ДА ГИ СКРОТАТ ДИВИТЕ КОЊИ, ОРЛИТЕ…, И ДА ГИ ПОДГОТВАТ ЗА ТРКИ, ТОА ИМ ПРИЧИНУВА ГОЛЕМО ЗАДОВОЛСТВО, ИМ ПРАВИ ЌЕФ, СО НЕТРПЕНИЕ ЧЕКАЈЌИ ГО СЛЕДНИОТ НАТПРЕВАР НА ЛОКАЛНО НИВО, А ПОТОА И НАЦИОНАЛНАТА ТРКА ЧИЈ ПОБЕДНИК СЕ ЗДОБИВА СО ЧЕСТ.
Веќе три илјади години номадскиот живот во Монголија е нешто природно, начин на кои луѓето постојат, дејствуваат… Иако многумина го напуштија, и во градовите ги најдоа своите прибежишта, голем е бројот на оние што „талкањето“ во радиус од педесет до сто километри не би го замениле за ништо на светот… Монголците кои немаат постојано место на живеење работите ги гледаат од поинаков аспект. Уживаат, ги оставаат нештата да се развиваат по својот природен тек, свртувајќи ги во своја полза. Сточарството им е единствен извор на приход и, како што велат, на среќа.
НЕРАЗДЕЛНИ ДРУГАРИ НА МЛАДИТЕ СО КОЊИТЕ МОРИИ
Во долината на Оркхон, близу древниот Каракорум, престолниот град на Монголското Царство во тринаесеттиот век, стотици ждребиња ги одмеруваат силите додека нивните „сопственици“ со озарени лица го очекуваат финишот и, се разбира, победникот. Тешко е да се утврди чии се младите од коњите мории кои во тамошните степи ги има во изобилство. Најпрвин треба да се скротат, колку можат, бидејќи се толку диви што и питомоста на луѓето станува занемарлива. Но, никогаш не се откажуваат иако постојат моменти кога не знаат што ги чека. Велат, тоа им е голем предизвик. Патем уживаат во нивната убавина, развиорените гриви додека трчаат по рамнината и долгите опашки кои рамномерно ги мавтаат кога пасат или додека стопаните ги напојуваат со вода. Не можат да им одолеат ни децата кои уште од најрана возраст се обидуваат да ги фатат, да ги погалат, да ги зауздат, а откога ќе им наместат седла и ќе ги јавнат, толку ги засакуваат што стануваат неразделни другари.
Впрочем, таков однос имаат и кон другите животни – овците, кравите, козите и камилите. Нивните татковци ги скротуваат и орлите, и ги користат за лов, фаќање дивеч и убивање волци. Големите грабливи птици се, всушност, другото јас на Монголците номади кои важат како смели, горди и силни мажи. Полот нема никаква улога. Жените и ќерките се, исто така, одлични скротителки, јавачки, но и домаќинки. Се тркаат барабар со своите браќа, сопрузи…
Oдносот на номадите кон коњите е речиси ист како спрема луѓето. На еден или на друг начин, тие се зависни меѓу себе, а тоа е и во природата на сточарските номади што веќе три илјади години „талкаат“ во радиус од педесет до сто километри на монголската територија, во групи, односно племиња.
ТАЈНАТА НА СКРОТЛИВОСТА Е ВО ШЕПОТОТ
Живеат во навидум бескрајните степи каде суша има во поголемиот дел од годината, а и зимите често знаат да бидат сурови. Тие се, всушност, нивните домови. Секоја јурта има дневна соба, кујна, трпезарија и спална, одвоени со паравани. На запад и север се порабени со горски масиви. Од другата страна е Русија, а јужно од нив е пустината Гоби што граничи со Кина.
Дрвените колиби покриени со ткаенина се единствениот имот кој го поседуваат. Неколку пати годишно се преселуваат барајќи подобри услови за добитокот, пред сè за паша. Мориите ги одгледуваат за транспорт – со нив (и орлите) одат на лов, и за храна. Тие се автохтона раса, а ги сметаат за свети животни, поради што ги опејуваат. Не може да се замисли и слика, цртеж без нив, дури и танцовите им ги посветуваат ним. Учеството во трките на Монголците номади им значи многу. Ако победат се пресреќни.
Секоја година, обично лете, се одржува фестивалот Наадам во различни места, каде членовите на номадските племиња се натпреваруваат во три категории: борење, стрелаштво и коњски трки. Победниците на локалните натпреварувања автоматски влегуваат во кругот на финалистите, и учествуваат во националната трка што се одржува еднаш во три години. Патеката е долга, и секогаш победуваат издржливите и тврдоглавите.
Речиси со нетрпение се чека овој натпревар, и се радуваат на секоја победа. Победникот се здобива со чест бидејќи неговиот успех значи изедначување со Светиот принцип, најголемата поврзаност меѓу човекот и коњот што постои воопшто. Која е тајната на најдобрите скротители на дивите коњи.? Во нивната питомост, одговараат. Им се зборува тивко, со шепот. Пред да почне трката тие им шепотат на ждребињата, а никој не знае што.
ЖИВОТОТ ВО ЈУРТИТЕ ПРОДОЛЖУВА…
На прв поглед мориите изгледаат тромаво, но изгледот не игра никаква улога. Најважно е одгледувањето. Во последно време ги спаруваат со кинески и руски коњи. Резултатот е ждребиња со жив темперамент, но ја немаат издржливоста како чистокрвните мории. За нив се вели дека се потомци на коњите кои ги одгледувала војската на Џингис Хан. Одвреме навреме, кога се слави некој празник, пред да почне трката има дефиле, параден марш на војската, со коњи. Глетката е преубава, мориите галопираат во ритамот на музиката што ја свири воениот оркестар. Стартот се означува со кревање на копјата. Потоа следува натпреварот во стрелање со лакови. Нема застанување, сè се одвива брзо, во движење. Треба да погодат во целта.
Во рамките на овој натпревар што има национален карактер се одржува и борба, за да се доловат битките во дамнешните времиња. Учесниците се облечени во костими. И додека тие импровизираат вооружен судир меѓу две војски, децата без здив ги следат сите нивни и движењата на коњите, уверувајќи се повторно, и повторно, во нераскинливата врска со номадскиот живот. Но, некои од нив сметаат дека преку импровизираната борба се деградираат мориите, јавачите, и се сведуваат на ниво на кое се наоѓаат животните во циркусите и нивните артисти. Тогаш целата работа станува залудна. И комерцијализацијата на фестивалите, натрпеварувањата, со цел некој да профитира, им штети. Пополека го губат духот, како и поврзаноста со природата, својствена за монголските номади. Нивниот број се намалува. Многумина ги најдоа своите прибежишта во градовите, но има и такви што едноставно не сакаат да се откажат од традицијата.
Животот во јуртите продолжува. Секој со својата среќа. Така велат оние што не потпаѓаат под туѓото влијание, актуелното, модерното, современото. Поубави им се тивките ноќи во степите отколку градската бучава. Ништо не им недостасува, природата им дава сè. Токму затоа и ја сакаат.