MASERATI MCXTREM-МАСЕРАТИ ЕКСТРЕМНО СИЛНО ЈА ПОЧНА ГОДИНАВА

12/04/2024

Минатата година беше претставен со напомена дека годинава ќе биде подготвен да излезе на тркачка патека. Така планираа и така се случи, односно така работат во таборот на Масерати. Зборуваме за „мц екстрема“ тркачки модел изведен директно од серискиот модел „мц 20“. Штом е тркачка изведба тоа значи дека сѐ што е непотребно во купето е извадено и фрлено, како на пример клима уред, електрика на прозори, предни светла, совозачко седиште итн. „Осиромашениот“ со опрема „масерати мц екстрема“, тежи само 1.250 кг, односно за 250 кг помалку од серискиот „мц 20“ (1.500 кг). Така е тоа во светот на тркачките автомобили колку полесен, толку подобро.

Ќе бидат произведени само 62 примероци, односно првите веќе се влезени во производство со назнака од Масерати дека сите се веќе однапред распродадени. Сакаат луѓето да се тркаат со најснажниот досега направен Масерати (за ентузијасти). Тркачкото купе е задвижувано од добро познатата погонска единица на Масерати наречена „нетуно“. Има шест цилиндри во V со вкупна работна зафатнина од 3,0 л и двоен турбо полнач со чија помош моторот развива 740 КС. Сета силина од централно сместениот мотор се пренесува на задните тркала преку секвенцијален мануелен менувач со шест брзини. Овој вид менувач е типичен за тркачките автомобили, бидејќи нема синхрони и е далеку побрз при менувањето брзини од традиционалниот со синхрони. Покрај овој менувач, „масерати мц екстрема“ има подесувачки стабилизатори и амортизери, карбонско керамички сопирачки од марката Брембо, 18 инчни тркала, подесувачки анти блок систем и контрола на контактот помеѓу пневматикот и асфалтот, самоблокирачки диференцијал, 120 литарски резервоар и безбедносни ремени во шест точки (во сериските автомобили ремените го држат телото во три точки).

Овој тркач е всушност наменет за ентузијасти, тие што сакаат да возат трки, но не можат да влезат во тимовите бидејќи немаат возачки квалитети како што имаат на пример сите други професионалци кои заработуваат од трките. За луѓе кои за време на викендите ќе се соберат некаде и ќе извозат некој круг на тркачките патеки. Се разбира покрај тие 1,5 милиони евра што треба да ги одвојат за купување на „масерати“, ќе добијат и соодветна обука, затоа што чистокрвен тркачки автомобил е сосема нешто друго од гран туризмо автомобил.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ