Еве ја новата креација на Адријан Ван Хојдонк, главниот и одговорниот за дизајн во БМВ. Новото возило е всушност концепт кој ги покажува идните линии на моделите кои допрва ќе бидат создавани. Си го поставуваме прашањето дали ова е новиот „мини“ наследник на малото возило кое за првпат продефилира во јавноста во далечната 1959 година? Концепт моделот е создаден во XXI век и воопшто не наликува на некогашната легенда, но затоа го носи неговото име „мини“ и додадено е „вижн урбанаут“. Друг приод кон нештата, друга филозофија, друго време – со овие зборови би можеле да го опишеме „мини вижн урбанаут“ кој со себе носи повеќе во внатрешноста отколку однадвор. Еднопросторното возило наликува на класично комбе, само што е малку повеќе стилизирано со испеглани рабови и позаоблени површини и „зачинети“ со ретро линии.
Надворешниот облик не е нешто невидено досега, напротив, тоа е веќе многу пати видена линија, но тоа што досега не е видено е внатрешниот простор и неговата можност да жонглирате и да го менувате по ваша желба. Тука дизајнерите ја нагласиле својата раскошна умешност во организирањето на просторот и додавање функционалност. Зарем легендата добива сосема друга улога во XXI век? Да возите и да живеете во тој мал простор, а сепак да задоволи голем дел од потребите. Тоа во дизајнерскиот оддел го нарекле „паметно и креативно искористување на просторот“. Како што тргнале работите, „мини“ веќе нема да биде автомобил за поединци, кои постојано ја истакнуваат самостојноста, туку ќе се претвори во возило за, на пример, социјализирање. Со своите 4,46 метри го докажува претходно напишаното.
Сепак „мини вижн урбанаут“ го подготвуваат да биде еден од моделите на „мини“, односно дали е тоа неговата шеста изведба. Збогатување на гамата, поинаку не може да се протумачи појавувањето на овој концепт. Како и да е, Мини со концептот „вижн урбанаут“ покажа во кој правец ќе се движат неговите идни планови.