Класика од лимузина во сопственост на Мерцедес, „е класа“, но не од тие обичните, секојдневните, туку во „амг“ изведба со погон на сите тркала, мотор со шест цилиндри во линија со 3,0 литри зафатнина и двоен турбо компресор. Сето ова е „врзано“ со 435 КС и максимален вртежен момент од 520 Нм. И кога на ова ќе додадете 4,4 секунди од 0 до 100 км/ч ви станува јасно со каков автомобил си имате работа.
„Амг спидшифт тцт 9“ ова чудо од менувачка кутија е одговорна за преносот на силината до сите четири тркала, односно не само на задната туку и на предната оска – автоматски менувач со речиси тркачки особини и девет брзини. Електрониката дава безброј комбинации и можности така што ако наидете на лизгава подлога, песок, вода, мраз, снег и слично, имате прилика да го одберете најбезбедниот начин на возење наречен „лизгав пат“ и тука менувачката кутија заедно со сите останати електроники, најдобро што можат го приспособуваат возењето кон условите на патот.
Потоа можете да ја одберете опцијата „комфорт“ или „спорт“ ако сакате малку оштро возење, а за повеќе адреналин и „нервозни“ потези на автомобилот, задолжена е опцијата „спорт +“.