NISSAN HYPER URBAN CONCEPT-УШТЕ ЕДЕН КОНЦЕПТ ОД НИСАН

06/10/2023

Светската и јапонска автомобилска индустрија забрзано се подготвуваат за претстојниот Салон за автомобили Токио 2023, така што и очите на јавноста се свртени кон тој настан, барем тие што се заинтересирани за автомобилите и сѐ друго што е на тркала. Ова последново го нагласивме затоа што на сегашните саемски манифестации покрај автомобилите беа прикажани и други видови возила.

Нисан е тој што ја разбранува јавноста со своите концепти. На крајот од минатиот месец лично Макато Учида челникот во Нисан, го претстави концептот „20 – 23“, кој ќе биде изложен на саемот во Токио. По само 10 денови повторно истиот производител приреди светска премиера, дигитална, на нов концепт наречен „хипер урбан“. Два концепти во толку кусо време? Можно е Нисан да подготвува некаква офанзива, најверојатно заедно со алијансата Рено Нисан Митсубиши.

Од двата концепти најзабележителен е аглестиот дизајн, посебно во вториот концепт. Ах тој Бертоне, односно Марчело Гандони и неговото дело „ламборџини каунтач“. Да, дизајнот е радикален, но воопшто не е нов. Сѐ е претходно видено и тоа уште многу поодамна. Претставувањето не помина со некој детаљ за концептот. Возилото е целосно електрифицирано, предните седишта се склопуваат и „соединуваат“ со задните така што патниците можат да добијат нешто како удобен двосед и да уживаат. Концептот „хипер урбан“ со несекојдневен и многу впечатлив дизајн е визија на Нисан за семеен сув. Уште отсега велат дека концептите нема да влезат во сериско производство, но затоа технологијата и дизајнот ќе бидат искористени во моделите што Нисан ги подготвува за лансирање кон крајот на 2023 година.  Овој концепт е втор, а велат има и трет кој ќе биде претставен наредната недела. Светската салонска премиера е закажана за 25 овој месец.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ