NIO ET5-ДИЗАЈН, БРЗИНА И ЛУКСУЗ ВО ЛИМУЗИНА

08/01/2022

Нема повеќе сомнеж, кинеската автомобилска индустрија е тука меѓу нас и е рамо до рамо со најпознатите светски марки. Ако некој не верува дека е така, доказ е „нио ет5“ . Автомобилот е дизајниран и целосно направен во Кина, значи 100 отсто домашен производ. Да не знаете дека ова е „нио ет5“ и да се појави пред вас, ќе помислите дека е модел од некоја веќе добро позната марка. Можеби некогаш било така, но денес работите се сосема поинакви.


Комбилимузината, или подобро да кажеме лимузина со дизајн на купе и должина од 4,7 метри, е целосно електрифицирана и како што најавува производителот нивното возило е директна конкуренција на моделите на Тесла.

Дизајнот и изработката се доведени речиси до перфекција така што сега на потег се тие познатите. Толку добро „испеглан“ дизајн покрај блескавиот изглед, сигурно ветува и добра аеродинамика. Според дизајнерите, изгледот е позајмен од претходните модели „ет7“ и „ет9“, но тое воопшто не треба да биде забележано како нешто погрешно, напротив сите производители на автомобили сакаат нивната флота од модели да биде повеќе или помалку униформисана, да имаат еден или повеќе карактеристични детали преку кои ќе бидат препознатливи и ќе се двојат од останатите автомобили.
„Нио ет5“ нуди 490 КС и максимален вртежен момент од 700 Нм кој се пренесува на сите тркала. Таа енормно голема силина може да го понесе автомобилот до 100 км/ч тргнувајќи од место за 4,3 секунди. Спортска лимузина со силина како во купе автомобилите од Масерати, Ферари, Ламборџини и останатите од таа класа.
За тие што прашуваат каква е внатрешноста, ќе наведеме само еден податок. Осветлувањето во одделот за патници поседува 256 бои и според вашето расположение и желба можете да си одберете една. Ако производителот толку многу се грижел за осветлувањето, замислете што направил внатре за патниците да се чувствуваат пријатно за време на патувањето. Гласините велат, одделот „ет5“ може да измине и 1.000 км со едно полнење на батеријата, ако сопственикот ја избере батерија со најголем капацитет.


Ова е само почетен поздрав до светот од кинеската автомобилска индустрија. Наскоро ќе дојдат уште многу други марки кои ќе влезат во битка со веќе докажаните марки и нивните добро познати автомобили. Најнапред „ет7“ ќе стаса до купувачите на пролет наредната година, а потоа ќе следи и испораката на помалата лимузина „ет5“.

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ