MINI COUNTRYMAN JCW-МИНИ И НЕГОВИОТ НАЈНОВ „СУВ“

21/11/2023

Кујната на производителот Мини за овие есенски денови зготви нешто луто и убаво зачинето. Ние го најавивме доаѓањето на новата изведба на нам својствен начин, а конструкторите го нарекуваат „мини кантримен џкв“. Тоа „џкв“ е кратенка од „џон купер вркс“, ознака за најбрзиот во семејството. Оваа спортска изведба е директен потомок од моделот „кантримен“ од третата генерација, претставен годинава пред светската јавност некаде на крајот од летото и почетокот од есента.

Спортско (читај затегнато) подвозје, супериорен систем од сопирачки со четири самовентилирачки дискови и големи шепи на нив, потоа директен управувач и многу коњски сили зачинети со двоен турбо полнач. Тоа значи, традицијата продолжува, не се прекинува или заменува со друга. Секоја чест, така треба да се прават нештата кои се главно обележје на марката.

Новата генерација од изведбата „кантримен џкв“ е најголема од било кој автомобил што излегол од фабриката – должина 4,44 м, ширина 1,84 и висина 1,66 м или дури 130 мм повеќе во должина и 80 мм во висина. Во овие димензии дизајнерите не пропуштиле да вградат сѐ што е потребно и сето тоа да ги задоволи најстрогите ергономски норми, спакувано во спортски манир.

Најзанимливиот дел од секој автомобил за кој производителот вели дека е врв, секако е моторот и неговите способности и силината. Редниот четирицилиндричен мотор е наново навиткан и доработен за да биде и тој нов како што и генерацијата е нова. Сега моторот со двоен турбо полнач, во себе има 296 КС, а за оние преку „големата бара“ 312.

Кросовер (сув) моделот со крајна ознака „џкв“ постигнува 100 км/ч за 5,4 сек, додека крајната брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Брзо чудо, зарем не!? Ова е изведба со класичен мотор и погон на сите тркала, а силината се пренесува на двете оски преку седум (осум) степен автоматски менувач.

Тие што сакаат нешто спортско што ќе може да совладува неасфалтирани патишта и малку повеќе од нив, треба да почека до првите месеци од наредната 2024 год. за кога е закажана продажбата на „мини кантримен џкв“. Цена? Прашајте го увозникот, тие најдобро знаат и за цена, за испорака, дополнителна опрема, и за најситните детали.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.