Неговото име е „мерцедес амг гт 63 с е перформанс“ и велат дека е најбрзиот досега направен „амг“ примерок. Како нема да биде кога од 0 до 100 км/ч потребни му се само 2,8 сек. И „осумката“ е тука во облик на V со двоен турбо полнач плус електромотор чија силина од, за него големи, 204 КС се пренесува само на задната оска преку дополнителен автоматизиран двостепен менувач. Оваа силина од електричниот мотор се вклучува кога се најпотребни, на пример кога возачот бара од купето да претекне некое возило пред него и слични мигови. Тогаш 204 КС се ставаат во употреба и заедно со тие 612 КС од турбо моторот, го лансираат купето до запрепастувачки 2,8 сек. до 100 км/ч. Таа силина е на располагање во релативно кус временски период. Овој систем е сличен на тој од формула 1, од каде води потекло. Батеријата може да се полни на брз полнач, дома на обичен приклучок и секако врз основа на обнова на кинетичката енергија, во миговите кога се употребуваат сопирачките. Вкупниот капацитет на батеријата е мал, само 6,1 kWh, но затоа нуди 204 КС. Само со употреба на електромоторот „мерцедес амг гт 63 с е перформанс“ изминува 13 км. За повеќе ќе мора да го разбуди ѕверот во себе, V осумката со силина од 612 коњи. Таа силина се пренесува на предната оска преку автоматскиот менувач „амг спидшифт мцт 9 г“ со девет брзини.
Иако е купе сепак во него има простор дури за четири лица, пардон, за 2+2, бидејќи тие седишта одзади служат само за во крајна нужда. За едно вакво купе производителот се определил купувањето да оди строго преку нарачка, а сето тоа ќе отпочне наесен. Цената е релативна работа, затоа што купувачот може да бира најразновидни нешта и да оди дотаму да ја скрои внатрешноста според своите желби.
Сето тоа се плаќа и затоа цената ќе биде малку повеќе променлива од примерок до примерок, но според прогнозерите, таа ќе се движи околу 250.000 евра. Крајната брзина не е електронски ограничена – купето постигнува 320 км/ч. Инаку брзинските способности на „мерцедес амг гт 63 с е перформанс“ беа прикажани пред трката во формула 1 во Шангај, која воедно беше и светска премиера.