Изведбата „кантримен“ во семејството на Мини е една од тие малку чудните, но покрај тоа што претставува своевиден имиџ примерок на четири тркала, воедно возилото е уште толку употребливо.
Ако неговиот каросериски претходник има три врати, кантримен има пет, впечатливо поголема должина и што е најважно погон на сите тркала. Ако едниот е типичен градски претставник, „шмекер“ од висока класа, „кантрименот“ може да се пофали со безгрижните излети надвор од асфалтот, каде градскиот примерок не може ни да замисли да шета. Погон на сите тркала, но и електричен покрај клипниот мотор со кој тивко ќе влезете во градските средини без да правите бучава и што е најважно не го загадувате воздухот. Сето тоа го може изведбата наречена „ол 4“ со која природата е поубава од кога и да било досега.
Обновувањето беше неопходно затоа што моделот датира од 2016 година, така што сега сигурно ќе биде повеќе од две години на пазарот, задавајќи и постојана главоболка на конкуренцијата. Кога ќе се соберат и одземат сите нешта кои учествуваат во моделот „кантримен“, ќе се дојде до бројка од 11 варијанти. Тоа се „мини уан кантримен“, „мини купер кантримен“, „мини купер кантримен ол 4“, „мини купер кантримен с“, „мини купер кантримен с ол 4“, „мини купер се кантримен ол 4 (пхев)“, „мини оне д кантримен“, „мини купер д кантримен“, „мини купер д кантримен ол 4“, „мини купер сд кантримен“ и „мини купер сд кантримен ол 4“.
Во еден модел имате неколку подмодели, некои се наменети за индивидуалци, а некои како кантримен за семејно настроените.
И да го напомнеме следново, сите погонски единици ги задоволуваат стандардите еуро 6. Рестилизираниот „мини кантримен“ очекувајте го во продажните места ова лето во август, а цената и останатите детали ќе ги добиете кај увозникот на возилата.
Жарко Атанасоски