NISSAN MURANO-ЧЕТВРТО ПРОДОЛЖЕНИЕ ОД СЕРИЈАТА „МУРАНО“

31/10/2024

Во првата половина од октомври Нисан ја претстави четвртата генерација од моделот „мурано“. Нов облик, нови тркала, нова внатрешност и сѐ друго што следи во еден сосема нов автомобил, а во себе ја има и популарноста од претходните генерации. Покрај класичните бои, Нисан нуди и двобојна каросерија, два екрани со дијагонала од 12,3 инчи, амбиентално осветлување со 64 бои, погон на сите тркала (со доплата), старт – стоп уред, камери со кои се покриени сите агли и делови невидливи за возачот, аудио уред со 10 звучници од марката Бос и тркала од 21 инчи, но само во изведбите „сл“ и „платинум“ (најопремените) итн. Сето ова само за северно американскиот пазар, но не и за европскиот. И што правиме сега? Дали Нисан греши или не, тој знае, односно групацијата во која „членува“. Сигурно имаат претставник во таа класа на сув возила и затоа алијансата Рено – Нисан – Митсубиши одлучиле најновиот „мурано“ да не се продава на континентов.

Најнапред само со класичен мотор, а подоцна ќе стасаат и тие со електромотори. Сега „нисан мурано“ во себе има бензински мотор, зафатнина 1.997 ссм, со четири цилиндри во линија и со помош на турбо полнач развива 241 КС при 5.600 врт/мин. Тоа турбо е малку поинакво, односно го нарекуваат „вк – турбо“ – „вариабил компрешн турбо“ и служи за заштеда на горивото, односно придонесува за поекономично возење и помалку загадување на воздухот. Компресијата во турбото е променлива во зависност од начинот (режимот) на возење. Таа силина се пренесува само до предната оска или на сите тркала преку, се разбира, автоматски менувач со дури девет брзини. Следните бројки се посветени на димензии: должина 4.900 х ширина 1.981 х 1.724 мм висина и 2.924 мм растојание меѓу оските. Бројките доволно кажуваат за пространоста на возилото, а тоа го потврдува товарниот оддел со најмалку 932 л простор или најмногу 1.798 л (1.840,6 л).

Цената и да ви ја кажеме, нема да има никакво влијание во ниту еден дел од нашето живеење, бидејќи четвртата генерација од моделот „мурано“ никогаш нема да стапне на континентов.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ