МИ-ДА ГРАНД МОТОРС-МОДЕЛИТЕ НА MG MOTORS ОФИЦИЈАЛНО ДОСТАПНИ НА МАКЕДОНСКИТЕ КУПУВАЧИ

28/09/2022

Она што се најави пред неколку месеци сега почнува да се остварува. Првите примероци од марката MG Motors веќе пристигнаа во Македонија, а неколку од нив се испорачани на купувачите. Со овој потег, импортерот Ми-Да Гранд Моторс ја официјализира продажбата на британската марка на нашиот пазар.

Главната цел на MG Motors во овој регион ќе биде да понуди квалитетни и атрактивни возила кои ќе ги задоволат апетитите на купувачите, а доказ за тоа се и новите модели кои се одликуваат со одлични погонски решенија, привлечен дизајн, а сето тоа проследено со електрификацијата која ќе им конкурира на традиционалните европски марки кои се застапени во нашата земја. Она што сигурно ќе биде еден од главните адути на MG е и гаранцијата од седум години или 150.000 километри која ќе им се нуди на купувачите.

Во согласност со трендовите кои владеат на европскиот и македонскиот пазар, првите модели кои се изложени во продажниот салон во рамките на Ми-Да се двата SUV автомобили MG ZS и MG EHS. Станува збор за мал компактен кросовер и класичен SUV со plug-in хибриден погон.

ZS и EHS

Помалиот од двата, MG ZS, достапен е со 1,0-литарски T-GDi турбо бензински агрегат кој испорачува 111 КС и 160 Nm, а купувачите можат да го изберат и 1,5-литарскиот атмосферец VTi-Teсh со 106 КС и 141 Nm. Првиот доаѓа со шестстепен мануелен или автоматски менувач, додека вториот е достапен со петстепен мануелец. Багажниот капацитет од 448 литри би требало да ги задоволи потребите на едно просечно семејство, а купувачите ќе можат да изберат меѓу Excite, Exclusive и Luxury нивоа на опременост, каде што основниот има почетна цена од 19.400 евра и притоа голем број на додатоци кои пристигнуваат како стандард, како што се LED дневни светла, асистенција за стартување на нагорнина, кожен управувач, паркинг сензори…

Од друга страна, MG EHS е SUV кој доаѓа со plug-in хибриден погон кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со електромотор и батерија со капацитет од 16.6 kWh, за вкупна системска моќност од 255 КС и автономија за возење на струја од нешто над 50 километри.

Од идната година се очекува на нашиот пазар да се појават и целосно електричните модели (хечбек MG 4, караван MG 5, кросовер MG Marvel R), а сето ова, во комбинација со одличните цени би требало да го направат MG мошне интересен за македонскиот пазар.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.