Кога пред неполна деценија најавија големо враќање на Лотус со дури пет нови модели, светот беше пријатно изненаден и сите беа во исчекување: Беше најавено производство и на купе лимузина, во тоа време некако зачестија најавите со купе лимузините, особено во редовите на производителите познати по сурови спортски автомобили, но не и лимузини. Лотусовите планови пропаднаа во вода, а тогашниот директор Дани Бахар беше набркан од компанијата. Оттогаш ништо не се слушна за Лотус, освен некои ситни збиднувања кои ни од блиску не наговестуваа некаква иднина. Таквиот тренд продолжи сè до 2017 година кога кинескиот автомобилски концерн „Гили“ го купи Лотус од малезиската компанија. И повторно молк.
Најбрзорастечката автомобилска компанија која во своето јато го има Волво, а ја подигна и луксузната марка Полстер, сигурно има сериозни намери со марката позната во светот по своите врвни шасии и лесни возила. Сепак се шират некои гласини, како да ќе се тргне во „напад“ со Лотус и тоа не било каков туку напад со сув возило. Лотус и сув, ова едно со друго не оди, такви се сегашниве движења во индустријата на четири тркала, сите производители на купе спортски автомобили почнаа да претставуваат сув возила. Кинескиот магнат подготвува нешто, а што точно наскоро ќе дознаеме. На фотографите е прикажан концептот „лотус есприт“ од 2010 година кој малезиската компанија со голема помпа го најави, но никогаш не пристигна во производните хали.