Музеи во Европа-ВИЗУЕЛНО ПАТУВАЊЕ НИЗ СВЕТСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

30/05/2021

СРЕДБИТЕ СО НЕПОЗНАТИ МЕСТА И ГРАДОВИ СЕКОГАШ СЕ ВОЗБУДЛИВИ. ГРАДОВИТЕ СЕ ЗАПОЗНАВААТ, СЕ ДОЖИВУВААТ, СЕ ЧУВСТВУВААТ УШТЕ ПРИ ПРВАТА СРЕДБА. НО ОНА ШТО НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО ВИДИМЕ, А ГО ЧУВСТВУВАМЕ, Е НИВНОТО ДУХОВНО БОГАТСТВО. УБАВИНИТЕ СМЕСТЕНИ ВО НИВНИТЕ МУЗЕИ, ГАЛЕРИИ, ИЗЛОЖБЕНИ САЛИ ЗБОРУВААТ МНОГУ ЗА ГРАДОВИТЕ, НО И ЗА НАРОДОТ И ЗА ДРЖАВАТА. И ДВЕТЕ КАРАКТЕРИСТИКИ И ДВЕТЕ ДОЖИВУВАЊА СЕ МНОГУ МОЌНИ. МОЖАТ ДА СЕ ДОЖИВЕАТ СО НЕПРИЈАТНОСТ ИЛИ СО ПОЧИТ.

Велат дека „патувањето е единственото нешто на кое ги трошите парите, а тоа ве збогатува“. Ако на патувањата одвоиме време да посетиме и некој музеј, тогаш ќе бидеме збогатени со нови знаења, инспирација и визуелно задоволство, можеби дури и со поинаков поглед на светот и на животот. Во Европа има многу атракции и музеи што вреди да се видат и да се доживеат. Ова се некои од музеите што не треба да ги заобиколите ако се најдете во еден од овие градови.

ЛУВР – ПАРИЗ

Според многумина, Лувр е најдобриот музеј во светот, еден од првите асоцијации за Париз во чиј центар се наоѓа. Оваа грандиозна културна институција првпат е отворена за јавност во 1793 година, а годишно ја посетуваат повеќе од осум милиони луѓе. На површина од 60.600 квадратни метри се наоѓаат околу 35.000 предмети од праисторијата до денес. Најпрепознатливи симболи на Лувр се стаклената пирамида, која служи како главен влез, и познатата „Насмевка на Мона Лиза“, насликана од Леонардо да Винчи. Во Лувр, меѓу другото, може да се видат и голем број експонати од Египет, како што се големата сфинга, фараонските саркофази и статуите на разни божества. Тука се сместени и артефакти од античкиот период на Грција, Рим, на Блискиот и Далечниот Исток… но најголем број луѓе го посетуваат музејот за да ја видат во живо насмевката на Мона Лиза на Да Винчи. Секако, не треба да се пропуштат и делата на Рафаело, Микеланџело, Тицијан, Џото… Сликата „Слободата го води народот“ од Ежен Делакроа, која претставува драматичен приказ на Француската револуција, го привлекува вниманието на секој посетител.

ОРСЕЈ – ПАРИЗ

Во главниот град на Франција се наоѓа уште еден музеј што е вклучен во листата на најубави. Оваа оаза на убавина е некогашна железничка станица, украсена е со најпознатите импресионистички слики и со голем позлатен часовник што е само потсетување дека времето и натаму тече, додека им се восхитувате на делата на Клод Моне, Ван Гог, Едвард Мане, Реноар, Сезан и многу други познати ненадминати сликари.

ПРАДО – МАДРИД

Музејот Прадо во Шпанија е рангиран меѓу првите десет музеи во светот и претставува задолжителна станица за сите посетители во Мадрид. Годишно го посетуваат околу три милиони туристи бидејќи една од големите предности на овој музеј е тоа што експонатите може да се фотографираат. Прадо може да се пофали со една од најсеопфатните збирки на европското сликарство, почнувајќи со делата на шпанските уметници од дванаесеттиот век. На едно место може да се видат познати дела на уметници како Веласкез, Ел Греко, Гоја, Пикасо, фратар Анџелико, Ботичели, Тинторето, Басана… Покрај сликарските ремек-дела, Прадо има богата колекција на грчки и римски скулптури, цртежи, монети…

УФИЦИ – ФИРЕНЦА

Музејот-галерија Уфици во Фиренца бил изграден во 1581 година за познатото семејство Медичи и работел како административен центар на градот. Уметниците, како Да Винчи и Микеланџело, й се восхитувале на убавината на овој објект долго време пред да стане музеј во 1765 година. Во овој музеј може да се видат делата на Џото, Ботичели, Да Винчи, Рафаело, Микеланџело, Караваџо, Рембрант, Козимо, Дирер… „Раѓање на Венера“ и „Алегорија на пролетта“ се сликите на Ботичели што никого нема да го остават рамнодушен. Всушност, најбогатата колекција на италијанското ренесансно сликарство во светот е сместено во оваа преубава градба. На покривот на музејот може да се ужива во прекрасната панорамата на романтичниот град Фиренца.

НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА – ЛОНДОН

На познатиот плоштад Трафалгар се наоѓа една од ретките ризници на уметноста каде што влезот е бесплатен. Тука се сместени повеќе од 2.000 слики на уметници, меѓу кои Џото, Тицијан, Да Винчи, Веласкез, Реноар, Рубенс, а вниманието на посетителите го привлекува „Портретот на Џовани со жената“ од Јан ван Ејк.

ТЕЈТ ГАЛЕРИЈА – ЛОНДОН

Во богатата културна понуда на Лондон дефинитивно се издвојува и Тејт галерија (ново име на Тејт Британија) што се наоѓа на местото каде што некогаш бил затворот Милбенк. Главната поставка на овој музеј, кој годишно го посетуваат околу еден и пол милиони посетители, вклучува уметнички дела од богатата британска историја, така што можете да го видите творештвото на

УМЕТНИЧКО-ИСТОРИСКИ МУЗЕЈ (KUNSTHISTORISHES) – ВИЕНА

Во овој музеј се чува уметничката колекција на кралското семејство Хабсбург од времето на ренесансното сликарство. Покрај мајсторските дела на Питер Бројгел, Рембрант, Рубенс и Тицијан, во овој музеј може да се види ремек-делото на палеолитската уметност – „Вилендорфската Венера“, старо повеќе од 20.000 години. За да ја видите најпознатата слики на австрискиот сликар Густав Климт, „Бакнеж“, ќе мора да одите до музејот Белведере во истоимениот дворец во Виена. Хогарт, Блејк, Тарнер, Рејнолдс, Росети… Посебна атракција за туристите е тоа што од Тејт галерија може со брод да се превезете до Тејт модерн – музеј на современа уметност, најпознат и најпосетуван музеј на современа уметност на Европа, каде што се сместени делата на Матис (Анри Матис), Пикасо, Рот и Ворхол. Колекцијата вклучува дела што се создадени од 1900 година до денес и ги опфаќа правците, како што кубизам, футуризам, хиперреализам и поп-арт.

БОДЕ МУЗЕЈ – БЕРЛИН

Боде музеј во Берлин спаѓа во групата музеи на т.н. остров на музеи во германскиот град. Зградата на музејот е завршена во 1904 година и првично бил наречен Кајзер Фридрих музеј по кралот Фридрих III, а потоа бил преименуван во чест на првиот кустос на музејот, Вилхелм фон Боде. Музејот бил реставриран меѓу 1997 и 2006 година, а сега во него се наоѓаат колекции на скулптури, дела од византиската уметност, парички, медалјони… Поставката на скулптури содржи предмети од коптските племиња, Византија, Равена, средниот век…

РАЈКС МУЗЕЈ – АМСТЕРДАМ

Рајкс музеј во Амстердам, основан во 1800 година, содржи значајни дела на холандските мајстори на сликарството и прекрасна колекција од азиската уметност. Годишно, во просек, има повеќе од еден милион посетители. Покрај големиот број уметнички дела, во музејот има голема библиотека преполна со дела што се занимаваат со историјата на Холандија. Збирката на слики во музејот ги вклучува делата на Ван Рајсдел, Халс, Вермер, Стена, Рембрант…

ЕРМИТАЖ – САНКТ ПЕТЕРБУРГ

Во Санкт Петербург задолжително треба да се посетат музејот Ермитаж и дворецот Петергоф на Петар Први, кој е оддалечен десетина километри од градот. Огромната збирка во музејот Ермитаж е изложена во шест згради, а главна е зимскиот дворец. Тука се изложени делата на Микеланџело, Леонардо да Винчи, Рубенс, Рембрант, Ван Гог, Пикасо. Музејот е основан од познатата руска царица Катерина Велика во 1764 година. Овој импозантен музеј има најголема збирка на слики во светот – три милиони експонати (само мал дел на располагање на јавноста). Се вели дека ако само по една минута се гледа секој експонат во музејот, ќе бидат потребни околу 11 години за да се види целата колекција! Ермитаж има импозантна колекција на италијански ренесансни сликари, фламански барокни сликари, импресионисти и постимпресионисти, како и колекција од ориенталната уметност. Дворецот на Петар Први е уникатно доживување за туристите од целиот свет. На ова место можете да дознаете поединости од животот на Петар Први и да ги разгледате подароците од англискиот, францускиот и од другите дворци од тоа време.

МУЗЕИТЕ НА ВАТИКАН

Најмалата држава во светот има еден од најдобрите музеи во светот, каде што се наоѓа цела соба насликана од Рафаело (Raffaello Sanzio), на Систинската капела таванот е насликан од Микеланџело, има слики од Караваџо, Тицијан, Да Винчи и многу други уметнички ремек-дела.

Прошетајте низ европските и светските музеи од удобноста на вашиот дом!

Во самоизолација или во карантин обично размислуваме за набавките, а она што доаѓа потоа е исполнување на времето со различни содржини додека сме во затворено. Ова обично значи Нетфликс и многу време поминато на интернет. Сепак, една од позитивните работи (ако можеме да ја наречеме така) што ги донесе оваа пандемија е можноста за запознавање на светското културно наследство. Google Arts & Culture ви нуди различни „патувања“, од Националниот музеј на Кореја во Сеул до музејот „J.еј Пол Гети“ во Лос Анџелес. Можете да го „патувате“ светот, да шетате низ светски познати дестинации користејќи ја оваа технологија развиена за Street View на „Гугл мапс“. Музеите што не нудат виртуелна тура обезбедуваат фотографии од нивните најпознати уметнички дела. Голем број музеи се затворени поради пандемијата на коронавирусот, но нивните изложби на интернет бележат наплив на посетители. Тоа се Британски музеј, Лондон; Гугенхајм, Њујорк; Национална галерија, Вашингтон; Музеј Орсе, Париз; Национален музеј на модерна и современа уметност, Сеул; Пергамон музеj, Берлин; Ријкс музеј, Амстердам; Ван Гог музеj, Амстердам; Уфичи галерија, Фиренца; Национален антрополошки музеј, Мексико… По пример на светски познатите музеи, неколку македонски музеи споделија 3Д виртуелна прошетка низ своите простори: Музеј на Република Северна Македонија, Младински културен центар, Музеј на современа уметност, Археолошки музеј на Република Северна Македонија и други.

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ