Морган – ПИЕ ВОДА ОД ИЗВОРОТ, ЗАТОА Е ДОЛГОВЕЧЕН

27/11/2019

НЕГУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА, НЕГУВАЊЕ НА ИЗВОРНОТО… МОРГАН НЕ Е САМО АВТОМОБИЛ ЗА ВОЗЕЊЕ ТУКУ Е НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ, ТОЛКУ ПОСЕБЕН КОЛКУ ШТО СЕ ПОСЕБНИ АВТОМБИЛИТЕ И ЗАТОА СОПСТВЕНИЦИТЕ СЕ ТОЛКУ ПОСЕБНИ. НЕ СЕКОЈ САКА ДА ИМА АВТОМОБИЛ СО ИМЕТО МОРГАН.

 

Толку мала работилница, а сепак опстанува да живее и работи 110 години. Чудо. Преживува две светски војни и три – четири или пет економски кризи и сè уште е присутна во светот. Многу поголеми и финансиски постабилни „ѕверки“ паднале во бунарот наречен колапс и банкрот, но не и Морган. За оваа фирма економистите можат да напишат дипломска работа, да бранат магистерски, докторски труд и како стручни лица да му објаснат на светот зошто и како малиот производител на автомобили опстанува повеќе од еден век.

За компанијат од „Островот“ годинава е јубилејна, слави 110. роденден откако е основана. Почетоците се повеќе од скромни, но желбата да се конструира автомобил била поголема и од морето. Сè започнало дома, во гаража и сонот почнал да станува стварност во 1909 година. Сопственикот на гаражата, Хенри Фредрик Стенли Морган бил голем сонувач, фантазер, визионер и преголем љубител на моторните возила.

Нема да погрешиме ако напишеме дека ХФС Морган е еден од ретките кои посветувале многу повеќе внимание на автомобилите отколку на себе си – всушност посветувајќи им внимание на автомобилите, тоа е исто како себе си да си посветува внимание – духовна храна.

Таа година во неговата мала работилница во Малверн бил конструиран првиот автомобил со името Морган и тоа со три тркала, напред две, позади едно, наречено трицикл „тривилер ранабаут“. Во тоа време повеќето од автомобилите се правеле од дрво, односно нивната рамка поставена на шасија изработена од челик. Тогаш изработката на предмети од дрво била усовршена до крајни граници. Работилниците располагале со секаков алат и обработката на дрво било повеќе од лесно, не само за големите мајстори, туку и за учениците.

Прототипот, трициклот наречен „ранабаут“, бил веќе направен, а на задоволството од успехот му немало крај. ХФС Морган го конструирал автомобилот пред сè за лична употреба и ни на крај памет да почне сериски да го произведува. Тие кои го виделе возилото реагирале со многу пофалби. Тоа го охрабрило ХФС Морган и на претстојниот Салон за автомобили во Лондон за првпат го изложува пред јавноста. Автомобилот наишол на голем одзив од посетителите, а сето тоа било пропратено со пофалбите од тогашните печатени гласила. Никој не ни претпоставувал дека Моргановиот трицикл ќе биде толку добро прифатен од јавноста. Познатата трговска куќа „Херодс“ му го понудила својот продажен простор. ХФС Морган ја прифатил понудата, така што Херодс бил првиот продавач на автомобилите Морган. Трициклот имал мотор позајмен од Пежо со силина од 7 КС. Неговата лесна конструкција го правела автомобилот да има најдобар однос на силина во однос на тежината, 90 КС на еден тон. Затоа „ранабаут“ бил еден од автомобилите чии забрзувања биле најубедливи. По две години во 1912 ХФС Морган регистрира своја компанија и за главен на сите операции го поставува неговиот татко кој упорно го поддржувал синот во сите негови настојувања сам да конструира моторно возило.

Децениите одминувале, малата фабрика работела некогаш подобро некогаш полошо, што се однесува до продажбата, но никогаш не згаснала. Конструирањето на шасијата од високо легиран челик или алуминиум и денес е присутно, а уште позначајно е употребата на дрвото. Традиционалниот начин на правење автомобили сè уште е присутен. И денес да нарачате автомобил од Морган, ќе биде направен од алуминиумска шасија, кафез и рамка изработени од дрво и на крај се додаваат алуминиумските панели.

Добрата конструкција на возилото допринело до освојување на првата меѓународна награда на трките во Амиенс, а подоцна ќе следи и учество на 24 часовната трка на издржливост, легендарната ЛеМан која се вози на патеката Сарт во Франција. Тоа се случува во 1938 год. кога Пруденс Марџори Фејсет заедно со Џефри Вајт ја завршуваат трката на 13-то место во генералниот пласман. Годината крунисана со првата победа на трките, ќе биде и година на зголемување на капацитетите со две нови хали. Следна станица на Морган е четвороседот, семејната изведба на трициклот „ранабаут“ во 1921. Некаде до пред почетокот на Втората светска војна компанијата сè уште произведувала возила на три тркала. Во 1933 година бил претставен моделот „ф 4“ претставен на манифестацијата во Лондон.

Трициклите продолжиле да се произведуваат до 1952 година, а во 1936 на сцена стапува првиот автомобил на четири тркала, наречен „4-4“, затоа што моторот имал четири цилиндри, а шасијата носела четири тркала. Потоа на ред стапуваат повоените модели: „+4“, „+4+“, „4/4“, „+8“, „роуд- стер“, „аеро 8“, „аеро макс“, „аеро су- пер спорт“, „аеро купе“, „аеро плус 8“. Во 2012 Морган лансира електричен модел на основа од постоечките, „плус е“, „ева гт“ модел кој беше долго најавуван, а потоа откажан од производство и на крај „3 вилер“ се враќа повторно во продажните салони во 2012 година.

Покрај претходните посебности на Морган, треба да ги спомнеме и следниве. На пример може да се пофали со работилница во која можете да одберете дури 40.000 бои. Ако не можете да одберете, тогаш експертите ќе ја створат за вас. Секој автомобил, секој негов дел се изработува по строго определена и зацртана процедура, сето тоа рачно и така 110 години. Откако ќе го нарачате примерокот, следува период додека не дојде на ред во производство, а тогаш следат договарања со вас за секоја ситница, практично секој примерок е уникат. Автомобилите не се прават на фабричка лента, туку најнапред нарачка, а потоа следи производството. Годишно се произведуваат по околу 1.300 примероци од кои најголемиот дел одат на Блискиот и Средниот Исток, пазари каде продажбата е во постојан пораст, а на континентов продажбата бележи благ, но постојан пад.

Иако автомобилите се прават на традиционален начин, сепак се работи за автомобили кои во себе носат V8 мотори со еден куп коњски сили. На пример во моделот „аеро плус“ вградувале 3,0 литарски V6 мотор со кој возилото забрзувало од 0 до 100 км/ч за 4,9 сек. и постигнувал крајна брзина од 215 км/ч, a od 2011 вградуваат друг мотор, исто така, V6, но со 3,7 литри зафатнина и 280 КС. И моделот „аеро 8“, премиерно прикажан во 2000 година, во себе носел и сè уште носи мотор со завидна работна зафатнина. Најнапред 4,4 литарски V8 позајмен од БМВ со шетстепен менувач, а од 2008, исто така, позајмува V8 мотор од БМВ но со поголема зафатнина, 4,8 литри, чија силина изнесува 367 КС. Карактеристично за овој модел е неговата алуминиумска шасија која повторно се враќа во производство откако била „напуштена“ во 1948 година.

Автомобилите Морган до денешен ден си ја ткаат историјата и продолжуваат да ја ткаат иднината со тврдокорната традиција. Очигледно е што таа традиција го одржала Морган во живот 11 децении и никој тоа не може да го оспори. Затоа ние за Морган ќе кажеме дека тоа е компанија чувар на традицијата и не само тоа туку и начин на живеење.

Купувањето автомобил со името Морган не е само возење туку и начин на живеење. Токму овие чинители го одржале Морган до денешен ден – пие вода од изворот, затоа е долговечен.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.