MASERATI MCPURA-СТАСА ЗАМЕНАТА ЗА „МЦ 20“

30/07/2025

Гудвуд фестивалот на брзината годинава се одржа од 10 до 13 јули, а таму посетителите имаа што да видат. Како што некогаш имаше „Бал на вода“, односно „Кога е бал нека е маскенбал“, ваму во Гудвуд приказната беше „Рај за очи и душа“. Тоа е така за тие што се затрескани во автомобилите, а лекот за нив е спомнатата манифестација или некоја слична на неа. Таму Масерати за првпат го претстави своето ново купе „мц пура“, наследникот на добро познатото купе во заминување, „мц 20“.

Новото купе е расно тркачко грло, во себе има V6 мотор со работна зафатнина од 3,0 литри, двоен турбо полнач и осум степен пренос со двојна спојка. Сето спомнато е способно да произведе 630 метални коњи, а со нив купето постигнува крајна брзина од 325 км/ч а од 0 до 100 км/ч потребну му се само 2,9 секунди. Волшебство на тркала високо само 122 см, широко 197 см и долго 467 см.

За тие што сакаат да го возат „масерати мц пура“ во сончевите предели на планетава, производителот подготвил и отворена изведба именувана како „сиело“ што во превод од италијански на македонски е „небо“. Покривот се отвора и затвора автоматски и тоа за време од само 12 секунди, а за романтичарите има и стаклен покрив. И да потсетиме оваа изведба малку потсетува на „тарга“ концепцијата, така што раскошот е уште поубедлив.

И покрај сите напори што ги прави Масерати, неговата иднина е неизвесна. Работите тргнаа по надолна линија во последниве 15 – 20 месеци. Сѐ беше во ред, но сега марката Масерати создава проблеми во кружокот Стелантис. Една марка која е родена од трките и зад себе има долга и „тешка“ историја, можно е да настрада и да излезе од игра. Се надеваме дека до такво нешто нема да дојде.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.