MERCEDES-AMG A45 S 4MATIC+ И CLA 45 S 4MATIC+ – ИНСТРУМЕНТИ ЗА ВРВНО ВОЗАЧКО ДОЖИВУВАЊЕ

18/07/2019

НАЈМОЌНИОТ СЕРИСКИ 2.0 ЛИТАРСКИ ТУРБО БЕНЗИНЕЦ НА СВЕТОТ НАВИЕН НА 421 КС, СПОРТСКИ ТЈУНИРАНАТА ШАСИЈА И ВАРИЈАБИЛНИОТ ПОГОНОТ НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА СО ПОСЕБЕН МОДУС DRIFT ВЕТУВААТ УЛТИМАТИВНА ЗАБАВА ЗАД ВОЛАН.

 

Одгледувачницата на змееви од Афалтербах, „Mercedes- AMG“ на писта испраќа две ламји кои кога ќе се притисне педалот за гас се претвораат во инструменти за ултимативно возачко доживување со секој одвозен метар. Станува збор за новата генерација на врелиот хечбек Mercedes-AMG A 45 S 4MATIC+ и неговата седан изведба CLA 45 S 4MATIC+. Две изведби со различна форма, но идентична содржина полна со беснотилак. 45-те на AMG се комплетно редизајнирани од моторот, преку шасијата до погонот, сѐ со цел да се подигне возната динамика и спортските перформанси до ниво кое досега беше незамисливо во сегментот на компактни спортски автомобили. Воедно AMG го зацврстува своето реноме како специјалист способен да ги создаде најмоќните и најдинамичките компактни спортисти, а со тоа ја нагласува важноста на овој специфичен сегмент.

НАЈМОЌНИОТ 2.0 ЛИТАРЕЦ НА СВЕТОТ

Комплетно новоконструираниот 2.0 литарски линиски четирицилиндарец веднаш се закитува со епитетот „Најмоќниот сериски 2.0 литарец на светот”. Инженерите на Mercedes- AMG успеале од 2.0 литарецот да извлечат максимални 421 КС, или 211 КС од литар зафатнина. Тоа е повеќе отколку што можат да се пофалат дури и некои извикани суперспортски модели. Моторот се склопува според принципот „Еден Човек, еден Мотор”, принцип кој функционира и кој ден денес се негува во AMG. Излеан од алуминиум моторот носи цилиндри преслечени со NANOSLIDE, технологија која го прави цилиндерот мазен како огледало за минимално триење меѓу клипот и сидот на цилиндерот. Развиена и заштитена со патент од Daimler AG оваа технологија се наоѓа и во моторите од Формула 1. Поставени се поголеми издувни вентили за побрз одвод на согорените гасови. Вбризгувањето на горивото е во две фази со што се подобрува одзивот при ниски вртежи и зголемува моќноста при високи. За да се намали триењето во турбо полначот и да се добие побрз одзив на педалот за гас првпат во индустријатра AMG користи тркалачки лежишта кои дозволуваат турбината лесно да достигне 169.000 min-1. Со нејзина срдечна помош 2.0 литарецот своите 421 КС ги истискува при 6750 min-1 и остварува вртежен момент од масивни 500 Nm кои стојат на располагање меѓу 5000 и 5250 min- 1. Максималниот број на вртежи што може да ги достигне моторот е 7200 min-1 по што се вклучува заштитата. Сето ова е доволно за вртоглави перформанси со спринт од место до 100 km/h за 3,9 секунди за А 45 S и 4,0 секунди за CLA 45 S, и максимална брзина електронски ограничена на 270 km/h.

ПОГОН НА ЧЕТИРИ ТРКАЛА СО МОДУС DRIFT

Моќноста која ја ослободува овој биковски силен мотор се испраќа до сите четири тркала преку автоматскиот менувач со две спојки и осум степени на пренос. Како моторот, така и менувачот е нов. Станува збор за AMG Speedshift DCT-8G кој според брзината на менување на степените лесно влегува во класата на спортски менувачи. Внимателно распоредените преносни односи му овозможуваат на возачот да го почувствува забрзувањето без задршка. Едноставно менувачот префрла така за моторот да може да влече, и влече со полна сила низ цел режим на работа. Нормално со користење на паметна управувачка електроника AMG Dynamic Select возачот може да го бира модусот на работа според своите афинитети. Секако тука е и неизбежното рачно менување на степените преку палки поставени зад волан. Ултимативниот модус е Race-Start кој дозволува максимално забрзување без губитоци од пролизгување. Овој модус е избор за сладокусци и дозволува во подмени да се одбере модусот Drift преку кого возачот може да ужива во контролирано пролизгување кога тоа го дозволуваат условите. Тогаш системот ESP се исклучува, а менувачот оди во рачно менување. Погонот е на четири тркала. Познатиот 4МATIC+ воведува уште една новина кај серијата 45. Имено задната оска добива две повеќеламелни спојки секоја задолжена за по едно погонско тркало. Овие две спојки дозволуваат рамномерна распределба на вртежниот момент меѓу предната и задната оска и меѓу тркалата на задната оска. На овој начин инженерите успеале да постигнат максимална тракција која е потребна за безбедност на пат и за вртоглави перформанси на писта.

ПРЕЦИЗНО ВОДЕЊЕ И СИЛНО СОПИРАЊЕ

Посебно развиеното управување со електромеханичка асистенција и варијабилен преносен однос кој се менува зависно од брзината, но и од избраниот модус. Во зависност од изборот на програмот возачот ќе добие стегнато управување со ултра брз одзив на волан и полно повратни информации од тркалата, или, пак, комфорно ориентирано управување со мек одзив кое не заморува кога се вози на долги рути или во градскиот метеж. За начинот на кој реагира управувањето е задолжен и системот за активна контрола на потпирањето. Адаптибилното потпирање има три модуси на работа од комфорно, преку спортско, до тркачко. И тоа допринесува за прецизното водење кое им дозволува на А 45 и CLA 45 да возат како по шини. Кусиот сопирачки пат и отпорноста на прегревање дури и на патека се должи на масивниот сопирачки апарат. Напред брзината ја голтаат вентилирани и бушени сопирачки дискови со димензии 360 х 36 mm кои ги зафаќаат фиксни шест клипни сопирачки клешти. Одзади работат дискови со димензии 330 х 22 mm и нив ги зафаќаат пливачки сопирачки клешти со еден клип. За повпечатлив визуелен настап сопирачките клешти се обоени во црвен боја и го носат логото на AMG и ѕиркаат низ бандажите од 19 инчи обуени во гуми 245/35 кај A 45 S 4MATIC+ и 255/35 кај CLA 45 S 4MATIC+.

ЗВУК КОЈ НАЕЖУВА

Покрај сите одлики на чистокрвно спортско грло и A 45 S 4MATIC+ и CLA 45 S 4MATIC+ имаат и соодветна звучна поддршка. Звукот кој доаѓа од четирите издувни цевки секоја со дијаметар од 90 mm е модулиран и зависи од избраниот модус на возење. Модулацијата е контролирана од клапна која автоматски се прилагодува зависно од бројот на вртежите на моторот и оптоварувањето за да се добие хармоничен и дискретен тон кога се вози во програмите: Slippery, Comfort и Sport, а при програмите: Sport+ и Race таа е комплетно отворена и тогаш контролираното брборење се претвора во вистинско крешендо кое наежува. Но, не е само звукот кој наежува. Mercedes-AMG A 45 S 4MATIC+ и неговата седан изведба CLA 45 S 4MATIC+ наежуваат и со визуелниот настап. Личат како да бришкаат 200 km/h дури и кога стојат. Најзаслужна за ваквиот лик е специфичната маска на AMG со 12 вертикално изведени пречки. Делува како челуст и совршено одговара со севкупниот дизајн на предницата кого го во AMG го нарекуваат нос на ајкула. Соодветно е дотерана и внатрешноста. Спортскиот луксуз е акцентиран со жолти линии на арматурата и седиштата од кожа кои, пак, се прошиени со жолт конец. Воланот има жолт белег на средина кој на патека му помага на возачот полесно да го забележува центарот, а хромираните детаљи го подигнуваат чувството на благородност очекувана во моделите на Mercedes-AMG. •

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.