НАУТИКА-КОГА ЌЕ ВЕ ИНСПИРИРА ФОРМУЛА 1…

25/05/2021

Не каде било, туку во светот на луксузните јахти, кои летово ќе бидат голем хит. Се разбира, меѓу најбогатите, оние што можат да си ги овозможат, а прашањето на престиж им е особено важно. Без оглед на вирусната пандемија, ќе испловат на отворено море со новата Ayrton 63, дело на ISA Yahts од Италија.

 

Можеби ќе изгледаше како неостварлива замисла, но благодарејќи на бродоградилиштето од Анкона, Италија – ISA Yahts, дел од Palumbo Superyachts мрежата, која ги вклучува и Columbus Yachts, Mondomarine, Extra Yachts и Palumbo SY Refit, идејата да се изгради јахта (не каква било, туку раскошна, што ќе се одликува со луксуз), инспирирана од Формула 1 и, секако, автомобилскиот дизајн, стана реалност. Пред неколку месеци првпат отплови Ayrton 63, во спомен и за долго сеќавање на легендарниот бразилски возач на трки Ayrton Senna da Silva, кој победи на Formula One World Drivers’ Championship во 1988, 1990 и во 1991 година, пред да загине во 1994 год. Патем освои 41 Grands Prix и 65 пол позиции, што беше рекорд до 2006 г. Всушност, станува збор за своевидно трио, „линија“ од три модели на јахти со вкупна должина од 50, 63 и 70 метри, кои ветуваат дека ќе бидат опасни, нестрашливи како нивниот имењак. Наскоро треба да испловат и Ayrton 50 и Ayrton 70.

Референцата што укажува на Формула 1 како извор на вдахновение, инспирација, е суштинска, како за името, така и за дизајнот, и на екстериерот и на ентериерот, потпишан од Enrico Gobbi, кој е инаку дел од Team for Design. Одговорен за наутичкиот инженеринг е Palumbo Superyachts.

Не случајно Ayrton 63 е лансирана прва. Нејзините остри линии, вклучително и агресивниот профил, потсетуваат на McLaren автомобилите што ги возеше Senna da Silva, произведени во McLaren Automotive, заедно со челичната конструкција на трупот и алуминиумската структура на додатните делови. Бруто тонажата е 1.200 (измерена во тони), а ја опфаќа и нејзината внатрешност, која е одделена од надворешноста со прозорци од подот до таванот на сите палуби, овозможувајќи панорамен, широк поглед, убав амбиент, како и добар пробив на дневната светлина. Пространата јахта може да прими најмногу дванаесет гости, во шест кабини (четири двојни на долната палуба, една ВИП и една сопственичка – комфорен апартман што се наоѓа на главната палуба), а за посадата се предвидени девет кабини во кои можат да се сместат петнаесет членови на екипажот.

Кога се работи за погодностите, јахтата има „плажа“ клуб на долната палуба, за кој ISA Yahts тврди дека е најголем во својата класа. Освен тоа, во средишниот дел на Ayrton 63 има стаклен ѕид што предизвикува воодушевување поради каскадниот водопад на кој е и акцентот. Течејќи, водата се влева во базенот што се наоѓа одоздола. Висечката палуба е опремена со справи за вежбање и џакузи, а има и дополнителен простор за седење и гаража со тенда.

Јахтата има 1.800 коњски сили, а благодарејќи на двата Caterpillar 3512C мотори, таа може да обезбеди максимална брзина од 17,5 јазли, односно брзина на крстарење од 15 јазли, чиј опсег изнесува повеќе од 5.000 наутички милји на 12 јазли. Се разбира, брзината не е достојна за Формула 1, но секако дека е импресивна.

Деталите околу Ayrton 50 и Ayrton 70 ќе бидат објавени во скоро време. Љубителите на туристичко патување со јахта ги очекуваат со нетрпение и со надеж дека ќе успеат да ја достигнат величественоста на името што го носат.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ