско, но и возило за совладување на градските гужви.

Занимливото кај овој концепт е тоа што е правен по теркот на кинескиот купувач, за современиот, за активниот.

Концептот „патфајндер“ возвраќа со надворешност која е во согласност со поистоветувањето на дизајнот кај сериските возила, а внатрешноста е приказна за себе. Три реда седишта – возило наменето за многубројни семејства и за големи друштва со сите удобности што ги носи днешниот свет, од дигитализирана табла со инструменти, до таблет монитори во седиштата за да можат патниците од задните седишта да бидат во тек со сите светски настани или со детали за нивната работа и сето тоа да го следат со помош на интернетот. Потоа на ред доаѓа амбиенталното светло во зависност од расположението на возачот. Конструкторите оделе дотаму овој амбиентален миг да може да го препознае ликот на возачот и веднаш да ја смени бојата, односно да го подеси светлото според желбата на лицето кое влегло во возилото. Тоа се еден вид финеси кои во иднина ќе станат секојдневие во одделот за патниците.

Овие ултра современи играчки ги има во концептот „аризон“ кој за разлика од „патфајндерот“ повеќе е градски, со дизајн да им се допадне на младите возачи. И овој концепт е создаден во Кина и е наменет за тамошните купувачи. Тамошниот пазар е најголем во светот и затоа Нисан има многу посебен однос. „Аризон“ е возило со кое се нагласува индивидуалноста на сопственикот иако возилото не е купе. Во него возачот може да општи со дигитално компјутерскиот систем наречен „епоро“. Тоа е нешто како прв чекор во вештачката интелигенција. Возачот може да збори со „епоро“ за најразлични теми, да го праша за метеоролошката состојба, за цени на производи, за гужва на патиштата, кој е најкус пат од точка „а“ до точка „б“ итн.

Нема да биде чудно ако концептите наскоро влезат во производство затоа што повеќе личат на сериски, отколку на концепти со дизајн од идниот век.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.