Невербална комуникација-ГОВОРОТ НА ТЕЛОТО, РЕФЛЕКСИЈА НА ЕМОТИВНАТА СОСТОЈБА

30/04/2025

НЕ САМО ВЕРБАЛНО, БЛАГОДАРЕЈЌИ НА УСНИОТ ЈАЗИК И ПИШУВАЊЕТО, МОЖЕМЕ ДА КОМУНИЦИРАМЕ И НЕВЕРБАЛНО, СО ПОМОШ ИЛИ ПАК СО ПОСРЕДСТВО НА ГЕСТОТ, ДРЖЕЊЕТО (СТАВОТ), ИЗРАЗОТ, ПОГЛЕДОТ, ФИЗИКУСОТ… РАЗМЕНАТА НА ИНФОРМАЦИИТЕ ПРЕКУ ГОВОРОТ НА ТЕЛОТО СЕ СМЕТА ЗА НЕПОГРЕШНА. ВИСТИНАТА Е ТОКМУ ВО НЕГО. ТАКА БАРЕМ ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ, НО И ПРАКТИКАТА, ИСКУСТВОТО

 

Проучувањето на невербалната комуникација, т.е. говорот на телото, започна кон крајот на 20 век што значи дека се работи за новина (релативно) во системот од знаења, проследен со истражувања чии резултати се потврдени егзактно. Всушност, во тоа време настанаа и комуникациските теории кои се обидуваа да ја одредат нејзината, односно улогата на комуникацијата во човековите сфаќања за светот. Вербалната се подразбира некако, само по себе. Таа се темели на вештините како зборувањето (говорењето) и слушањето. За разлика од неа, невербалната комуникација ги вклучува гестот, држењето (ставот), изразот, погледот, физикусот (надворешниот изглед: облеката, накитот, косата…).

Неверојатно е тоа што поминале милиони години во еволуциските процеси, а неизговорените пораки во меѓучовечките односи, т.е. општењето, започнале да се проучуваат дури во 1960-тите, додека јавноста дознала за нивното постоење во 1970-та, со издавањето на книгата „Body Language“. Нејзиниот автор Julius Fast концизно ги протолкувал истражувањата на бихевиористите во врска со неизговорените пораки тогаш, а вниманието го привлече и објаснувањето дека воопшто не сме свесни за своите сопствени невербални знаци како што несвесно ги „читаме“ туѓите. Колкупати сме рекле: „Мислам дека ù/му се допаѓам“, „Се сомневам дека ми ја кажува вистината“ итн., без да знаеме како сме дошле до таков заклучок. Интуитивно? Не.

 

КОИ СЕ ПОДОБРИ ВО „ЧИТАЊЕТО“ НА НЕВЕРБАЛНИТЕ ПОРАКИ, МАЖИТЕ ИЛИ ЖЕНИТЕ?

Антрополозите Ray Birdwhistell и Edward Hall одамна се занимавале со невербалната комуникација на поинаков начин, поконкретно во интерперсоналните односи. Првиот е творец на „кинезиката“ преку говорот или јазикот на телото, вториот на „проксемиката“  преку користењето на својот сопствен простор, истакнувајќи дека и растојанието на кое се комуницира, всушност, кажува многу интимна зона (до 50 см, резервирана само за најблиските), лична зона (50 см – 1,2 м, доволна исклучиво за ракување, поздравување со подавање рака), социјална зона (1,2 – 3,5 м, обично се користи во секојдневието, на состаноците каде што луѓето не се познаваат добро) и јавна зона (повеќе од 3,5 м, кога ù се обраќаме на поголема група луѓе). И Paul Ekman и Wallace V. Friesen помогнале во интерпретацијата на невербалната комуникација врз основа на потеклото (изворот на чинот), кодирањето (односот меѓу чинот и неговото значење) и примената (начинот на кој самиот комуникатор се однесува). Подоцна се појавија т.н. посматрачи, набљудувачи на телата. Нивните откритија се изненадувачки. За време на состаноците, говорот на телото е одговорен за успехот на преговорите со 60-80 проценти. Најголемиот дел од првиот впечаток (60-80 %) за некоја особа (непозната) се формира за помалку од 4 минути, веднаш по запознавањето, додека во телефонското преговарање обично победува оној со посилни аргументи.

Говорот на телото се дефинира како рефлексија на емотивната состојба. Гестот, држењето (ставот), изразот, погледот, физикусот…, сè заедно, ама и одделно, е добар показател за чувствата, емоциите кои ги доживува индивидуата во тој момент. Согласно резултатите од истражувањата, жените се подобри од мажите во забележувањето, „читањето“ на невербалните пораки. Наводно, сето тоа ù се припишува на женската интуиција, како и на нивната способност да ги видат дури и најмалите ситници, деталите. За исклучително добри познавачи на говорот на телото се сметаат и гатач(к)ите, јасновитките и јасновидците… Врз основа на него и претскажуваат. А, без оглед на тоа што невербалните знаци во поголемиот број се општи, некои се разликуваат од земја до земја. Во согласност со нивните култури генерално, ни помагаат за подобро да се снајдеме во секоја ситуација, социјална средина итн., па дури и да се заштитиме од лица кои немаат добри намери. Од друга страна, гестикулацијата се наоѓа во тесна врска со говорот на телото. Во голема мера од неа зависи успешноста на комуникацијата каква и да е: на работното место, во љубовните, пријателските, роднинските врски. И секако, не може да се лажира.

 

ВЛИЈАНИЕТО НА ИСПРАВЕНИТЕ РАМЕНА И ГЛАВА

Прекрстените нозе и раце (комуниколозите ги сметаат за телесни бариери) укажуваат на затвореност, дека персоната отспротива не е отворена за соработка, на пример. Или нешто друго, во врска со темата на која муабетите дури и кога се смешка, учествува во разговорот. Личноста воглавно не е свесна за нив. Се разбира, во комуникацијата и насмевката игра улога важна, доколку е искрена. Но, како да препознаете дека не е лажна? Може да се каже што било, па и да се излаже, но сепак очите се тие кои ќе ви дадат на знаење за што се работи, дали е вистина. Имено, правата насмевка допира до очите, ја набира кожата во вид на брчки околу нив. Луѓето најчесто се насмевнуваат кога сакаат да ги прикријат своите мисли, чувства.., но сепак очите се добар показател. Ако нема брчки, не е така како што се прикажуваат.

Добар знак е кога соговорникот ве копира во движењата. Сте забележале, сигурно. Нема дилема, со имитирањето ја покажува својата наклонетост кон вас, поврзаноста. Бидете уверени дека преговорите се движат во правец кој го посакувате. А, посебен впечаток секако дека остава и држењето. Исправете ги рамената и главата, ќе делувате авторитативно. Ваквиот став (положба на телото) се врзува за моќта во поширока смисла, може да биде и творечка, духовна… Притоа, дланките се свртени надолу. Ако сте подгрбавени, сомневањето во големата сила што наводно ја имате ќе надвладее. Во текот на разговорите, контактот со очите е многу важен. Веројатно се сеќавате кога родителите ви велеле: додека зборуваш со мене, гледај ме в очи претпоставувале дека не може во исто време да се лаже и да се задржи погледот, но вистината е поинаква. Имено, лажливците дури и не трепкаат со очите, притоа се доста мирни. Во просек, меѓу 7 и 10 секунди се гледа в очи, кога се говори, а додека се слуша и нешто повеќе. Кревањето на веѓите се поврзува со нелагодноста. Истото важи за кимањето со главата. Желбата за одобрување, грижата за тоа што мислите за нив (слушачите) е доминантна.

Кога се работи за љубовта, сè започнува со додворувањето. Во таков случај, обрнете внимание на оддалеченоста. Доколку некој/а има силно чувство кон вас, постојано ќе ви се доближува, обидувајќи се да влеза во интимната зона. Притоа ќе иницира допирање, искрено ќе ви се насмевнува. Секако, нема да изостанува ни немирот. Стручњаците за невербална комуникација го сметаат за чест „симптом“.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.