LOTUS EMEYA-„ЕМЕЈА“ ИМА ПЕТ ВРАТИ

12/09/2023

И тоа се случи. Еден од најсуровите претставници на купе обликот (две седишта и две врати) отсега натаму во својата гама „вдоми“ и лимузина.

На 7 септември во Њујорк светската јавност за првпат го виде најновиот лотусов модел и тоа не било кој туку со пет врати. Којзнае „што му текна“ на Лотус да прави лимузина. Истото прашање можеме да го поставиме и за сув моделот „елетра“. Таа иста „грешка“ ја направи и Ферари со „пуросанжот“. Е сега, дали е грешка или „грешка“ тоа допрва ќе видиме. Лимузината носи име „емеја“ и многу наликува на сув моделот „елетре“, односно малку сплескана и издолжена „електра(е)“ е еднаква на „емеја“. Тоа и не е така лошо, напротив, сите производители тежнеат сите модели да имаат сличен дизајн, таа препознатлива линија да се пронижува во сите модели.

Идејата за лимузина во семејството Лотус излезе на виделина пред околу 15 год. Тогашниот сопственик прикажа концепт лимузина „етерне“ во 2010 год. на Салонот за автомобили во Париз. Сегашнава лимузина е од највисок ранг и ги поседува следниве димензии, должина 4.826 мм, ширина 1.905, висина 1.397 мм и растојание меѓу оските од 2921 мм. Независно обесените тркала заедно со воздушната амортизација, а потпомогнати од сензорите, будно ја пратат конфигурацијата на подлогата, начиноти ритамот на возењето. Сето тоа придонесува за беспрекорно удобно и безбедно возење, како да лебди. Два електромотори, по еден за секоја оска, со силина која овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 2,8 секунди и крајна брзина од 250 км/ч.

Со едно полнење на 112 kWh батерија, лимузината изминува околу 500 км. Нов сопственик и нова стратегија. Кинескиот автомобилски гигант Гили е главниот и сега тој ги крои плановите за иднината, како на пример, за годинава подготвува купе со четири врати (тип 133), за 2025 во план е сув од сегментот „д“ (тип 134) и за 2026 најавува класично купе (тип 135). И планот е од сегашните 1.500 примероци Лотус да произведува 150.000 автомобили годишно.

Ова воопшто не е стратегијата на основачот Колин Чепмен, но така зацртале челниците, а до каде ќе стасаат, тоа ќе го дознаеме по околу 10 години. Иако автомобилот располага со 918 КС (675 kW) сепак 2,5 тони тежина се премногу. Сепак, тоа е само електричен автомобил, а тие се такви по природа, премногу тешки. Испораката на првите примероци ќе започне следната година, а производството ќе се одвива во ново отворената фабрика во Вухан, Кина. Сега,можеби некој ќе додаде, „Лотус имал лимузина уште пред 30 и повеќе години.“ Да така е, но не е точно. Тоа е „опел омега“ доработена (фризирана) од Лотус, а лимузината е именувана како „опел лотус омега“, односно „воксал лотускарлтон“. Тоа значи дека Лотус не e производител на лимузината.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ