Сите сме за нешто убаво и убаво да ни почне годинава, зарем не!? Токму затоа одбравме една убавина да ја претставиме како што заслужува. Сепак тоа чудо на четири тркала не е убаво, туку е вистинска егзотика.
Мерцедес заедно со својот спортски оддел АМГ се погрижи егзотиката да излезе на виделина. За првпат се појави во 2024 како концепт во Монте Карло пред трката за ГН на Монако. Гледачите имаа прилика да го видат концептот наречен „амг митос пјуар спид“ и не останаа рамнодушни. Сериски „сл“ без покрив, без ветробранско стакло и без странични стакла, плус еден куп други работи кои се вградуваа само во работилницата наречена АМГ, а тие „работи“ имаат непосредна или посредна врска со болидот од формула 1 на Мерцедес. Во него е вградено најубавото од убавото – карбонски керамички сопирачки (како тие од формула 1), погон на сите тркала, V8 мотор со двоен турбо полнач без електрични уреди за повеќе силина и поубедливи забрзувања. Двосед без ништо над глава, но и околу глава мора да го има тој таканаречен „хало“ уред за што поголема безбедност на возачот и совозачот („финта“ од формула 1). Штом автомобилот е таков, тогаш тие, обајцата, мора да носат класичен заштитен шлем (кацига). Затоа Мерцедес обезбедил два и тоа аеродинамични шлема, бидејќи „амг митос пјуар спид“ со горе наведениот мотор и неговите 577 КС постигнува крајна брзина од 314 км/ч, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч е еднакво на 3,6 сек.
Од класичниот „сл“, Мерцедес безмалку направил формула 1 за „секојдневна“ употреба, односно формула 1 во друмска изведба.
Концептот се „шеташе“ во Монте Карло, а моделот кој влегува во производство и продажба се „прошета“ на патеката пред трката за ГН на Абу Даби. Концептот воопшто не се разликува од производниот модел, нијанси се во прашање што се бројат на една рака. И сега сигурно ве интересира цената. Претходно мора да напомнеме дека Мерцедес во иднина ќе претставува посебни модели со името „митос“. Таа линија од ексклузивитет ќе ја има и во моделите со име Мајбах. Тоа значи дека таа линија „митос“ ќе биде нешто посебно, односно производството ќе биде ограничено на само неколку примероци. На пример, „мерцедес амг митос пјуар спид“ ќе биде произведен во 250 примероци, а вистинската цена ќе ја знаат само купувачите.