MERCEDES-AMG C 63-И „АМГ“ И „ПЕРФОРМАНС“ И 680 КС

05/10/2022

Малку им било тоа „амг“, затоа го додале и зборот „перформанс“ поради убедливите 680 КС добиени од бензински мотор со четири цилиндри во линија.  Сега сигурно се прашувате каде е V осумката? Во претходниот модел е присутен, но за да намалат тежина, а да добијат на подвижност, конструкторите овој пат одлучиле една ѕверка да заменат со друга од четири цилиндри засилена со турбо полнач. Така е, но затоа претходникот има само 510 КС, а наследникот 680. Тие се во сопственост на бензинскиот мотор, 476 КС (при 6.725 врт/мин.) плус 204 добиени од електромоторот. Значи „мерцедес амг ц 63 се перформанс“ во себе има умерена хибридна технологија.

Тие 204 КС од електричниот погон можат максимално да се искористат само во рок од 10 секунди, односно да се измине некое растојание за што помалку време. При користењето на тие електрични 204 КС, секогаш делуваат во заедништво со останатата силина или вкупно 680 КС. Овој тип на хибриден погон е позајмен од болидите во формула 1. Ако автомобилот го возите исклучиво на електричен погон, тогаш ќе изминете само 13 км и притоа да постигнете крајна брзина од 125 км/ч. И сега да напоменеме, електричниот погон служи како надополнување на силината на бензинскиот мотор во рок од 10 секунди, на пример при претркување, или за постигнување молскавично забрзување од место. На „мерцедес амг ц 63 се перформанс“ потребни му се само 3,4 секунди од 0 до 100 км/ч, додека крајната брзина е фабрички ограничена на 250 км/ч.

Електрониката прави чуда – возачот може да избере еден од осумте режими на возење: електрик, комфорт, батери холд, спорт, спорт +, рејс, слипери и индивидуал. И тоа не е сѐ. Секој режим на работа си има свој посебен режим на подесување: на силината, потоа на управувањето, на обесувањето на тркалата и подесување на звукот. Ова последново со звукот сигурно вади најубав тон во режимите спорт, спорт + и рејс.

Толку многу силина, 476 КС да биде извадена од мотор со четири цилиндри во линија со вкупна работна зафатнина од само два литри, е навистина нешто посебно. Многу одамна Масерати вадеше голема силина од 2,0 литарски мотор (306 КС) со двоен турбо полнач, а денес тоа го прави Мерцедес, дури 476 КС, но со единечен турбо компресор и линиски мотор, а на V6 како што е случајот со „масерати гибли од 1995 год.

Малку е дискутабилна вкупната тежина која изнесува цели 2.111 кг, бројка која не доликува на една спортска лимузина. Покрај изразената спортска нота   „мерцедес амг ц 63 се перформанс“ има и многу луксуз, можеби претерано многу, а не треба да биде така, затоа што спортската нота оди заедно со спартанска опрема. „Ц“ касата има изведби каде луксузната опрема треба да доминира. Силината убаво е спакувана во агресивен дизајн, со спојлери и линии кои убаво го нагласуваат тоа „амг перформанс“. Наскоро треба да започне продажбата, но никаде не беше спомната цената. Затоа најдобро е заинтересираните да се обратат директно кај увозникот.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.