NISSAN-КРАЈОТ НА ГОДИНАТА ВО ЗНАКОТ НА „ЧЕТВОРКА“

21/12/2021

Првата половина од месец декември беше во знакот на Нисан. Сега некој ќе праша зошто. Затоа што производителот претстави дури четири концепти и сите на електричен погон, покажувајќи ги неговите идни планови. Концептите воопшто не се наивни, напротив, ветуваат многу и доколку Нисан е подготвен да исполни сè што е зацртано во концептите, тогаш ќе биде далеку напред заедно со најуспешните.
„Нисан сурф аут концепт“ е возило наменето за патување по секакви терени, а неговиот голем оддел за товар дозволува патниците да понесат со нив многу нешта и секако даските за сурфање. Електричното возило има погон на сите тркала, поседува врвни теренски способности и располага со зголемен товарен простор.


„Нисан макс аут концепт“ е отворен двосед со ниско тежиште и директно управување, особини кои ги сретнуваме само во тркачките автомобили. Производителот ги нагласува динамичките способности на овој концепт и ветува врвни возни својства. Главни својства на овој концепт се, лесната конструкција и ниското тежиште.

„Чил аут“ е концепт со кој Нисан го претвора патувањето во рај. Неговите врвни возни својства се темелат на исклучителната безбедност и префинетата удобност. Затоа производителот  го нагласува комфорот и способноста на возилото при совладување големи растојанија без да ги почувствувате тешкотиите од долгите патувања.  Ултра современиот купе дизајн е голем плус за тие што бараат посебна линија која ќе се разликува од линијата на другите возила.


„Нисан хенг аут концепт“ е возило со кое конструкторите се надминале себеси. Што всушност направиле – тие ја пренеле удобноста од дневната и работната соба во подвижна изведба. Има лица кои не можат да работат додека патуваат, затоа што од патувањето им се слошува. Концептов е правен токму за таквите патници, има способност да ги впие сите вибрации и намали причините кои го прават патувањето непријатно. Покрај ова необично својство, внатрешноста на концептот е во вид на театар за да можат патниците да гледаат нешто по желба во минути на одмор, или додека патуваат.


Сите спомнати концепти се правени строго наменски. Веќе ја нема филозофијата, едно возило, за сè. Едното е за забава, другото за патувања, третото е за тие што сакат вистински да возат – директно управување, вешто и енергично совладување на свиоците, таквите нешта ги може автомобил кој пресликал особини од тркачките.

Да видиме дали оваа „кватро формула“ ќе му успее на Нисан, односно колку конструкторите ќе можат да ги внесат спомнатите особини од концептите во сериските автомобили кои допрва треба да се појават.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.