АМГ, ознака за најагресивните „мерцедеси“, тие спортските со многу коњски сили. Во семејството на „ц“ класата пристигна токму тој примерок со ознака „амг“. И да, го нема популарниот V8, а како замена Мерцедес нуди 3,0 литарски мотор со шест цилиндри во линија. Со умерената хибридна 48 волтна технологија „мерцедес амг цле 53 4 матик+ купе“ поседува 450 КС и максимален вртежен момент од 560 Нм (или 600). Сета таа силина се пренесува на сите тркала преку амг менувачот со девет брзини наречен „спидшифт“. Ако возачот сака да се потпишува на асфалтот („дрфтинг“), тогаш го вклучува тој возен режим и силината се пренесува на задната оска. Само тогаш купето има пренос на силина на една оска. Кога веќе ги спомнавме режимите на возење, ред е да ги напишеме кои се: „лизгаво“, „удобно“, „спорт“ и „спорт +“. Крајната брзина од 250 км/ч е ограничена со помош на електрониката, но ако нарачате „возачки пакет“ („драјврс пекиџ“), тогаш брзинометарот застанува на бројката 270, а забрзувањето од 0 до 100 км/ч изнесува 4,2 сек.
Купето „цле“ е замена и за купето од „ц“ и за купето од „е“ класата, тоа значи дека добивате две во едно. Исто е и со изведбата „амг“, што е добар потег од страна на челниците. Со таа одлука Мерцедес заштедува и пари, и време, и труд. Не е баш домаќински во ова време да се конструираат два многу слични по димензии купе автомобили.
Сега сигурно ве интересира цената. Таа засега е непозната, а ако сакате да се запознаете со неа, увозникот ви стои на располагање.