Новиот „марути сузуки балено“ минатиот месец имаше своја светска премиера. Не Сузуки, туку испоставата во Индија, Марути, го лансираше новиот модел, односно како што велат од фабриката ова е редизајн, обновување на моделот. Обновување, но сè е сменето. Не знае човек како да го окарактеризира потегот на производителот, затоа што многу нешта се сменети. Ова е речиси сосема нов модел, а не редизајн на постоечката генерација.
Новиот „балено“ во секој поглед е поинаков од досегашната генерација и по опрема и по изглед како надворешен така и внатрешен, по димензии и по што уште не. Неговите димензии се следниве, должина 3.990 (3.971) мм, ширина 1.745, (1.682) и 1.500 (1.469) мм висина со меѓуоскино растојание од 2.520 (2.469) мм, а во заградите се димензиите на досегашниот модел. Како што приметувате обновениот „балено има поголемо растојание меѓу оските за цели пет сантиметри што е за пофалба. Новата внатрешност, од седишта, од табла со инструменти, од управувачко тркало, од материјалите, сè е ново. Надворешниот дизајн, исто така, претрпел многу измени, а купувачите ќе имаат прилика да бираат и повеќе бои, но и опрема. Според димензиите моделот „балено“ спаѓа во сегментот „б“, односно ниската средна класа. Според тоа „марути сузуки балено“ ќе биде конкурент на сите автомобили од класата, на пример: „пежо 208“, „тојота јарис“, „рено клио“, „олеп корса“, „фолксваген поло“ итн.
На почетокот ќе се вградува четири цилиндричен линиски 1,2 литарски турбо мотор со 90 КС и вграден стартер генератор (умерен хибрид), а подоцна ќе се вградуваат и други мотори во зависност од Сузуки и пазарите каде се продава моделот „балено“, односно во зависност од побарувачката и исплатливоста на истата. На почетокот моделот ќе се продава во Индија и околината, затоа што е наменет за тој пазар, а останатиот свет ќе почека.
Жарко Атанасоски