MASERATI GT2 STRADALE-ЗА СЕКОЈДНЕВНА УПОТРЕБА, НЕ Е ЗА ТРКИ

03/09/2024

Автомобилската куќа на браќата Масерати отсекогаш била привлечна за љубителите на четирите тркала. Затоа што тие умееле да направат врвни спортски купиња, но и лимузини, што е невообичаено за ваквите работилници. Единствените од тоа друштво кои прават исклучиво спортски купе автомобили и лимузини се: Масерати, Бентли и Јагуар, а сега во поново време им се приклучи и Порше со „панамерата“.

Сега на ред е супер купе, именувано како „гт 2 страдале“. Не е наменето за трки, туку за секојдневна употреба. Ако не е за трки тоа не значи дека е од тие „тромите“, сепак носи ознака „гран туризмо 2“ плус „страдале“. Тоа „гт 2“ кажува дека купето има корени од тие подготвени за трки. Подвозјето е како за на трки, но внатрешноста е удобна со седишта кои го прават спортското возење повеќе од уживање. Така велат конструкторите.

„Нетуно“ е сместен зад седиштата во конфигурација 3,0 л зафатнина распределени во шест цилиндри, три од една и три од друга страна, односно во V. Со двојниот турбо полнач „гт 2 страдале“ развива 640 КС 730 Нм вртежен момент. Силината од моторот се пренесува на задната оска преку менувач со осум преноси и двојна спојка. Постигнува максимални 323 км/ч а од 0 до 100 км/ч забрзува за 3,2 сек. Некогаш 300 до 350 КС беа горната граница за ваквите автомобили, а денес 600 КС е појдовната граница. Сепак да не претеруваме со желбите затоа што до вчера, а и денес, еден куп тркачки автомобили имаа по 650 КС. И ако некој умее да вози автомобил со 650 КС слободно нека се јави, со исклучок на тркачите кои умеат да се справат со крајните брзини. Сепак 650 КС се дури и премногу за обичниот човек. За ваквите треба и посебна возачка дозвола – такво нешто треба да се воведе.

Производителот не наведува датум на почетокот на продажбата, а засега не ја соопшти ни цената.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ