Деновиве сме сведоци на нешто многу необично во светот на автомобилите. Нисан претстави концепт кој според изјавите на одговорните во компанијата, е пренесување на достигнувањата од тркачките писти во секојдневието. Воедно Нисан сака да ги прикаже сите достигнувања при електрификација на возилата. Некој ќе каже Нисан претставил концепт и тука нема ништо чудно, но ако спомнеме дека тоа е болид едносед, тогаш работите нагло се менуваат. Тука имаме болид на електричен погон со помош на два електромотори и погон на сите тркала, а води потекло од „формула е“ натпреварите каде Нисан е постојан учесник. Концептот е наречен „арија сингл ситер“, односно „арија едносед“. Ќе биде претерано занимливо ако концептот еден ден се најде во сериско производство.
Штом поголем дел од новостите се позајмени од тркачкиот болид и пренесени на концептов, тогаш конструкторите ја нагласуваат туристичката нота на концептот. Искуствата од секојдневието не се пренесуваат во болидите, туку обратно, иновациите и врвните достигнувања во автомобилската индустрија се случува во тркачките оддели и на тркачките патеки, а потоа се пренесуваат во сериските модели.
Сега си го поставуваме прашањето зошто еден ваков автомобил има помали шанси да влезе во сериско производство отколку некој со речиси класичен изглед? Ако ова чудо се појави во продажните места, болидот ќе биде разграбан додека сте трепнале, планерот на производството ќе биде избркан од работа затоа што не ја предвидел побарувачката на пазарот, а заинтересираните ќе останат покуси за едно големо задоволство да возат не автомобил, туку вистински болид хомологизиран за секојдневна употреба.
И за крај зошто само тркачите пилоти кои возат формули да бидат единствените што уживаат возејќи ги тие возила не повисоки од еден метар.
Се надеваме Нисан ќе се смилува и ќе им дозволи формула 1 задоволство на тие што се заинтересирани да го купат едноседот „арија“.