Чудото на четири тркала со име Мини отсекогаш привлекувало големо внимание итоа не локално, туку ширум светот. Мини е своевиден култ и така ќе биде засекогаш. И овој пат при претставувањето на изведбата „џон купер вркс 1 до 6“ светот му посвети големо внимание. Не е нешто исклучително ново за да добие толкав публицитет, но светот едноставно го обожува овој автомобил и тука завршува приказната. А што е со новава изведба? Како што тргнале работите со автоматизација на менувачите (и електрификација), најновава изведба ќе биде произведена во ограничен број примероци и воедно ќе биде последната со обичен менувач.
Името јасно кажува, „1 до 6“, односно од прва брзина до шеста. „Мини џон купер вркс 1 до 6“ има шестстепен менувач, обичен, а погонската единица со четири цилиндри во линија и турбо полнач, има работна зафатнина од 2,0 литри, развива 231 КС и забрзува од 0 до 100 км/ч за 6,3 сек. За да предизвика љубомора кај намерните и случајните минувачи, производителот напишал „еден од 999“ на стаклениот покрив. Тоа значи дека возачот е сопственик на еден од 999 произведени примероци. Светската премиера на овој посебен „мини“ се одржа пред почетокот на трката на издржливост 24 часа Нирбургринг на крајот од месец мај. Почетокот на продажбата е закажан за септември, но не низ цел свет, туку само на континентов, во САД, Канада, Мексико и толку, останатите нема да бидат удостоени со присуството на „мини џон купер вркс 1 до 6“.
Жарко Атанасоски